Нови 35 лиценци за конзервација на движно и недвижно културно наследство им беа врачени денеска на стручни лица кои со тоа стекнаа право за непосредна заштита на предмети и објекти. Со нив, вкупниот број на лиценцирани козерватори достигна 47.
Лиценците им ги врачи министерката Елизабета Канческа-Милевска која истакна дека во изминатите години меѓу приоритетите на Владата и Министерството за култура е ревитализација на културното наследство, истражување на голем број археолошки локалитети на кои беа пронајдени бројни артефакти од различни епохи кои беа соодветно заштитени и презентирани пред јавноста.
Додаде дека за таа цел се доекипира и стручниот кадар во националните институции кои се занимаваат со оваа дејност и дека од 2006 до 2015 година се вработени повеќе од сто археолози, архитекти, конзерватори.
Стручните лица кои добија лиценци учествувале во голем број капитални проекти за конзервација и реставрација на профани објекти, на живописот на сакрални објекти, меѓу кои црквите Св. Богородица Перивлепта и Св. Софија во Охрид, Св. Ѓорѓи во Курбиново, Шарената џамија во Тетово…
– Овие експерти го вложија својот ангажман и во реализацијата на над 400 елаборати за валоризација и повеќе од 300 проекти за ревалоризација на културното наследство, во археолошките истражувања на 25 локалитети, на кои голем број археолози првпат добија можност да работат на терен, посочи министерката за култура.