Насловна / Вести / Дојранското Езеро „се дави“ и со вода и без неа

Дојранското Езеро „се дави“ и со вода и без неа

Едно од најпопуларните летни одморалишта на југот од Македонија, Дојран, секоја сезона се соочува со проблеми со водата во езерото. Без разлика дали е повлечено или надојдено езерото и целиот жив свет во него претрпуваат водни шокови.

Претходните години Дојранското Езеро кубуреше со вода и се повлекуваше на голема жалост на повеќето граѓани кои одеа таму заради лековитоста на алгите, но оваа туристичка сезона езерото ја дочека со премногу вода. Од обилните врнежи на дожд, во последниот месец, водата во езерото ја надмина максимално дозволената граница и се излеа на пешачките патеки и плажите. Но, надојдената вода сепак е во границите како што некогаш езерото било. Дојранското Езеро било да има малку вода или многу тоа сепак „се дави“ во проблемите.

Dojran_lake_resize

Промената на нивото на водостојот веќе предизвикала промени на биодиверзитетот што е покажано во истражување од пред две години. Дали атмосферската вода, која го преполни езерото во изминатиот месец ќе ги потхрани алгите, рибите и другиот жив свет или пак ќе ги уништи, како промената на температурата на водата ќе влијае на нив и што е тоа што треба да се преземе. Ова се прашањата за кои баравме одговор, а експертите коишто ги консултиравме рекоа дека оваа проблематика многу малку е истражувана, иако е особено важна. Уште повеќе што со оглед на хидролошките услови и на начинот на управувањето со езерото, постои веројатност дека високиот водостој нема да биде инцидентен само годинава.

Општинските власти смируваат дека состојбата е нормализирана и дека нема да има последици врз живиот свет.

Dojran_Lake1_resize

„Се преземаат сите потребни активности за заштита на живиот свет во езерото. Свесни сме за неговото значење и нема да дозволиме да претрпи последици. Имаме потпишано Меморандум за соработка со Регионалниот центар за животна средина кој предвидува воспоставување на стратешка соработка за спроведување на проекти за вреднување на екосистемските услуги и поттикнување на одржливи практики за рибарство и туризам“, вели градоначалникот на Дојран, Анго Ангов. Тој додава дека Дојранско Езеро е заштитено подрачје, односно е прогласено за споменик на природата во 2011 година и самото тоа носи големи обврски и одговорности.

„Имаме прекуграничен проект со Грција за каналот за испуст на езерото што се наоѓа на нивна страна. Апликацијата е прифатена, средствата се одобрени, но сè уште немаме ништо потпишано за официјално отпочнување со негова реализација. Во случајот се чека на грчка страна. Со чистење на овој канал и негово ставање во функција повеќе нема да има проблеми“, додава Ангов.

Dojran_lake2_resize

Дека промената со нивото на вода во Дојранското Езеро не би требало да предизвика проблеми во живиот свет потврдува Милена Манова-Илиќ од Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ). „Напливот на вода може само позитивно да влијае на живиот свет затоа што ќе има повеќе кислород. Во услови на намален кислород (анаеробни услови) доаѓа до полесно угинување на живиот свет во Езерото, за сметка на што се создаваат услови за развој на синозелени алги и појава на т.н. алгален блум. Но, сепак за да кажеме како овој наплив на вода ќе делува врз алгите ќе мора да почекаме до крајот на август и почетокот на септември. Во овој период  има алгален блум, односно создавање на повеќе алги, па ќе знаеме дали намаленото количество кислород ќе доведе до зголемена појава на алги“, објаснува Манова-Илиќ.

Дојран_resize

Последните истражувања на Дојранското Езеро се правени во 2015 и 2016 година, кога студенти и професори од Природно-математичкиот факултет и од Институтот за биологија го истражуваа езерото во рамките на проектот на РЕЦ. Истражувањата покажале дека во последните години е изменет составот на езерскиот жив свет, а одредени видови алги драстично се размножуваат и со својата покривка го отежнуваат продорот на свеж кислород, додека нивната отровност е резултат на тоа што се хранат со отпадните материи и хемикалиите. Тие се причина и за таканаречената еутрофикација на езерото. Во поглед на надојдената вода во езерото и нејзиното влијание врз живиот свет, професорот Светислав Крстиќ од Институтот за биологија при ПМФ објаснува дека езерото има своја динамика и дека тоа се природни циклуси кои секогаш ги има. „Живиот свет којшто го има во езерото е адаптиран на природните циклуси кои секогаш се случуваат и без разлика дали температурата на водата е повисока или поника тие се развиваат. Алгите се развиваат во текот на целата година. Природните услови не делуваат на живиот свет, човечките активности се тие што му наштетуваат“, вели Крстиќ. Надојдената вода, објаснува Крстиќ, има свое добро и лошо влијание. Но, сепак за живиот свет е подобро да има повеќе вода. Сепак, додава тој, за сите прашања околу Дојранското Езеро треба да се направи една студија и во неа сè да се објасни. Треба да се укаже што се навистина алгите во ова езеро и дека тие не се корисни како што повеќето мислат. Тие се резултат на една биолошка состојба и се токсични.

Врз живиот свет во езерото влијание има имаат и физичко-хемиските параметри. Последните анализи на Институтот за јавно здравје во Велес покажуваат дека водата во Дојранското Езеро е исправна за капење и рекреација. Според последните извештаи од тестирањата на здравствената безбедност на водата од Дојранското Езеро, примероци биле земени од три градски плажи и е докажано дека водата на сите мерни места е во одлична состојба и истата може да се користи за капење и рекреација на луѓето.
„Од почетокот на летото ова е второ тестирање на езерската вода со сосема исти резултати кои ја истакнуваат нејзината одлична состојба и покажуваат параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето“, наведено е во стручното мислење од Институтот за јавно здравје во Велес. Резултатите покажале дека водата во Дојранското Езеро отстапува од бараната втора класа само по матност, сув остаток на филтрирана вода, амонијак и сатурација, што се параметри кои не се одразуваат штетно врз здравјето на луѓето. Но, професорот Крстиќ не се согласува со овие резултати. „Сите наши резултати покажуваат дека водата во езерото не е добра, како што и алгите во неа не се корисни и се токсични. Но, досега само пред две години имаше воведено забрана за капење и езерото беше затворено. Доколку нашите резултати ѝ ги покажеме на светската јавност ќе има забуна како езерото не е забрането и затворено“, нагласува Крстиќ.

Дојран1_resize

Според професор Крстиќ, за да почне полека да се подобрува состојбата, неопходен е квалитетен мониторинг на езерото и донесување на план за управување со него затоа што судбината на Дојранското Езеро е особено важна.

Дојранското Езеро со одликува со голема содржина на хранливи материи. Животинскиот свет е претставен од безрбетници како сунѓери, црви, мекотели, членконоги, инсекти. Од претставници на ’рбетниците има риби, водоземци, влекачи, птици и цицачи. Во Дојранското Езеро регистрирани се 12 фаунистички ендемити. Од 15 видови риби, еден вид претставува локален ендемит. Некои безрбетници како вилинските коњчиња и неколку видови птици, се наоѓаат на листата на CORINE.

Инаку, Општина Дојран во соработка со РЕЦ и УНДП почна да реализира проекти за заштита на Дојранското Езеро и неговиот екосистем. Меѓу добитниците на осумте големи грантови од Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја е и Општина Дојран.
Грантот кој Дојран го доби изнесува 350 илјади долари и со тие средства ќе се спроведат низа активности во насока на заштита на Дојранското Езеро.
Исто така, Општина Дојран доби и грант од Министерството за животна средина во висина од два милиони денари за изработка на студијата за валоризација која претставува отскочна штица за сите понатамошни дејствија во насока на заштита на езерото.

Одговорите на прашањата на соговорниците се спротивставени, па останува отворено прашањето до кога јавноста ќе чека конкретни и вистински информации околу квалитетот на водата во Дојранското Езеро. Иако, истражувањата бараат средства за да бидат реализирани, сепак се неопходни затоа што јавноста заслужува да знае дали водата е вистински исправна за капење и дали алгите се лековити како што години наназад се сметаше. Не е потребно кај јавноста да се крева паника околу исправноста на алгите, само е неопходна поголема едукација. Експертите се тие кои треба да го имаат крајниот збор, но властите треба да им овозможат да си ја работат својата работа и да истражуваат. Отворање на каналот во Грција и испуштање на водата е повеќе од потребна. Крајно време е Дојран да почне да ја живее туристичката сезона и да не „се дави“ во своите проблеми.

Испрати коментар

Scroll To Top