Жељко Хочевар и Роберт Кљун се необичен тим. Ниту еден од нив не е архитект, но како големи вљубеници во архитектурата и креативци со визија, пред две години ја основалe стартап компанијата Smartdome Constructions, со седиште во Словенија, а со намера да произведуваат подвижни модуларни куполи во функција на станбен простор.
Две години подоцна, поради својата иновација добиваат повици од целиот свет, веќе имаат над 250 нарачки, а телефоните не престануваат да им ѕвонат. Футуристичката купола е тешка три тона, има 25 m2, максимална височина од 3,5 метри и пречник во основата од 6 метри.
Ногарките и подлогата се од поцинкуван челик, конструкцијата е од иверица отпорна на влага, а куполата е обложена со делтоидни 3D поликарбонатни модули, отпорни на UV зрачење и удари, додека од внатрешната страна се исполнети со 150 милиметри дебел слој од минерална волна. Цената на една ваква купола е проценета на околу 28.000 евра.
Правно гледано, куполата спаѓа во категоријата мобилни куќи и не е потребна градежна дозвола. Теоретски, може да се постави каде било на приватно земјиште. Куполите може и меѓусебно да се спојуваат, па на пример три модули да созададaт комфорен стан од 75 m2. Во моментот, куполата е енергетски пасивен објект, а со инсталирање на соларни панели ќе може и самостојно да произведува електрична енергија.