Нови 50 семејствa од општина Кисела Вода ја искористија можноста да се стекнат со правна и легална сопственост на своите домови.
Во големата сала на општината, денеска градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ им ги додели решенијата за легализација на бесправно изградените објекти, нагласувајќи дека спроведените мерки на локалната самоуправа за забрзување на темпото на решавање на предметите ги даваат очекуваните ефекти.
„Напорите што ние, како локална самоуправа, ги вложуваме за забрзано решавање на пристигнатите предмети, даваат резултати. Само на кратко, ќе потсетам дека кадровски и технички го доекипиравме Одделението за легализација на дивоградби, го зголемивме бројот на комисии кои излегуваат на терен, а воведовме и практика за делење на решенија на неделно ниво. По спроведените мерки, во изминатите неколку месеци доделуваме во просек по околу 40-ина решенија за легализација неделно“, истакна Беличанец-Алексиќ.
Со денешното јавно доделување на решенијата за легализација, бројот на решени предмети се искачи на 2.489. Се уште останува голем број на предмети кои се со нецелосна документација, што го доведува во прашање легализирањето на објектите.