Насловна / Градежништво / Средно музичко училиште во Битола – добра топлинска изолација

Средно музичко училиште во Битола – добра топлинска изолација

Средното музичко училиште од Битола е сместено во објектот на Средното општинско училиште „Таки Даскало“, кое беше поранешен средношколски училишен дом. Објектот е изграден во 1948 година, и се состои од подрум, приземје и три ката. Конструктивниот систем е со масивни ѕидови од полна тула со дебелина од 55 см на приземјето и 42 см на катовите. Меѓусебното поврзување е изведено со хоризонтални и вертикални серклажи и ситно-ребрасти армирано-бетонски меѓукатни конструкции.
Во 2014 година, поради оштетувања на фасадата и поради големите топлински загуби, започната е санација на објектот. Прво се заменија постоечките дрвени прозорци, а потоа почна поставување на надворешна топлинска изолација. Постоечките дрвени прозорци беа монтирани во средината, од ширината на ѕидот во оформен заб од тула. Шпалетните долж обемот на прозорците (со ширина од 18 см спрема фасадата) претставуваа геометрски топлински мостови.
При поставувањето на новите ПВЦ прoзорци не се почитувани насоките за изведување од прирачникот Композитни системи за надворешна термичка изолација (КСИНТИ), издаден од Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија во март 2011 година. Во него стои дека сите прозорци, врати и елементи на застаклување треба да се постават во рамнина со постоечката фасада или во рамнина со завршната фасада, но во случајов тие се поставени на местото на дрвените прозорци (во истиот оформен заб од тула), така што топлинските мостови долж обемот на прозорците останаа, само сега тие се со поголем интензитет поради изолацијата на фасадата.

Slika 1

Сл.1 Топлинска слика – северна фасада пред изолација

Slika 2

Сл.2 Топлинска слика – северна фасада пред изолација

Топлинските слики 1 и 2 прикажуваат делови од фасадата, пред поставување на изолацијата, каде што се гледаат топлинските мостови (деловите со посветли бои и повисока температура). Овде може да се забележат топлинските мостови: на шпалетните, на вертикалните серклажи, на меѓукатните конструкции и на деловите каде што меѓукатните конструкции и надпрозорниците се изведени заедно. На слика 1 може да се забележи и веќе монтираното скеле за поставување на надворешната изолација, што значи дека новите ПВЦ прозорци веќе се поставени. На слика 2 се гледа отпаднатиот и одлепениот фасаден малтер на некои делови од фасадата.

Slika 3

Сл.3 Топлинска слика – северна фасада после поставување на стиропорот
На топлинската слика 3 се гледаат топлинските мостови на шпалетните долж обемот на прозорците. Вкупната површина на северната фасада изнесува околу 980 до 1000 м², и на неа има 43 прозорци со површина од 300 м², а вкупната површина на шпалетните (со ширина од 18 см.), кои се без надворешна топлинска изолација, долж обемот на сите прозорците изнесува 60 м².
После поставувањето на новите ПВЦ прозорци се пристапи кон поставување на надворешната топлинска изолација од стиропор со дебелина од 8,0 см на фасадата и
5,0 см на цоклето кое е со висина од 1,5 м. Изолацијата на фасадата е вовлечена за 4 до 5 см во однос на изолацијата на цоклето и на местото на поврзувањето нема континуитет на завршната обработка на фасадта, а нема ни лимена окапница што се практикува во вакви случаи за да се спречи продорот на вода зад изолацијата. (сл.4)

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Сл. 4 Поставување изолација на фасадата и изолација на цоклето

На северната фасада има една површина, со димензии 65 x 65 см, која е без изолација, бидејќи тука има елементи за приклучок на енергетскиот кабел од училишната амбуланта.
Преку оваа површина и преку еден отворен прозорец на фасадата со помош на термографска камера ќе ги провериме температурите на изолираните и неизолираните делови од фасадата и температурите во внатрешниот простор во неколку точки и два температурни профили.OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Сл.5 Северна фасада – дел без надворешна топлинска изолација

Slika 6

Сл.6 Северна фасада – топлинска слика со обележени точки каде што е мерена температурата

таб1

Табела со температури на обележаните точки

Точката М-1 ја покажува температурата на површината од неизолираниот дел од фасадата.
Точките М-2, М-3 и М-4 ја покажуваат температурата на површината од изолираниот дел од фасадата.
Точката М-5 ја покажува температурата на површината од топлинскиот мост на прозорската шпалетна.
Точката М-6 ја покажува температурата на површината од топлинскиот мост на шпалетната на вратата од амбулантата.
Точката М-7 ја покажува температурата на површината од топлинскиот мост на настрешницата над влезот во амбулантата.
Точката М-8 ја покажува температурата на површината од изолираниот дел од фасадата која е малку повисока од температурите во точките М-2, М-3 и М-4 бидејќи на температурата на точката М-8 има влијание близината на топлинските мостови.Slika 7

Сл.7 Температурен профил – Р1

На сликата 7 прикажан е температурниот профил со минималната и максималната температура на профилот, кој поминува низ изолиран и неизолиран дел од фасадата и овде можеме да ја видиме разликата на површинските температури. Ова покажува дека топлинската изолација добро ја извршува функцијата за која е наменета.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Сл.8 Северна фасада со отворен прозорец

Slika 9

Сл.9 Северна фасада – топлинска слика со обележен температурен профил

Slika 10

Сл.10 Температурен профил – Р1

На сликата 10 прикажан е температурен профил кој поминува низ топлинската изолација и низ отворениот прозорец. На профилот може да се види температурата на изолираната фасадна површина над прозорецот и под прозорецот, температурата на толинскиот мост на горната шпалетна од прозорецот, температурата на стаклото на затворениот прозорец, температурата во внатрешниот простор којашто е највисока најгоре на таванот (21,5°С), а како оди надолу таа се намалува (до 16,5°С) и температурите на рамките од прозорецот.
На крај, од термографската анализа можеме да заклучиме дека:
Добро пресметаната и правилно изведената топлинска изолација ги намалува топлинските загуби во зимскиот период и зголеменото загревање на просториите во лето, ја заштитува конструкцијата на објектот од надворешните влијанија, спречува појава на влага и мувла, обезбедува пријатен топлотен комфор во просторот, ги намалува трошоците за греење во зимскиот и за ладење во летниот период, и на тој начин ги враќа вложените средства.

Јован Ивановски, дипл. град. инг.
Томе Ивановски, дипл. ел. инг. за енергетика и енергетски контролор
Александар Ивановски, ел. инг. за автоматика и роботика и термографист

Испрати коментар

Scroll To Top