Триесет и пет субјекти од Министерството за животна средина и просторно планирање добија опрема за собирање и рециклирање фреон од ладилници, со цел спречување на нивната емисија во атмосферата.
Проектот што го спроведуваше Канцеларијата за озон, според раководителот Марин Кочов, се состоеше од обука на сервисери и професори во средни училишта кои продуцираат кадар за процесот на рециклирање на фреоните и царински работници за да можат да ги препознаат ладилните средства на граница.
„Доделивме опрема на сите сервисери кои аплицираа, односно 35 во овој циклус и 20-тина претходно. Значи, околу 55 сервиси во Македонија имаат опрема која служи за извлекување и рециклирање на фреонот“, појасни Кочов.
Опремата, според ресорниот министер Нурхан Изаири, кој присуствуваше на доделувањето, е во сопственост на Министерството и им се дава на користење на субјектите, кои имаат обврска да доставуваат извешати колку од фреоните ги рециклирале.
„Во првата кампања 18 сервиси на ладилни уреди и три средни училишта добија софистицирана опрема за собирање и рециклирање ладилни уреди. Според извештаите добиени од сервисите за минатата година, собрани и рециклирани се 14.000 килограми разладни средства, што укажува на успешноста на оваа акција и генералниот придонес во заштитата на озонската обвивка на глобално ниво“, рече Изаири.