Насловна / Архитектура / Динамичност и необичност што провоцираат

Динамичност и необичност што провоцираат

Деловниот објект се наоѓа во централното градско подрачје на Скопје, во областа позната како „Јадран сквер“ на улица „27 Март“ број 11. Овој кварт во центарот на Скопје е познат по неколкуте современи деловни и комерцијални објекти кои се изградија во последнава деценија и му дадоа урбан и автентичен лик на градот. Во 2014 година „Јадран сквер“ стана една од најголемите пешачки зони во центарот на Скопје и тоа му даде посебен шарм. Објектот „Челзи бизнис-центар“ е проектиран во 2014 година, и е залепен до Турскиот културен центар „Јунус Емре“, а е наспроти познатата Арапска куќа. Површината за градба е 240 м2, додека вкупната бруто-површина изнесува 1.200 м2. Висината на венецот е 16,20 метри, односно приземје и 4 ката. Паркирањето е обезбедено во склоп на катната гаража во непосредна близина, бидејќи самата локација е премногу мала за да овозможи паркинг во подрумските простории, па дури и со употреба на автолифтови.DJI_0475

 

 

ФУНКЦИЈА

Објектот е предвиден за деловна и комерцијална намена. Горните катови имаат деловна намена со можност секој кат да функционира посебно, додека приземјето и подрумот може да имаат деловна или комерцијална употреба и може да функционираат како една целина.

4H5A1014

КОНСТРУКЦИЈА

Конструкцијата ја сочинуваат армирано-бетонски столбови со кружна основа и греди со распон од 6 до 8 метри. Темелењето е решено со армирано-бетонска плоча со дебелина од 100 см, додека кровната конструкција е решена како рамен кров со кровна градина. 4H5A1062Конзолните неправилни испусти кои ја обликуваат фасадата се со дебелина од 20 см и без ободна греда поради естетскиот облик на објектот. Поради укрутување на објектот на калканите кон соседните објекти се предвидени и армирано-бетонски платна со дебелина од 20 см.

КОНЦЕПТ НА РЕШЕНИЕ НА ПРОСТОРОТ

Влезот во објектот се наоѓа странично со цел да се добие голема и  компактна просторија во приземјето. Тој е потенциран со ѕид од стара цигла на едната страна и стаклена натстрешница. Веднаш води до централно фоаје со пулт за информации, како и до вертикалните комуникации. Лифтот и скалите се модерни и комотни, но и природно осветлени и вентилирани. Секој кат може да функционира како посебна единица и може независно да се користи. Распоредот на канцелариските простории е конципиран соодветно на фасадното обликување. Во задниот дел се наоѓаат помошните функции како санитарии, кујна, но и посебна директорска канцеларија, кои се исто како и скалишниот простор природно осветлени. Предниот дел кој се наоѓа кон главната фасада на објектот е слободен и отворен и фукционира како океанска канцеларија. _DSC9429Стаклената фасада овозможува доволно природно светло во објектот и тераси за користење од страна на вработените. Распоредот на вертикалните поделби на стаклото како и прозорците кои се отвораат овозможуваат лесна поделба на океанската канцеларија на повеќе помали единици во зависност од желбите на клиентот. Приземјето заедно со подрумските простории можат да функционираат како посебен ентитет со сопствен влез од надворешната страна и внатрешното поврзување со скалиште.

ИДЕЈА И КОНСТРУКЦИЈА НА ФАСАДАТА

Бидејќи објектот е лоциран на мала пешачка улица која засега е слабо фреквентна поради недостиг на објекти со комерцијална намена, концептната идеја беше да се создаде динамична разиграна фасада, којашто ќе биде примамлива од повеќе агли и ќе ги привлекува минувачите да дојдат кон самиот објект. _DSC9423Ова беше појдовната точка за дизајнирање на формата на објектот, при што секој кат е формиран со различна прекршена полилинија со остри агли. Силуетата на секој кат е различна и дава особена динамика на објектот. Местата каде овие полилинии се прекршуваат на еден кат се искористени за натстрешници на катот под него и за тераси на катот над него. Фасадата е изведена од два типа стакло, транспарентно и темно рефлектирачко, кои се поставени така да ги следат прекршувањата на фасадата и дополнително придонесуваат за нејзината разиграност и динамичност. Материјалите кои ја сочинуваат фасадата се структурално стакло со алуминиумска потконструкција и употреба на два типа на стакло со највисок коефициент на термичка заштита. Вертикалниот фасаден носач кај спојот помеѓу аголните прекршувања е избегнат и поместен кон внатре за да се добие убаво и елегантно спојување на стакло со стакло. 4H5A1039Терасите се конципирани со гелендер од структурално транспарентно стакло кое ги следи линиите на долниот кат. За да се добие контраст со стаклената фасада детали од објектот се обликувани со топли материјали. Конзолните делови од фасадата се обложени со природно дрво за надворешна употреба кое е заштитено од вода поради самата положба, додека околу влезната партија на објектот се употребува стара цигла, која го потенцира влезот во објектот и продолжува во ентериерот на фоајето. Задната фасада е темно сива, „демит“ фасада со прозорци кои се големи и соодветни на предната структурна фасада.

ВИЗУЕЛНО ПОВРЗУВАЊЕ СО ОКОЛНИТЕ ОБЈЕКТИ

Објектот е сместен помеѓу згради со класичен изглед, главно изведени со армирано-бетонска конструкција и фасада со класични апликации и декорации, со светли бои на завршната фасада. Поради самата локација, објектот е замислен како контраст на околината со цел да отскокнува од неа. Избрани се материјали како темни и транспарентни стакла за да се добие контраст на околината, но и да се отсликуваат објектите во непосредна близина. Со самата разиграна фасада тој контрира на останатите објекти, кои се класични и смирени._DSC9424

ОСВЕТЛУВАЊЕ

Осветлувањето на објектот е дискретно и ненападно со неколку различни типови на осветлување. Самите канцеларии имаат плафонски линеарни светла кои се поставени под различни агли и ја дополнуваат динамичноста на самиот објект. Деловите од објектот кои се обложени со топли материјали како цигла и дрво се дискретно осветлени и само ја потенцираат разиграноста на објектот во вечерните часови.

ЕНТЕРИЕР

1

Ентериерот исто како и фасадата на објектот е спој помеѓу индустриски дизајн и топли детали. Дизајнот е неутрален во однос на материјали и бои со цел да се прилагоди на идните клиенти и да им овозможи понатамошни интервенции во просторот. Подот е изведен со крената конструкција под која се спроведени сите кабли и цевки со што се овозможува поголема флексибилност на просторот во зависност од потребите на клиентот. Завршницата е теписон бидејќи е неутрален и лесен за одржување. Плафонот е оставен во бетонската контрукција со видливи кабли и надградни светла за осветлување и вентилациони канали. 20170904_130139Внатрешните прегради се секогаш во стакло со дискретни апликации за да се дозволи транспарентност и осветленост на целата просторија. Употребата на топли детали како дрво, цигла и зеленило се мал, но битен дел од ентериерот кои овозможуваат пријатна работна атмосфера.20170904_125731

Објектот „Челзи бизнис-центар“ претставува детал во квартот во кој се наоѓа, кој плени со својата оригиналност, разиграност, контрастност и транспарентност. Отскокнува од целата околина и секогаш провоцира со својата динамичност и необичност. Со современиот дизајн и квалитетните материјали претставува автентичен белег на едно време.

_DSC9426

4H5A1045

4H5A1032

Автор: Ѓорѓи Мојсов, дипл. инж. арх.

 

Објект: Chelsea business center

Проектант: Ѓорѓи Мојсов

Проектантска куќа: ГМС проект

Инвеститор: СМС ШОП

Година на проектирање: 2014

Година на изведба: 2017

Испрати коментар

Scroll To Top