Насловна / Вести / Дизајнот ѝ се обраќа на потребата

Дизајнот ѝ се обраќа на потребата

Познато е дека модерниот дизајн претставува своевиден феномен на рационално индустријализираниот систем кој се однесува на интеграција на формата, материјалот и функцијата на производите за масовна продукција. Додека, пак, под поимот модерна култура се подразбира секоја идеја, акција, производ или услуга која ја вреднува и се грижи за условите на современоста во контекст на човековите потреби и барања за сигурност, безбедност, здравје и комфор.4.0.1

Чарлс и Реј Имс

Модернизмот може да се опише како социокултурно движење кое се појавило во западниот свет при крајот на 19 век, и ги опфаќа сите творечки области како што се уметноста, архитектурата, литературата, науката, технологијата, филозофијата и политиката.

На многу начини модернизмот го покажува својот капацитет, како феномен на цивилизацијата, дека е базиран на свесноста за современите услови и околности на временскиот моментум, отфрлајќи ги застарените начини на мислење како и старите обичаи и надминати вредности.4-Вкалупена шперплоча

Вкалупена шперплоча

Познатиот критичар и теоретичар на архитектурата, Британецот Рајнер Банам е еден од повеќето што ја разоткрива суштината и го поддржува функционализмот на модерната архитектура, прифаќајќи го декретот на Хорасио Гринаф, американски скулптор и теоретичар: „Убавината е ветување на функцијата“.

Со други зборови, Банам смета дека историјата на архитектурата не е запис на стилскиот развој ниту е хроника на најпрославените згради, туку е нешто сосема друго, многу подлабоко од формалната појавност на зградите и редот што го промовираат. Архитектурата и дизајнот претставуваат човечки состојби кои се движат секогаш заедно со времето, зашто тие всушност и помагаат да се креира „тоа“ време.

Во модерен контекст, архитектурата не е повеќе привилегија на одредена класа, туку е демократски пристапна за сите луѓе. Модерноста ја ослободи архитектурата од нејзината социјална ексклузивност и ја претвори во пристапна и прифатлива за сите во смисла на сопственост и јавна уметност.

Сето ова беше возможно заради рационализацијата на модерниот дизајн и на технолошкиот производствен систем. Со други зборови, модерната наука и технологија им овозможи на архитектите, дизајнерите, уметниците и градителите да ја презентираат својата работа на начин и количина невидена до тогаш.

„Да се донесе најмногу од најдоброто на најголем број луѓе за најмалку“ е реченица која ја декларира демократската улога на модерниот дизајн и која веќе претставува мото на еден од најзначајните дизајнери на 20 век, кој од корен ќе го измени светот на дизајнот, а со тоа и животот на современиот човек. Неговот име е Чарлс Имс. Сепак, тој не е сам во она што го прави, со него е и неговата сопруга Реј.

Целата приказна се одвивала во дизајн бирото на булеварот „Вашингтон бр. 901“ во Венис, Калифорнија, каде што тие ја проектираа својата единствена визија за тоа како работи светот и како може дизајнот да го подобри животот на луѓето што живеат во него. „Заедно тие се осмелија да го вознемират универзумот, променувајќи го засекогаш со нивниот Имсов допир“, ќе напише Глорија Кениг во предговорот на книгата посветена на дизајнерскиот пар, едноставно наречена „Имс“.

2-Чарлс и Реј Имс

Чарлс и Реј Имс

Додека Рајнер Банам во својата книга „Дизајн по избор“ вели: „Никој не направи такво големо влијание врз светот, не само  преку своите производи туку и преку својата личност, како што тоа го стори Чарлс Имс. Општо е прифатено дека столицата ’Имс‘ го востановува првиот значаен чекор во развојот на дизајнот на столиците после дизајните на Марсел Броер од 1928 година“.

Биографите забележале дека Чарлс Имс е роден во Сент Луис, Мисури, САД, во 1907 година. Во родниот град започнал да студира архитектура на универзитетот Вашингтон. Но, поради наставната програма која се базирала на школите за убави уметности и поради неговата наклонетост кон модерната архитектура и неговата опиеност од делото на Френк Лојд Рајт, тој после само две години го напушта факултетот.

Некои велат дека додатна причина била и тоа што паралелно морал да работи во архитектонска фирма за да го издржува своето семејство, после смрта на татко му, и дека не останувало многу време за студирање. Но, како и да е, после тоа тој започнал да експериментира со мебел во академијата за уметност Кренбрук (Cranbrook Academy of Art), каде што подоцна соработувал и со Ееро Сааринен.3-Чарлс и Реј Имс

Неговата втора сопруга и професионална соработничка Реј Имс е родена во Сакраменто во Калифорнија, САД, во 1922 година. Студирала уметност во Њујорк и во Провинстаун во текот на триесеттите години на 20 век. Со Чарлс Имс се среќаваат на академијата Кранбрук во 1940 година. Заедно се селат во Лос Анѓелес започнувајќи кариера која од корен ќе го смени лицето на дизајнот и улогата на дизајнерот.

Чарлс и Реј за време на Втората светска војна продолжиле да експериментираат со моделирана шперплоча со помош на калапи за производство на лонгети за нозе, кои се употребувале за имобилизација на повредите на локомоторните органи. Во овој дизајн тие ги употребувале техниките што ги развиле правејќи прототипови на столици. Успешното масовно производство на овие ортопедски помагала со голема отпорност и флексибилност, се состоело во тоа што производот имал огромни перформанси, а сепак бил изведен од евтин и секојдневен материјал. 6-Лаунџ фотеља

 

Столица „Лаунџ“

Ваквата техника и технологија, после војната ги постави темелите на развојот на производството на елементи од мебел направени од вкалапена шперплоча. Работејќи за компанијата „Херман Милер“ во САД, а подоцна и за „Витра“ во Европа, брачниот пар Имс почнал да експериментира и со други модерни материјали и процеси, за во следните 25 години да генерираат серија на револуционерни дизајни на мебел. Во нив се комбинирани архитектонското искуство и посветеноста на Чарлс и страста на Реј кон сликарството и скулптурата.5-ЛЦМ столица

Столица „ЛЦМ“

Тешко може да се замисли поелегантна конструкција за рамка на столица од само четири витки челични цевки круто споени на три точки со варови. За остварување на функцијата на ваквата едноставна конструкција се додаваат седечкиот панел и панелот за наслон, кои се дискретно обликувани во анатомија на човековото тело. Тоа е описот на веќе иконичната столица, кратко именувана ЛЦМ (LCM – Low Chair Metal base), произведена во далечната 1946 година, пред точно седумдесет години.

Столицата „Лаунџ“, еден од иконичните артефакти на модерниот дизајн, денес слави 60 години постоење. За разлика од претходната, конструкцијата на оваа столица, или поточно фотелја, се потпира на носечките особини на шперплочата, така што самоносивоста на целата конструкција се должи на нејзината форма на школка. Школките се замислени како садови за поставување прво на тапацирот, а потоа и на човековото тело, пружајќи неодолив комфор при седење.8-Алуминиумска столица

„Алуминиумска столица“

„Алуминиумската столица“ произведена во 1958 година е крајниот резултат на дизајнерските експерименти  на Чарлс и Реј Имс. На почетокот, дизајнот на овие столици бил развиен за индивидуална станбена зграда проектирана од архитектот Ееро Сааринен. Во тоа време мебелот го нарекле „група за разонода“ или „група за внатре-надвор“, а го дизајнирале заради лошиот квалитет на мебелот за надворешна употреба кој тогаш се произведувал.

Висечкиот наслон претставува техничко достигнување кое најави напуштање на веќе застарениот концепт на столица како масивна школка. Исклучително комфорна, цврста, но сепак лесна, оваа столица стана прототип за неколку други столици на Имс. Величината на дизајнот на оваа столица е нејзината употреба во секој можен програм и функција, од резиденцијални ентериери до административни.

Новите материјали, посебно оние што ветуваа повеќе за помалку, ги фасцинирале Имсови преку целата нивна кариера. Пластиката не била исклучок зашто нуди можност за органско обликување, со што школката за седење ќе биде во склад со обликот на човековото тело. Пластичните вкалупени столици станаа исто така еден вид „бестселер парчиња“ на модерниот дизајн, како што впрочем се случи со најголемиот дел од нивната продукција. 7-Пластична столица

Пластична столица

Дизајнирани и произведени во 1948 година, претставуваат симбол на флексибилност, комфор со голем избор на типови на базичната конструкција. Денес се произведуваат и во боја по избор, а пластичниот материјал е од еколошки пријателскиот, подложен на рециклирање полипропилен.

Има уште многу да се кажува за Чарлс и Реј Имс како за комплетни автори но и значајни интелектуалци. Затоа, на крај на овој напис, може само да се заклучи дека придвижени од чувството за авантура, Чарлс и Реј Имс ја претворија својата љубопитност и безграничен ентузијазам во спектакуларни креации кои ги етаблираа како навистина значаен дизајнерски тим, чии дела не само што не застаруваат туку одново и одново се користат во ентериерите и претставуваат неизбежен симбол на дизајнот на современото општество.

„Кому му се обраќа дизајнот: на најбројните, на специјалистите за прашањата на просветлувањето, на привилигираната социјална класа? Дизајнот ѝ се обраќа на потребата“, Чарлс Имс.

Пишува: проф. м-р Мишко Ралев, Факултет за архитектура и дизајн при УАКС

Испрати коментар

Scroll To Top