Насловна / Вести / Дивата депонија во Тетово: Предлог решение има, ама е заборавено!?

Дивата депонија во Тетово: Предлог решение има, ама е заборавено!?

deponija tetovo_13

Со оглед на тоа што во јавноста е познато дека долгогодишниот проблем со дивата депонија во Тетово, која претставуваше еден од најголемите загадувачи на градот и неговиот воздух, е решен, се одлучивме да спроведеме едно истражување во врска со овој проблем на градот Тетово и резултатите до кои дојдовме се зачудувачки. Додека на локацијата на старата депонија која беше исчистена, се подигна парк од страна на општината, истовремено на друга локација, не подалеку од еден километар од старата, се појави нова дива депонија која само ја презеде улогата на претходната. Причината за повторна појава на дива депонија на територијата на градот Тетово за граѓаните е сè уште непозната, иако уште пред неколку години општината имала стратегија за решавање на овој проблем.

deponija tetovo_02

Тетово – најзагаден град во Европа

Тетово со право го носи епитетот најзагаден град во Европа. Загаденоста во градот е предизвикана од бројни извори и таа е истакната по речиси сите нивоа и сегменти. Со оглед на тоа што воздухот во Тетово е во континуитет загаден и тоа во енормно голема мера, нормално е да се чувствуваат реперкусии на загадувањето на водата, почвата, здравјето на населението и цела низа на алки кои поврзани меѓусебно, како домино ефект, ги рушат сите егзистенцијални животни циклуси.

Како едни од главните загадувачи на воздухот во градот, а воедно и најголеми од ваков тип се оџаците на Југохром. Поради нив, густиот сообраќај и низа други поситни загадувачи, во Тетово е невозможно да се земе барем еден здив чист воздух. Статистиките покажуваат дека во градот во 2014 година се измерени 285 денови во кои во текот на сите 24 часа загадувањето на воздухот со ПМ10 честичките е над дозволеното. И тоа не е сè, индексите на загадување не се само неколку единици над дозволеното, туку, во одредени денови тие достигнуваат и енормни вредности, дури и до 838,9 µg/m3, а индексите што се движат околу 500 µg/m3 се секојдневие, а кога би се зеле предвид дозволените 50 µg/m3 можеме посликовито да сфатиме за колкаво загадување станува збор и дека во целост е заслужен приматот за најзагаден град во Европа.

Освен проблемот со воздухот што во секој случај е проблем број еден, Тетово со години наназад се гуши и во смет, а неговото палење во минатото од страна на надлежните, во обид да заштедат и заработат пари, граѓаните на Тетово го плаќаат со своето здравје.deponija tetovo_05 deponija tetovo_04

Во 2009 година за потребите на ЈКП -Тетово, изработен е проект за изградба на Центар за претовар, со кој евтино, ефикасно и трајно би се решил проблемот со сметот во градот, како и со дивите депонии кои се јавуваат по периферијата на градот. Овој проект е изработен од страна на архитектонското биро АРТ – ЛИНЕА ДИЗАЈН од Гостивар, а тимот инженери го сочинуваа архитектите Хоџа Насер и Адем Усејни, како и градежниот инженер Беким Емурлаи. Со реализацијата на овој проект, овој град би се ослободил и би го апсолвирал еден од најголемите проблеми со кои се соочува години наназад.deponija tetovo_07

Просторот на кој е предвидена изградбата на овој комплекс се наоѓа во индустриската зона на градот, во неговиот источен дел, и таа е во сопственост на ЈКП -Тетово. Оваа локација е со површина од 14.404 м2, додека предвидениот комплекс зазема само 8.120 м2 од оваа локација.deponija tetovo_06

Овој комплекс е предвидено да служи за прифаќање, селекција, претовар и транспорт на комунален отпад кој би се прибирал од територијата на градот, а по неговата селекција би се транспортирал на регионалната депонија во Русино, Гостиварско. Во склоп на овој комплекс покрај придружните објекти како портирница, административен дел и слично, предвидени се и главните содржини кои се состојат од мерна вага, која би служела за мерење на возилата што го транспортираат сметот, насипна рампа и претоварен објект со своите пропратни содржини.deponija tetovo_01

Принципот на функционирање на овој комплекс е замислен така што, со возилата за собирање на смет од градот, тој би се транспортирал до овој прифатен центар. Сметот би се истоварал на насипната рампа од каде мануелно и механизирано би се сортирал по својата природа и би се складирал во соодветни контејнери. Така, предвидени се контејнери за медицински и токсичен отпад и контејнери за времен отпад каде би се делел на отпад за рециклажа, како стакло, хартија, метал и слично, и траен отпад кој подоцна би се транспортирал до депонија.

Ефикасноста и економската исплатливост на овој проект е во тоа што со продажбата на отпадот што ќе се рециклира, би се покриле дел од трошоците што ги има ова претпријатие, а истовремено со селекцијата и складирањето на останатиот отпад, би се намалиле трошоците за транспорт, со тоа што истовремено би се одвезувале помали количини на отпад со поголеми камиони, наместо сегашниот транспорт кој се врши со камионите што го собираат отпадот од градските контејнери.

deponija tetovo_10 deponija tetovo_08

Според предметот што е дел од проектната документација, која е изработена за овој комплекс, градежните работи за него би чинеле нешто помалку од 11 милиони денари. На оваа цена само би требало да се додадат вредностите на опремата што треба да се вгради во овој комплекс, а тоа се контролни рампи, машински инсталации, мерна вага и слично. Кога би се зело предвид за каков голем и важен проблем станува збор, навистина се работи за занемарувачки сретства, а веќе шест години во континуитет сите власти и одговорни за решавањето на овој проблем се однесуваат незаинтересирано кон него и го маргинализираат додека градот тоне во смет, и долги години се гушеше во чадот што се создаваше од палењето на сметот од дивите депонии.deponija tetovo_11

Прашањето што секој жител на Тетово секојдневно си го поставува, и на кое веќе со години никој од надлежните не дава одговор е: зошто сè уште не се решава еден од најголемите проблеми со кој граѓаните се соочуваат. Дали, одржувајќи го овој проблем како актуелен, тој се користи за добивање поени со ветувањата дека ќе се реши, дали недостасува доволно свест кај надлежните за да се зафатат со решавање на овој проблем или пак причината е нешто сосема друго? Останува само да нагаѓаме, поради тоа што никој од надлежните не сака да зборува на оваа тема.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top