Насловна / Архитектура / Динамичкиот тренд во архитектурата продолжува

Динамичкиот тренд во архитектурата продолжува

Трката со облакодери кон небото, кон ѕвездите, кон незамисливите висини, во светот, продолжува. За облакодерите како најфасцинантни објекти на нашето време веќе пишувавме (Порта 3 бр. 219). Овој напис е за објектите што  фасцинираат уште повеќе. За ротирачките, за твист облакодерите како нивна авангарда, кои се градат сè почесто и почесто. За динамичката архитектура, за  објекти кои се архитектонски споменици, икони на авангардното футуристичко размислување на архитектите за проширување на можностите на архитектурата и развојот на регионите во кои се градат.

1. Кулата на Татлин, макета 1919  г.

Почеток на 20 век – „ КУЛАТА  НА ТАТЛИН“

Историјата на овие кули не би била комплетна без спомнување на „Кулата на Татлин“. Проект изработен во 1919 година од рускиот архитект, сликар, графичар, дизајнер, сценограф Владимир Евграфович Татлин (1885-1953), татко на уметничкиот конструктивизам, значаен претставник на руската авангарда. Тој е автор на проектот за ротирачка кула, еден од најголемите неизградени дизајни на 20 век. По победата на Октомвриската револуција во 1917 година, објектот требало да биде изграден во Петербург (Ленинград). Кулата на Татлин, требало да биде наменета за вишите власти на Коминтерната, да биде грандиозен, железен споменик на III Интернационала. Била замислена како симбол на соединување на човештвото, разделено со градењето на Вавилонската кула. Планираната висина била 400 метри, наклонот 23,5º, а планираните материјали биле стакло и челик. Основната идеја се засновала на принципите на органската синтеза на архитектурата, скулптурата и сликарството. На соединување на творечката и полезната форма како основа за новиот тип на монументални градби. Проектот претставувал целост на две накривени метални спирали, составени од простори со различни геометриски форми, поставени едена над друга, хармонично поврзани помеѓу себе. Со помош на механизам објектот се вртел околу својата оска. Најнискиот и најголем објект имал форма на коцка, која се вртела со брзина на едно вртење во годината и бил наменет за конференции и конгреси. Над него бил објект со форма на пирамида, со брзина на едно вртење во месец, наменет за извршните органи на Интернационалата. Следниот простор имал форма на цилиндер. Брзината на вртењето била едно вртење на ден. Во него требало да биде сместено издаваштвото. Четвртиот волумен – полусфера, се вртел со брзина на едно вртење за еден час. Во 1919 година бил изработен модел висок околу пет метри. Биле изработени уште два модели (во 1924 и 1925 година), но ни еден од моделите не е сочуван. Проектот на Татлин не бил реализиран поради оладувањето на раководството на земјата кон авангардата во 1920 година.

2. _Suite Vollard_, Курбита, Бразил, 2004  г.

Почеток на 21 век – „SUITE VOLLARD“, прв објект кој ротира

Изградбата на кула која се врти околу својата оска се случи на почетокот на 21 век, еден век подоцна, на другиот крај на светот. Првата ротирачка кула е изградена во Куритиба (Curitiba), Бразил. Градбата е почната во 1995, а завршена во 2004 година. Комплексот е наречен „Suite Vollard“, по истоимената збирка од 100 цртежи на шпанскиот уметник Пабло Пикасо (изработени 1930-1937), која била прикажувана на екран при инаугурацијата на објектот. Објектот е станбен, со футуристички дизајн, со висина од 50 метри и со 15 ката. Катовите ротираат околу статично бетонско јадро, за 360º. Секој кат е независна ротирачка единица. Може да се врти поединечно, во правец на стрелките на часовникот или обратно. Една целосна ротација трае еден час. Конструктивниот систем е бетонски. Архитект е Бруно де Франко (Bruno de Franko). Фасадата е двојно застаклена, во затемнета боја, различна на секој кат (сребрена, златна или сина), што создава „спектакуларен ефект“ кога катовите ротираат во спротивни насоки. Искуството од изградбата на овој објект, како студиски модел, искористено е за обезбедување на податоци за повеќе од триесет компании во Бразил и една во Германија.

3. _Turning Torso_,  Малме, Шведска, 2005  г.

„TURNING TORSO“ –  Прв твист облакодер

За прв изграден спирален твист облакодер се смета „Turning Torso“ во Малме, Шведска, проектиран од познатиот шпански архитект Сантијаго Калатрава (1951 г.). Градењето е започнато во 2001, а завршено во 2005 година. Тој е воедно и највисок облакодер во Шведска и во скандинавските земји. Визијата за овој објект е базирана на скулптурата наречена „Twisting Torso“, креирана од Сантијаго  Калатрава, која личи на свртен човеков ’рбет. Објектот е изграден од девет петаголни сегменти, секој по пет ката, поставени еден врз друг. Возвишувајќи се, тие ротираат околу вертикално јадро, поддржани од надворешен челичен скелет. Последниот, најгорен сегмент е свртен за 90º во однос на првиот кат. Објектот е наменет за деловен простор и апартмани за живеење. Висок е 190 метри и има површина од 27.500 м². Фасадата е покриена со алуминиумски панели. Ентериерот е исто така дизајниран од Сантијаго Калатрава.

5. F&F Tower (Revoltion Tower), Панама, 2011  г.

F&F Tower (Revolution Tower), Панама, Панама, 2011

„Let’s Twist Again“… Сè повеќе твист облакодери во светот

Реалност е дека од почетокот на 21 век се градат сè повеќе и повеќе твист облакодери во различни делови на светот. Ќе набројам само некои од нив:

  • За Кулата „Еволуција“ изградена во комплексот ММДЦ  „Москва сити“, подетално пишувавме во прилогот објавен во бр. 224 на Порта 3,  Москва – Сити, Кула „Еволуција“ – твист облакодер кој се стреми кон бесконечноста…
  • Absolute World Towers, во Mississauga, Ontario, Канада, се два станбени твист облакодери, ротирани за 209º, по принципот на „Turning Torso“ во Малме, Шведска. Првиот облакодер е висок 179 метри и има  56 ката, а вториот 161 метар и има 50 ката. Во 2006 година на меѓународен конкурс (повеќе од 600 учесници од 70 земји), усвоен е проектот на кинескиот архитект Yansong Ma (1975). Градбата е завршена во 2012 година. Во двата облакодери нема ни еден апсолутно еднаков кат или балкон.
  • F&F Tower (Revolution Tower), Панама. Деловен твист облакодер кој ротира 360º.  Висок е 242 метри и има 52 ката. Изграден е од армиран бетон. Изградбата е почната во 2008, а завршена во 2011 година. Архитект е Pinzon Lozano & Asociados.
  • Во Милано, Италија, се гради твист кула проектирана од архитектонското студио „Zaha Hadid Architects“, како дел од проектот што е во градба, во срцето на градот, во историскиот кварт „Fiera“. Проектот „City Life“, кој победи на меѓународен конкурс, вклучува изградба и на три облакодери: твист кула Хадид (Zaha Hadid) висока 170 метри со 43 ката, кула Исозаки (Arata Isozaki) висока 202 метри со 46 ката, и кула Либескинд (Daniel Libeskind) висока 165 метри со 30 ката. Изградбата на целиот проект е почната во 2007 година, твист кулата Хадид во 2014-та, а нејзиното завршување се планира за 2016 година.
  • Единствениот твист облакодер на Балканот е „Avaz Twist Tower“ во Сараево, седиште на новинско издавачката куќа „Аваз“. Облакодерот е висок 142 метри и има 40 ката. Изградбата е почната во 2006, а завршена кон крајот на 2008 година. Архитект е Фарук Капиџиќ.
  • 6. _ City Life  _ Твист кула Хадид,  Милано, Итали_а, 2016 г.
  • City Life, Твист кула Хадид, Милано, Италија, 2016

Твист кулите на Блискиот Исток заслужуваат посебно внимание.

  • Cayan Tower (Infinity Tower, кула на бесконечноста), Дубаи, Обединети Арапски Емирати, го држи рекордот за највисок станбен твист облакодер во светот. Висока е 306 метри и има 80 ката. Секој кат е поместен за 1,2º со што се добива спирално извртување на објектот за 90º. Проектот е изработен од архитектонското биро „Скидмор, Овингс и Мерил“. Изградбата е почната во февруари 2006, а завршена во 2013 година.
  • Трговски центар во Кувајт (Kuwait trade Center), познат како кула Ал Тижариа (Al Tijaria Tower), е твист облакодер висок 218 метри, со 41 кат. Ротацијата на објектот е 45º. Градбата е почната во 2005, а завршена во 2009 година. Архитект е NORR и Al-jazera consultans.
  • „Al Bidda tower“ (позната како Platinum tower или Tornado Tower)  Доха, Катар. Висока е 215 метри, има 43 ката. Ротира 60º. Почната во 2005 и завршена во 2009 година. Архитект е Higgs & Hill Overseas.
  • 4. Absolute World Towers, Mississauga, Канада, 2012  г.
  • Absolute World Towers, Мисисига, Канада,2012

Секако дека треба да се спомнат и твист кулите на Далечниот Исток кои се градат сè повеќе и повеќе.

8. _Cayan Tower_, Дубаи, 013 г.

Cayan Tower, Дубаи, Обединети Арапски Емирати, 2013

  • Mode Gakuen Spiral Towers, во Nagoya, Јапонија, проектирана од Nikken Sekkei. Висока е 170 метри, со 36 ката. Почеток на градбата е 2005, а завршена е 2008 година.
  • Agora Garden, од белгискиот архитект Винсент Калбо (Vincent Callebaut), е еколошка кула покриена со растенија, која се гради во Тајпеј, Тајван. Инспирирана од структурата на двојната спирала на ДНК, изворот на животот, 20-катната станбена твист кула, со двојна спирална структура, ротира околу фиксно централно јадро, за 90º. Проектот е во фаза на градба (2010 – 2016).
  • 10. _Al Bidda Tower_, Доха, Катар, 2009  г.
  • AL Bidda Tower, Доха, Катар, 2009

… И уште многу други твист објекти кои не се опфатени во овој текст…

7. _Avaz Twist Tover_, Сараево, БиХ, 2008  г.

Avaz Twist Tower, Сараево, БиХ, 2008

9. _Al Tijaria Tower_, Кува_т, 2009 г.

Al Tijaria Tower, Кувајт,2009

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Mode Gakuen Spiral Tower, Нагоја, Јапонија, 2008

12. Основа _Mode Gakuen Spiral Tower_, Nagoja,  _апони_а, 2008 г.

Основа на Mode Gakuen Spiral Tower, Нагоја, Јапонија, 2008

Динамичка архитектура, архитектура во движење со променлива форма!

Во 2008 година беше претставен иновативен, амбициозен проект на облакодер кој се врти, со динамичка архитектура. Требаше да биде завршен во 2010-та, па во 2011-та… но градбата сè уште не е почната. Проектот е изработен во бирото на италијанско-израелскиот архитект од Фиренца, д-р Дејвид Фишер (David Fisher, 1949). Проектираната висина е од 388 до 420 метри, а има 80 ката. Слично на изградениот комплекс „Suite Villard“, секој кат индивидуално ќе ротира околу својата оска. Секој апартман ќе има површина од 420 м², четири ориентации и ќе ротира на гласовна команда. Градбата на еден кат, се планира да се изведе за шест дена. За изградба на целата кула ќе бидат потребни 480 дена. Тоа ќе биде прв светски монтажен облакодер. 90% од кулата ќе биде изградена во фабрика. Јадрото на кулата ќе се гради на градилиштето. Целата кула ќе се изгради за 22 месеци.  Времето за градба ќе биде помало за 30% од времето потребно за изградба на  нормален облакодер со иста големина. Ќе се намалат трошоците и бројот на работниците. Објектот ќе обезбедува електрична енергија сам за себе и за уште други пет објекти во близина со слична големина, благодарение на 79 турбини на ветер, кои ќе се вградат помеѓу секој кат. Секоја турбина ќе генерира околу 1.200.000 кв. Соларните панели ќе се наоѓаат на покривот и на врвот на секој кат. Предвидената еколошка технологија ќе го направи објектот права зелена електро централа. Објектот е дизајниран да биде самоодржлив и да генерира електрична енергија од ветер и сонце. Овие „интелигентни“ згради ќе имаат четири димензии. Им се додава и димензијата на „времето“. Заштитата на животната средина и индустрискиот процес на производство, проектантот ги препознава како клучни точки во развојот на градовите на иднината.

13. _Agora Garden_,Та_пе_, Та_ван, 2016  г.

Agora Garden, Тајпеј, Тајван, 2016

Првите два облакодери се планира да бидат изградени во Дубаи и Москва. Потоа во Лондон, Милано, Париз, Рим, Њујорк и Мајами. Кога… ?

14. Динамичка архитектура

Динамичка архитектура

Сведоци сме на појавувањето на сè посмели, пореволуционерни дизајни. Облакодери кои ротираат 360º! Архитектура во движење! Дали е тоа новата реалност? Урбаните хоризонти се менуваат. Објектите сè повеќе и почесто се вртат. Од нив се врти и умот. Отвораат и многу нови прашања. Како би изгледал градот ако поголем број од објектите би се вртеле? Нови прашања од архитектонски, економски, технолошки, безбедносни … и секако најважното прашање, дали вртењето нема да предизвика „главоболки“ кај луѓето во иднина?

Испрати коментар

Scroll To Top