Во пошироката јавност кај нас, терминот „енергетска ефикасност“ често се поистоветува со терминот „заштеда на енергија“. Но, таквиот пристап е потполно погрешен. Енергетската ефикасност подразбира обезбедување на ист квалитет на живот, производ и услуга со најниска можна потрошувачка на енергија. Се разбира, тука не се мисли само на електричната енергија туку на сите видови енергија (горива, топлинска енергија, енергија за ладење и сл.)
Земјите членки на ЕУ веќе одамна ја сфатија важноста на енергетската ефикасност и значењето во поддршката на одржливиот развој и економскиот напредок. Затоа и резултатите се импресивни. Само во 2013 година, како резултат на примената на мерките за енергетска ефикасност, остварено е намалување на вкупните трошоци за енергија за 15,5%. На овој начин се намалуваат и емисиите на стакленички гасови во атмосферата, како резултат на намалениот обем на користење на фосилните горива. Секако, во однос на последнава констатација, најголема заслуга има користењето на обновливи извори на енергија како супституција за фосилните горива. Бизнисот со енергија од обновливи извори е една од најбрзорастечките гранки на економијата на ЕУ, со просечен годишен приход од околу 129 милијарди евра и над еден милион вработени.
Зошто Европската Унија прашањата во врска со енергијата и енергетската ефикасност ги поставува толку високо на листата на приоритети? Од неодамна се заговара и формирање на Европска енергетска унија. Има повеќе причини за тоа. Пред сè, ЕУ е најголемиот увозник на енергија во светски рамки, внатрешниот енергетски пазар не е доволно развиен, иако мора да се констатира дека има сериозна конкуренција кога зборуваме за цените на енергијата, и секако една од најсериозните закани за Европа е изразената зависност на снабдувањето со природен гас од еден извор. Токму затоа Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија ќе каже: „Сакам да ја реформирам и реорганизирам европската енергетска политика во нова Европска енергетска унија“.
Ако се анализираат петте главни димензии кои ЕК ги има зацртано во својата визија за Енергетска унија, мора да се забележи дека енергетската ефикасност е на високото трето место веднаш по сигурноста во снабдувањето и енергетските пазари. Притоа, фокусот е ставен на зголемувањето на енергетската ефикасност во градежништвото, промовирање на енергетски ефикасен одржлив транспорт (многу се работи на концепти за одржлив јавен транспорт) и ефикасни апарати за домаќинствата. Практично, во сите споменати сектори, мерлив е значителен напредок од година во година во областа на енергетската ефикасност:
– Индустријата на ЕУ ја подобрила енергетската ефикасност за скоро 19% во периодот 2001 – 2011 год. За споредба во САД за истиот период оваа вредност е 9%.
– Во периодот 1995 – 2010 г. просечната потрошувачка на гориво на новите возила во ЕУ е намалена за 27%. Се стимулира користењето на електрични и хибридни возила.
– Сите нови деловни или резиденцијални објекти изградени денес, трошат во просек 40% помалку енергија отколку оние изградени пред 20 години.
Политиките во врска со енергетската ефикасност на ниво на ЕУ се пропишани во Директивата за енергетска ефикасност 2012/27/ЕУ, чиј краен рок за транспонирање во националните законодавства на земјите членки беше 5 јуни 2014-та. Една од главните цели на политиката за енергетска ефикасност на ЕУ е зацртаната заштеда од 30% до 2030 година во однос на 2007 година како референтна.
Јасно е дека Европа постојано ги мобилизира сите свои ресурси за почисто, поефикасно и поевтино производство на стоки и услуги. Како краен резултат расте економијата и квалитетот на живот. Обуки и тренинзи во оваа област се хит кај сите компании кои држат до себе и својот развој. Консултантите од областа на енергетската ефикасност и енергетските менаџери се навистина барани на пазрот на трудот. Компаниите се свесни дека вложеното во оваа област повеќекратно ќе се врати. Секако, потребни се инвестиции за реализација на зацртаното. Но, парите не треба секогаш да ни бидат изговор. Огромен број мерки за енергетска ефикасност воопшто и не бараат финансиски вложувања. Потребна е само промена во однесувањето. Веројатно, најмногу, во традиционални средини каде тешко се прифаќаат промени ова е најтешкиот чекор.
Бенефитите од енергетската ефикасност имаат влијание врз состојбата во повеќе области
Приказ на ЕУ директивите во врска со енергетската ефикасност
Енергетската ефикасност е клуч за одржлив развој, поттикнување на конкуренцијата и подобрување на енергетската сигурност
Каква е ситуацијата во Македонија и регионот во областа на енергетската ефикасност?
За жал, Македонија и регионот се карактеризираат со нерационално трошење на енергијата, ниско ниво на свест за овие прашања, користење на електричната енергија за греење во голем процент, висока енергетска интензивност и слични специфики.
По дефиниција, енергетската интензивност значи колку енергија се троши за обезбедување на бруто домашен производ од 1.000 УСД. Според тоа, секоја земја треба да се стреми да троши помалку енергија за производство на каква било стока или услуга. За жал, енергијата што се троши во Македонија за еден производ, во земјите од ЕУ ќе биде искористена за производство на четири идентични производи. Соодносот е 1:4. Дури и во регионот сме на дното според нерационална потрошувачка на енергија, заедно со Србија.
Во регионот на Западен Балкан, потрошувачката на енергија по домаќинство е значително пониска од ЕУ, а меѓу главните причини за таквата состојба е и навиката за греење на само еден дел од домот. Меѓу различните енергенти, доминантно е користењето на електричната енергија во домаќинствата во Македонија од 53% (главно за греење), и се работи за бројка која е двојно поголема во споредба со другите европски земји. Во табелата подолу, дадена е просечната потрошувачка на електрична енергија по домаќинство за Европа, Македонија и Хрватска, како најмлада членка на ЕУ но несомнено лидер во регионот.
kWh/домаќинство |
|
Европа |
4.209 |
Македонија |
5.832 |
Хрватска |
4.040 |
Просечна потрошувачка на електрична енергија по домаќинство за 2011-та
Ако се погледне структурата на енергентите што се користат во Македонија, во финалната потрошувачка се гледа дека состојбата е поразителна, посебно поради фактот што енергентите кои веќе одамна ги има усвоено развиениот свет поради својата ефикасност, незначителните влијанија врз животната средина и сл., кај нас се на маргините.
Финална потрошувачка на енергија во домаќинствата во Македонија за 2011 година по видови енергенти
Интересно, додека во земјите од ЕУ природниот гас, топлинските пумпи и слични извори на енергија се користат во голема мера, кај нас тие дури и не се застапени во овој преглед. Оттука, разбирливо е што користењето на овие извори е минорно. Во однос на потрошувачката на природен гас тоа е евидентно и поради фактот што земјава речиси и да нема развиено дистрибутивна мрежа освен во два града (Куманово и Струмица). Според потрошувачката на природен гас по жител Македонија е последна во Европа.
Сепак, последниве години во Македонија почнува да се работи на подигање на свеста за прашањето на енергетската ефикасност. Но, не подеднакво успешно во сите сектори. Веројатно, исчекорот го направи градежниот сектор, со оглед на фактот што веќе е во сила Правилникот за енергетски карактеристики на згради, потоа започнаа и успешно завршија обуки за енергетски контролори, неколку згради веќе добија енергетски пасоши (сертификати) и сл. Но, сепак ќе помине уште време до целосно имплементирање на сите овие норми и стандарди.
Кај нас сè уште оперативните трошоци или трошоците за енергија кои во својот животен век ќе ги генерира еден објект не влијаат на цената на недвижноста. Често тоа се сосема други критериуми кои некогаш и немаат врска со економската логика (локацијата на пример). За разлика од нас, од неодамна во Хрватска е забрането продавање, па дури и изнајмување на станови, куќи и деловен простор доколку тие не поседуваат енергетски сертификат.
Во својата Стратегија за енергетска ефикасност, Македонија има зацртано подобрување на енергетската ефикасност за 9% до 2018 година. Притоа, нотирано е дека секторот индустрија има најголем потенцијал за имплементација на мерки за енергетска ефикасност, но се работи и за посериозни инвестиции за разлика од другите сектори.
Една од главните пречки за зголемување на енергетската ефикасност во индустриските компании е недостатокот на системски пристап во управувањето со користење на енергијата во сите нејзини форми и на сите нивоа во компанијата. Ретки се компаниите во Македонија со организиран пристап по овие прашања и кои имаат веќе имплементирано систем за управување со енергијата ISO 50001. Од неодамна стартуваше проект за енергетска ефикасност во индустријата под покровителство на UNIDO (Организација на Обединетите Нации за индустриски развој), кој ќе обезбеди грантови за компаниите во вид на консултантски услуги, изработка на проекти и сл. за подобрување на енергетската ефикасност и конечно намалување на трошоците. Овој проект започна во април годинава и ќе трае до 2018-та.
Секторот транспорт се чини највеќе заостанува. Иако се работи за голем потрошувач на енергија, овој сектор никако да си го добие заслужениот третман кај нас. Не се имплементирани одржливи концепти ниту во јавниот транспорт (трамвај, еко автобуси или сл.), додека возниот парк од патнички моторни возила во минатите години беше преплавен од стари автомобили со висока потрошувачка и висока емисија на штетни гасови и цврсти честички (особено дизел варијантите). Но, со последните законски измени за контрола на емисијата при регистрација на возилата, и овој тренд бележи опаѓање, што ќе придонесе за поефикасно користење на горивата.
Просечна потрошувачка на гориво кај возила VOLVO со различна старост
Извесно е дека и кај нас полека се менуваат состојбите. Навистина побавно и потешко од очекувањата и проекциите, но и најдолгото патување почнува со еден чекор.