Скопје го добива најдобриот забавен парк во регионот, најави градоначалникот Петре Шилегов.
Паркот ќе биде на истото место кај стариот парк „Луна“ и според проектот што го претстави Шилегов ќе има содржини за три возрасни групи деца. Тој најавува дека по изборите ќе се распише тендер, а паркот ќе треба да биде готов за 18 месеци, односно до летото 2023 година.
“Скопје треба да стане регионален туристички центар. Со забавниот парк Скопје станува дополнително попривлечен за семејниот туризам, со оглед на тоа што ваков забавен парк нема во радиус од 300 километри од Скопје. Забавниот парк ќе се наоѓа на истото место како стариот Луна Парк на парцела со иста големина и со ист број на дрвја, зашто проектот е таков да ниедно не треба да се исече. Предвидени се 27 реквизити, односно содржини, за три различни возрасти на деца. Детски дел, семеен и екстремен. Адреналинските содржини од екстремниот дел за најголемите деца ќе можат да бидат користени и од повозрасните. Како на пример ролеркостерот кој ќе биде најголемиот на Балканот, а ќе можат да го користат и возрасните“, вели Шилегов.
Идејното решение е од Франко Бараѕони кој има проектирано преку 50 светски забавни паркови во светот. Паркот ќе биде изграден по сите стандарди за квалитет и безбедност, а покрај реквизитите предвидени се и ресторани, сувенирници, тоалети и други продавници и содржини.
Проектот, според тврдењата е самоодржлив. Дневно ќе може да прима до три илјади посетители, а годишно над еден милион.
“Проектот е целосно самоодржлив, за реализација на овој проект се бара изведувач кој ќе го финансира и нема да има буџетски импликации на Град Скопје. Се очекува паркот да се исплати сам за три години, а потоа градот ќе заработува и ќе вложува во нови проекти“, тврди градоначалникот.
Овој проект беше планиран да се реализира во мандатот на градоначалникот што му истекува, но беше одложен поради пандемијата на ковид-19.