Синоќа во Скопје беше затворено овогодишното Биенале на македонската архитектура – БИМАС 2016. Жирито ги прогласи наградените, но тој чин мина и со јавно одбивање на награда од некои од добитниците.
„Осумнаесетото по ред биенале на македонската архитектура – БИМАС 2016, имаше за цел да отвори дебата и да провоцира размислување за состојбата во која се наоѓа македонската архитектура денес, и се надевам успеа во тоа“, рече на затворањето Бојан Каранаков, претседател на организациониот одбор на БИМАС 2016. „Свесни дека архитектите веќе не можат во потполност да се справат со комплексноста на денешницата и сите процеси кои влијаат на архитектонската продукција користејќи се единствено со класичните медиуми на нивното дејствување т.е. архитектонскиот проект и изградениот објект, организаторите на БИМАС 2016 вложија напор да ги направат границите помеѓу архитектурата, уметноста и општествените науки за една нијанса попорозни“, изјави Каранаков.
Поучени од искуствата од претходните биеналиња на македонската архитектура, а во контекст на главната тема на БИМАС 2016 „РЕЦИКЛИРАНА АРХИТЕКТУРА“, организаторите одлучиле да го преобмислат целиот концепт на изложба, изложбен простор, простор за предавање, каталог, публикација и промоција; да го преиспитаат ставот кон јавното и приватното, академското и професионалното, полното и празното, запомнетото и заборавеното, населеното и напуштеното…, а со тоа да се излезе од комфорот на вообичаеното. Па затоа е направен обид во неколку наврати, со дополнителни цврсто тематски дефинирани содржини (изложби, предавања и промоции) стратешки позиционирани во просторот каде се наоѓа изложбата БИМАС 2016, да се вратат посетителите во просторот во кој се наоѓаат изложените трудови и со нив да се дооформи и комплетира изложбената поставка.
Значаен настан во рамки на БИМАС 2016 беше и проектот „РЕЦИКЛИРАН ГРАД“. Тоа е мрежа од архитектонско-уметнички интервенции, изложби и промоции од неколку повикани архитекти и проектантски бироа, во градот Скопје, на места кои се трансформирани или имаат потенцијал да бидат трансформирани преку креативно приспособување и пренамена, проследен со автобуска тура за посетителите на биеналето. Овој проект имаше за цел преку малите, но моќни просторни интервенции и презентации од нивните автори, да предочи одредени феномени, процеси и состојби битни за состојбите во кои се наоѓа македонската современа архитектура, повторно поврзани со главната тема на биеналето.
Секако, мора да се спомене и биеналето на студентите по архитектура БИСТА 2016, на кое учествуваа четири факултети за архитектура од Македонија со свои изложби поставени во мултимедијалниот центар Мала станица. При организација на овој настан, како навраќање на една стара идеја и практика од минатото, е реафирмиран анонимниот студентски конкурс за графичко решение за официјален постер на БИСТА 2016 за студентите од факултетите учесници. Жири-комисијата за доделување на награди на 18-то Биенале на македонската архитектура, беше составена од архитектите: Мирослав Грчев, претседател на комисијата, и членови: Владимир Пота, Владимир Десков, Невена Георгиевска, Дејан Секуловски, Дамјан Цингарски и Фросина Зафировска како надворешен член.
Извештајот на Комисијата го образложи Мирослав Грчев. Тој истакна дека, „членовите на комисијата за доделување на награди на 18-иот БИМАС, како и сите архитекти членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, учесници и организатори на оваа биенална архитектонска смотра, се соочија со последиците што едно тешко и контроверзно време за македонската архитектура ги остава на архитектонската и градителската дејност, нејзиното место и значење за општествената реализација, како и за тешкотиите што еснафот ги има во одржувањето на стручната автономија и на посебноста на современиот архитектонски јазик и ликовните архитектонски изразни средства“. Грчев нагласи дека економската рецесија неминовно влијаеше на намалувањето на архитектонската и градителската продукција, што видливо го намали и бројот на учесници на Биеналето. „Колку и да не ѝ прилега на оваа пригода – свечениот ден од нашата манифестација – не е можно да не ја спомнеме и општествената контроверза во чијашто сенка се одвиваат нашите професионални животи, севкупната архитектонска продукција и, конечно, оваа архитектонска смотра: тоа е непринципиелниот упад на македонската влада во автономијата и слободата на архитектонското творештво, искажано во сите владини јавни градителски инвестиции во центарот на Скопје“, рече тој.
Сепак, и покрај неповолните општествени влијанија, на големо задоволство на Комисијата за доделување на награди на 18-тото Биенале на македонската архитектура, заклучено е дека и во овие исклучително тешки околности, без преседан во нашата историја, македонските архитекти – учесниците на БИМАС, успеаја да остварат вредни архитектонски дела, од кои зрачи самосвојноста на архитектонското знаење и стручност, како и строгоста, достоинството и имагинативноста на архитектонскиот израз.
НАГРАДИ
1. Голема награда на 18. БИМАС за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите – архитекти Минас Бакалчев, Саша Тасиќ, Гордан Петров и Александар Петановски, за објектот Тренинг центар ФК Вардар, за рационалниот и воздржан архитектонски израз, еден вид дисциплинарен аскетизам со кој е на високопрефинет начин афирмирано Мисовото минималистичко архитектонско кредо „помалку е повеќе“.
2. Специјална награда за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите – архитекти Maртин Пановски, Јана Гугуловска, Душица Диновска, Александар Наумчески, со соработниците – архитекти Тијана Каевска и Ана Урумовска, за објектот Управна зграда на ПроКредит банка во Скопје, за исклучително економичниот и хуман пристап во обликувањето на архитектонските простори на објектот, како волумени кои се прелеваат меѓусебе создавајќи топла и прифатлива спојка помеѓу формата и функцијата.
3. Специјална награда за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите – архитекти Димитар Папастеревски, Езерка Папастеревска, Борка Стрезовска, со соработниците Соња Наковска и Тони Арангеловски, за индивидуален станбен објект во Козле, Скопје, за иновативноста и архитектонското мајсторство во решавањето на влезни простори, комуникациите и конекцијата помеѓу надворешноста и внатрешноста на најмногу решаваниот градителски проблем на светот – куќата за домување.
4. Награда за проект од областа на архитектурата се доделува на авторот – архитект Даниела Хаџиќ, за проектот семејна куќа „Фузија“ во Ѓорче Петров, Скопје, за ретката архитектонска вештина со едноставни елементи во иклучително скромни материјални и димензионални рамки да се создава висока архитектонска вредност и хуман простор за домување.
5. Награда за релизирана внатрешна архитектура – ентериер им се доделува на авторот – архитект Андријана Савиќ, со соработниците – архитекти Даница Спасевска и Иван Белески за Инфо пулт, за исклучително ефектно архитектонско обликување на дел од еден огромен ентериер – еден агол во својство на атрактор со автономна кристална геометрија и ненаметлив монохроматски шарм, што многу ја прераснува својата намена и размера.
6. Награда за реализиран индустриски дизајн не се доделува, поради отсуство на пријавени трудови во оваа категорија.
7. Награда за урбанистички план или проект не се доделува, поради отсуство на трудови во оваа категорија.
„Радиус архитекти“ ја одбија наградата
На одлуката на жири-комисијата јавно регаираше Мартин Пановски од архитектонското студио „Радиус архитекти“, кои добија специјална награда. „Од името на Радиус архитекти се заблагодарувам на оваа награда која, според нас треба да се доделува за дела кои вообичаено се со експеримантален карактер. Со оглед на тоа што нашиот изведен проект „Прокредит банка“ не се вклопува во овој контекст, би сакал да нагласам дека оваа награда како некое утешено признание за нашиот проект не можеме да ја прифатиме. Во оваа пригода би сакал да предложам вакви компромисни решенија, кои станаа практика на биеналето да не бидат практика и на следните биеналиња. Нека има здрава и остра конкуренција и само на тој начин архитектурата ќе ја издигнеме на потребното ниво“, истакна Пановски.
Ракавицата е фрлена
По реакцијата на Пановски, се обрати претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ. „Мораме да признаеме дека никому не е пријатно, веројатно најмалку мене, и признавам дека остана горчлив вкус и долго ќе остане кај сите нас. Сакам да напоменам дека комисија е исклучително тешко да се формира, многу потешко што изгледа на прв поглед. Комисијата е составена со многу внимание и од квалитетни претставници. Како претседател на ААМ немам право да се мешам во работата на комисијата, нејзините одлуки се независни и легитимни. Но, како претседател имам право да реагирам, бидејќи се чувствувам и лично виновна. Функцијата претседател не е привилегија, туку е одговорност и борба за квалитетна архитектура. Мене ми е многу жал што ова се случи, но не ме изненадува, дури сум изненадена како не се случи и порано“.
Според неа, расправи се случувале многу пати до сега, но за првпат јавно и отворено. „Ние, за жал, не успеавме да излеземе од маѓепсаниот круг на многу теорија, а малку практика. Се прашувам да не сме поделени во некакви два света кои не сакаат да знаат еден за друг. Утешните награди некогаш се и навреда, затоа треба да се биде многу внимателен. Мислам дека колегите така се чувствуваат, јас го поддржувам нивниот став, бидејќи очигледно е дека со сила не може да се даде, но може да се земе. Бидејќи на квалитетните објекти не им е потребна награда за да опстојат на сцената, времето тоа ќе го покаже. Не ретко ни се случувале награди на објекти кои никој веќе не ги памети“, рече Раѓеновиќ.
Таа додаде: „Не се работи за наградување, се работи за нашиот чесен и професионален однос кон колегите што дневно се занимаваат со проектирање, особено во услови кога да се живее од архитектура и за архитектура се две работи кои немаат врска една со друга. Од наградите поважна е архитектурата и ААМ. Поради манипулации членството ни се осипува. Сѐ помалиот број на трудови на БИМАС е резултат на општата состојба, но е резултат и на нашиот критериум за наградување, кој не ретко е и субјективен, а критериумот во архитектурата мора да биде универзален. Ракавицата е фрлена. Од нас зависи дали ќе се избориме со состојбата во која самите упаднавме. Не предизвикана од ништо друго, единствено од манипулации и многу теории за квалитетна архитектура, а малку практика и вистински проектанти. Сѐ што ни се случи и случува, јасно е дека не е случајно“.
Фото: Ангел Ситновски