Шарената револуција, културниот диверзитет и интеграциите во ЕУ се дел од темите на кои ќе се дискутира од 7-ми до 9-ти јуни на тридневниот настан „Дебата за Европа“ кој ќе се одржува во Музејот на современа уметност, како и Националната галерија во „Даут Пашин амам“.
Настанот е во организација на Германската академија за јазик и литература, Фондацијата „С. Фишер“ и Фондацијата за култура „Алијанс“. Од македонска страна, партнер во организацијата е Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи уметнички практики, со поддршка на Традуки.
За време на дебатата во Скопје, ќе се расправа, меѓу другото и за следните теми: Шарената револуција: само брендирање или почеток на еволутивен процес? Како да се обликува заедничка иднина на културен диверзитет (мултикултурализмот како шанса), а истовремено да се зачува наследството на традиционалните религиозни и културни идентитети? Можностите за соработка во регионот и изгледите за интегрирање во Европската Унија.
Програмата ќе биде заокружена со книжевни настани.
Дебатата за Европа ќе се одвива и во групи за внатрешни дискусии и во јавни форуми со активно учество на публиката. Учесници се европски и македонски интелектуалци и писатели: Анте Контиус од Фондација „С. Фишер“, Артан Садику, Сретен Угричиќ, Роберт Алаѓозовски, Карл Хендрих Фредриксон, Ненад Шебек, Влатко Стефановски, Рамадан Рамадани, Иван Додовски, Кирил Штигер, Катрин Томанек од Културна Фондација „Алијанц“, Небојша Вилиќ, Мариглен Демири, Билјана Гинова, Волкер Вајксел, Ернст Остеркамп од Германска Академија за јазици и поезија, Румена Бужаровска, Оливера Ќорвезировска, Луан Старова, Аријан Лека, Марко Погачар, Никола Маџиров, Десислава Гаврилова, Агрон Туфа, Елизабета Шелева, Ведран Џихиќ, Јоанис Армаколас, Сенада Село Шабиќ, Сашо Орданоски, Беса Арифи, Мари-Жанин Калик.
Од 2012 година наваму Германската академија за јазик и литература, фондацијата С. Фишер и фондацијата за култура Алијанс организираат меѓународни форуми на важни теми поврзани со европските работи. Интелектуалци од земјите на германското говорно подрачје, како и од Јужна, Централна и Источна Европа се состануваат со претставници на граѓанското општество, на културата и политиката од земјата домаќин за да остварат отворен и заемно корисен дијалог. Досега, Дебати за Европа се одржале во Будимпешта и Букурешт, во Белград и Атина, во Нарва и Санкт Петерсбург, во Минск и Харков и неодамна, во Сараево.