Главниот град на Франција гради 180 километри нови велосипедски патеки, како и уште 120 илјади паркинг места за возила на две тркала.
Презентираниот инвестициски план е формиран преку Bike Plan, петгодишен урбан проект вреден 250 милиони евра, кој има за цел да го зголеми присуството на велосипедисти на улиците на Париз, кои ќе имаат безбедни и добро поврзани рути. До 2026 година, градот ќе ги прошири своите велосипедски рути за нови 180 километри нови патеки, пишува Local.
Велосипедистите ќе имаат и повеќе од три пати поголем број паркинг места, кои ќе бидат вкупно 180 илјади, наместо досегашните 60 илјади. Градот ќе инвестира и во поврзување на предградијата и центарот на градот, со што ќе се создаде подобра интеграција низ главниот град.
Плановите за проширување на велосипедската мрежа произлегоа откако значително поголем број граѓани за време на пандемијата користеа велосипеди наместо вообичаеното движење со автомобил или јавен превоз.
Денеска може да се регистрираат речиси милион индивидуални велосипедски движења низ градот, за кои нема соодветна инфраструктура. Постојните градски велосипедски патеки во најголем број случаи го делат тротоарот со автомобили и мотоцикли и од нив се делат само со бојадисана линија, која секако не е најбезбедна.
Градот, исто така, вети дека ќе ја обезбеди безбедноста на пешаците со промена на сообраќајните правила и засилени контроли на сообраќајната полиција.
Градовите низ Европа се обидуваат да ја зајакнат својата велосипедска инфраструктура што е можно повеќе. Амстердам, кој продолжува да ја гради својата велосипедска инфраструктура, секако се издвојува како еден од најпопуларните градови за велосипедистите.
Во 2019 година, овој град објави нов план за 2022 година, кој се фокусира на подобрување на паркирањето за велосипедистите како и подобри услови за целата мрежа. Градот создава и нови таканаречени „кралски рути“ за да може да прими повеќе велосипеди, имајќи предвид дека илјадници нови жители се преселуваат во Амстердам секоја година. Исто така, се работи на зголемување на бројот на улици со мали ограничувања на брзината и редизајнирање на постоечките главни раскрсници за да се обезбеди поголема безбедност за велосипедистите.
Берлин исто така е високо на европската листа на најпогодни градови за велосипедисти и моментално спроведува нов велосипедски план „супер-автопат“ кој го промовира велосипедот како многу ефикасно превозно средство. Истражени се 30 потенцијални велосипедски патеки низ градот, од кои одобрени се дури 12, а благодарение на нив треба да се спроведе план за целосно одвојување на велосипедистите од другите возила на коловозот. Општата цел на Берлин е до 2025 година да го зголеми бројот на велосипедисти на 2,4 милиони.