-->
-->
Насловна / Арт и дизајн / Диор внесува нова доза на луксуз во светот на парфемите

Диор внесува нова доза на луксуз во светот на парфемите

Се чини дека не можеме да се ослободиме од носталгијата. Всушност, нема ништо лошо во тоа, особено кога зборуваме за парфеми. Тој копнеж за носталгија е и копнеж за уметничко занаетчиство. Можеби сосема несвесно, но многу очигледно – многу ги цениме деталите, изработката и видливата човечка страст во креирањето на производите. Тоа не потсетува дека посветувањето многу време за правење на кој било предмет, вклучително и парфем, е важен дел од уживањето во финалниот производ. Во брзината и оптимизацијата на сè, се губат човечкиот допир, емоциите и несовршеностите кои придонесуваат за уникатноста на изработката.

Дека секојдневните предмети можат и треба да доаѓаат со примеси на уметност, покажува популарноста на оригиналното шише за парфем Диор, кое брендот повторно го воведе минатата година, а оваа година нуди уште еден дополнителен слој на луксуз. Секое шише може да се персонализира.

Историјата на оригиналната Dior Amphora

Инспириран од неговата сестра Кетрин, Кристијан Диор го создал својот прв мирис Miss Dior во 1947 година. Фантастичниот мирис на легендарниот парфем не е единствениот аспект на овој производ што воодушевува. Уметникот Fernand Guéry-Colas, заслужен за многу надреалистични шишиња парфеми за Elsа Schiaparelli, добил задача да дизајнира шишенце за првиот парфем на Диор што ќе ги отелотвори сите принципи на модната куќа. Инспирацијата била очигледна. Популарноста на New Look силуетата се одразила и на дизајнот на шишенцето. Конечниот дизајн на шишето ги спојува елементите на New Look и обликот на старогрчките вазни. Бидејќи во такви садови се чувале драгоцености, се покажале како идеален избор за првиот парфем на Диор.

Конечната верзија на шишенцето е изработена од извонреден Baccarat кристал во проѕирна завршница, овозможувајќи златната или розовата боја на парфемот да игра улога во неговата презентација. Amphora станала толку сакан и препознатлив симбол на Диор што во 1953 година токму минијатурна амфора во облик на обелиск стана капа на првиот кармин на Диор.

Парфем идеален за колекционери

Денес, амфората на Диор е уште попосебна. Изработена со умешност на врвни мајстори, украсена е со исклучително префинети детали. Секоја модерна амфора на Диор се прави во француски работилници за стакло, потоа рачно се обликува, што бара исклучителна вештина и прецизност, а потоа се украсува со фино 22-каратно злато. Со цел да се обезбеди незаборавно искуство, оваа година Диор овозможува прилагодување и персонализација на секоја амфора. На шишето можете да изгравирате натпис по ваш избор, сето тоа во соработка со вештиот персонал на Диор.

Како до персонализирано шишенце Диор?

За добивање уникатно шишенце кое носи инспирација од оригиналниот дизајн на Диор, потребно е да се направат три чекори. Прво се избира парфем по желба, потоа се избира украсот околу вратот на шишето, а последниот чекор на персонализација е гравура по желба – од иницијали до кратка порака. Услугата е достапна во специјалните бутици на Диор во Париз, Виена, Лондон, Токио, Сингапур и Ријад.

Овој пристап внесува ново значење на зборот луксуз во светот на парфемите и колекционерите на парфеми ќе бидат особено воодушевени да го изберат својот нов парфем Диор и персонализирана гравура.

Испрати коментар

Scroll To Top