Насловна / Вести / „Докажани професионалци“ ослободени од одговорност

„Докажани професионалци“ ослободени од одговорност

Деновиве во мноштвото несреќи и скандали кои веќе „морничаво“ мирно ги прифаќаме (речиси целосното отсуство на било каков протест и искажан став, првенствено од страна на струката и експертите), јавноста се забавува со назначувањето на еден хармоникаш кој инаку бил и машински инженер, за директор на РЕК Битола. Истиот тој, претходно кратко бил на позицијата директор на термоелектраната Битола, и тоа во периодот кога се случува една сериозна хаварија на енергетски трансформатор. Според пишувањата по медиумите веројатно неговото вкупно искуство воопшто во енергетскиот сектор, односно во РЕК Битола не е подолго од неколку години. Но, затоа тој самоуверено вели „јас можам да работам било што, ајде другите нека свират некој инструмент“. Ете, токму поради тоа што е сестран, за почеток мора да одговори зошто од позиција директор на термоелектрана Битола, дозволил пуштање на работа на трансформатор, за кој од фотографија објавена во јавноста дознавме дека и претходно бил во дефект и дека стручните служби укажале на „постоење висок ризик од пробивање на проводен изолатор“?

rek-bitola-transformator

Ете се пушта во работа, и се случува хаварија чија штета е двојна – прво, самата цена на чинење на енергетскиот трансформатор, а второ  (многу посериозна штета) месеци загубено производство во услови на енергетска криза. Досега никој ниту одговара, ниту појаснува кои биле причините за хаваријата. А, да, освен штурото официјално соопштение од ЕСМ дека “дошол висок напон од мрежата“.

Што се однесува до проводните изолатори, како посебен елемент од енергетските трансформатори, нивната хаварија може да предизвика сериозни оштетувања, па дури и целосно уништување на трансформаторот. Затоа, од особено значење е превентивната контрола и испитување, со цел навремено откривање на проблемите и дефектите во проводните изолатори. Токму затоа, јасно е дека сомневањата во исправноста и ризикот на кои е укажано во известувањето до раководството, не се декларирани „од ракав“ туку врз основа на соодветни показатели, но и прецизно квантифицирани параметри кои се резултат на следните пропишани испитувања, задолжителни за проводните изолатори во одредени временски интервали:

– Визуелна контрола – откривање на механички оштетувања, течење на масло, проверка на нивото на масло, површинска загаденост;

– Контрола на притисокот – следење на промената на притисокот во проводниот изолатор поради течење на масло или појава на гасови од             оштетување на изолацијата;

– Мерење на tgδ – влошување поради навлажнување, стареење, делимичен пробој помеѓу екраните за обликување на полето, прекин на врските на екраните со мерениот приклучок (заземјувањето);

– Акустична контрола (ултразвук или чуен шум) при појава на електрични празнења;

– Термовизија – во случај на засилено загревање на проводниот изолатор поради зголемен преоден отпор на долниот или горниот контакт, загуба на масло, зголемени диелектрични загуби;

-Мерење на омските отпори – при зголемен преодоен отпор на местото на приклучување на проводниот изолатор со изводот од намотката

– Гасна хроматографија

Кога последен пат се направени овие проверки и кои се резултатите? Кои ги вршел испитувањата? Ако резултатите укажувале на неопходна замена на проводните изолатори (согласно критериумите пропишани со IEC 60137 Insulated bushings for alternating voltages above 1000 V), зошто тоа не било сторено?

рек-битола-1

рек-битола-2

Да почнеме конечно да ги лоцираме грешките. За да работиме подобро и за да спречиме истото повторно да се случи.  Да почнеме да бараме одговори, затоа што сите ние како општество ја плаќаме цената – некогаш за среќа само материјална, а во последно време за жал неретко и со човечки животи. Ако се решеше Ласкарци, можеби немаше да се случи „Беса Транс“. А во меѓувреме, додека сето ова ни се случува, многумина на одговорни позиции се расфрлаат со термините „професионалец“ и „експерт“. Вистинските професионалци имаат доблест и да понесат одговорност, да ги признаат и посочат грешките. Во спротивно грешките ќе се повторуваат одново и одново.

Испрати коментар

Scroll To Top