Општина Штип продолжува со инфраструктурно уредување на улици во градот и селата. По пуштањето во употреба на улиците во село Долани, и по завршување на асфалтирањето на улиците во приградската населба Караорман, следат нови активности со цел инфраструктурно уредување на градот.
– Во изминатите два месеци, активно се работи на асфалтирање на патишта и до крајот на август ќе бидат асфалтирани околу 18 улици при што за нив се издвоени над 1.4 милиони евра. Тука влегува асфалтирањето на патот кој ги поврзува Трогерци и Врсаково и Врсаково и Судиќ, потоа улиците „Димо Хаџи Димов“, „Јане Сандански“ и „Борко Талев“, „Борис Крајгер“, десен крак од „Косовска“, „Енгелсова“, крак од „Партизанска“ кај Дом на млади и други, а во оваа листа влегуваат и активности кои ќе доминираат во текот на овој месец – изјави Драган Ристов, Советник за односи со јавност во Општина Штип.
Во август ќе се асфалтираат две улици во населба „Баби“, тоа е „Мара Минанева“ и „11 конгрес“ која ќе добие втор слој асфалт, потоа следат активности на „Иво Лола Рибар„ а во план за асфалтирање се и „Крсте Мисирков„, 300 метри од улица „АСНОМ“, вториот дел на „Вардарска“, и втор дел на „Вита Поп Јорданова“.