Насловна / Архитектура / „Дијамантот на Скопје“: Планиран како место каде ќе се одвива целокупниот живот

„Дијамантот на Скопје“: Планиран како место каде ќе се одвива целокупниот живот

Во строгиот центар на Скопје, непосредно до Старата железничка станица и Трговскиот центар Рамстор активно е едно од најголемите градилиште во градот. Се гради станбено-деловен комплекс наречен „Дијамантот на Скопје“ (Diamond of Skopje).

Limak_Uskup_Vaz_Aci_019_Email_D

Локација, 3Д анимација

Уникатноста е тежок концепт да се достигне, а дијамантот се сече уникатно. Целејќи кон најдоброто за сите граѓани и за идните жители во „Дијамантот на Скопје“, комплексот е планиран  првенствено за потребите на луѓето, а потоа е дизајнот и изборот на материјали. Ова е комплекс за пријателството, соседството, за заедницата, за самиот живот. Сосема нов начин на живот во срцето на Скопје.

Limak_Uskup_Vaz_Aci_051_Email_B

Влез во паркинзи и станбени кули

OПШТИ ПОДАТОЦИ

Инвеститор на целиот комплекс е Групацијата ЛИМАК (Турција). Градењето и водење на инвестицијата е на компанијата ЛИМАК-ДОО Скопје. Градењето започна во 2018 година, а се планира да заврши до 2024 година.

Проектанти на комплексот се архитекти од компанијата A-Tasarim (Турција), проектот на ентериерот за резиденцијалниот дел на комплексот е на архитектите од компанијата Atoyle Madre (Турција), а ентериерот за трговскиот центар на архитекти од компанијата Acik Mimarlik ve Tasarim Studyosu (Турција). Во понатамошна разработка на проектната документација учествувала и компанијата Урбан Инженеринг од Скопје.

PHOTO-2023-04-14-21-11-00

Поглед на комплексот од запад

ЛОКАЦИЈА И НАМЕНА

Комплексот се гради на локација со вкупна површина од 325.000 м2. Локацијата се граничи на северозапад со ул. „Св. Кирил и Методиј“, на југоисток со ул. „Јордан Мијалков“, на запад со булеварот „Мајка Тереза“, a на исток со булеварот „Кочо Рацин“. На граница на локацијата на северозапад се и постојните објекти на Музејот на Град Скопје – Стара железничка станица и Трговскиот центар Рамстор, кои се вклопени во целиот комплекс.

На локацијата планирани се следните објекти: четири кули за домување со катност од 20 ката и тоа две на западната страна и две на источната страна, трговски центар, хотел од А категорија (веќе пуштен во употреба), деловни простори, гаражи за целиот комплекс, зелени површини. Сите објекти се во градба како и трите станбени кули, а четвртата треба да почне да се гради.

Планирани се 772 станови и апартмани и 24 канцеларии од дома (home offices). Планирани се и површини за други различни намени и тоа: за комерцијална намена 219.500 м2, деловен простор 4.000 м2, зелени површини 11.000 м2 и култура 4.000 м2.

Limak_Uskup_Vaz_Aci_03_Aksam_Günesi_Email_B

Поглед од исток

СООБРАЌАЈ и ПРИСТАПИ

Пристапот за моторни возила до комплексот е од повеќе места од улиците „Св. Кирил и Методиј“ и „Јордан Мијалков“. За паркирање за сите објекти во комплексот планирани се 3.200 паркинг-места. Под комплексот од ул. „Мајка Тереза“ до булеварот „Кочо Рацин“ планирана е, и веќе делумно  изведена, подземната сообраќајница која поврзува делови од центарот на градот од запад кон исток и обратно со што ќе се растовари сообраќајот на улиците „Св. Кирил и Методиј“ и „Јордан Мијалков“. За пристап до подземната сообраќајница во ДУП-от се планирани две елипсести крстосници кои ќе го регулираат сообраќајот на запад од булеварот „Св. Климент Охридски“, улиците „Мајка Тереза“ и „Св. Кирил и Методиј“, а на исток ќе се вклучуваат возила од булеварите „Кочо Рацин“, „Македонија“ и улиците „Јордан Мијалков“ и „Антон Попов“.

Под станбените кули на три нивоа (П+2), во блок што ги поврзува двете кули, планиранa е катна гаража со паркинг-места за жителите на станбените кули, а останатите паркинзи се решени под земја.

Внатре во комплексот сообраќајот е пешачки.

ОБЈЕКТИ

Станбените кули се со 20 ката. Поставени се на почетокот и на крајот на локацијата и тоа на запад две кули и две кули на исток. Станбените кули, односно домовите, почнуваат од третиот кат до дваесеттиот кат. Домовите се распоредени на 17 ката, а приземјето и наредните два ката се паркинг-простори – гаражи. Рамниот кров над овие паркинзи е зелена тераса. Над станбениот дел од кулите има технички кат.

Становите се со различна големина, ориентација, распоред на простории така што се нуди избор кој ќе ги задоволи потребите на различни корисници како, двојки, семејства, деловни луѓе, студенти, иселеници и други.

Проектирани се станови со една спална соба, со две и најголемите со три спални соби. Површината е од околу 42 м2 до 105 м2.

21D-1 11C-1

Основи на станови

Просторот помеѓу Трговскиот центар Рамстор, хотелот, станбените кули и трговскиот центар Лимак е заеднички простор, наречен Авенија на вкусовите (Gourmet Avenue).

Авенијата на вкусовите замислена е да биде кулинарски атракции во градот. Инспирирана е од кривиот тек на реката Вардар. Овој простор е предвиден да биде место за средби, сведок на убави спомени придружени со кулинарски брендови од светска класа. Во добро расположение да се оди на вечера, ручек, појадок, пијалак во срцето на Скопје, или неколку чекори од домот или од работното место.

Трговскиот центар (Diamond Shopping mall) во центарот на локацијата, ќе претставува нов модерен центар. Трговскиот центар ќе има и некои новини, простори кои не се трговија или угостителство, туку простори за култура и зони за деца, престој за деца додека родителите пазарат, што е нешто ново и уникатно во овој регион.

Пред постојниот Музеј на град Скопје партерно е уредена пешачка површина и пристапи до Музејот.

Limak_Uskup_Vaz_Aci_012_Email_B

Авенија на вкусовите

КОНСТРУКЦИЈА И ГРАДЕЖНИ МАТЕРИЈАЛИ

Конструкцијата на сите градби во комплексот е армиранобетонски скелет, согласно со прописите за сеизмика на Македонија, а во  некои делови е применета и челична конструкција.

Фасадите се обработени со неколку материјали. Сите надворешни ѕидови се обложени со огноотпорна топлинска изолација за висока енергетска ефикасност на градбите, а завршната обработка на фасадите е со малтер, природен камен, фибер-цементни плочи или алуминиумски декоративни панели.

Сите материјали на завршната фасада се компатибилни со современата архитектура на градбите, отпорни се на пожар, лесни за чистење и одржување и со многу ниска содржина на јагленород.

Прозорците и застаклените делови од фасадата се со топлинска и звучна изолација и заштитени од преголемо осончување. Иста заштита имаат и сите кровни натсветла и светларници.

PHOTO-2023-04-14-21-10-49

Трговски центар во изградба

За заштита на енергијата освен добрата термоизолација на надворешните ѕидови и кровните површини употребени се и соларни панели, ЛЕД-светилки, автоматски сензори за системот за осветлување и за системот за водоснабдување. Греењето е централно со радијатори на кои се поставени термостатски вентили за регулирање на топлината во просториите. Системот за греење ги балансира вентилите за да се редуцира потребната енергија на пумпите.

Завршните обработки на подовите и ѕидовите се различни во зависност од намената на просториите.

ИНСПИРАЦИЈА ЗА ПРОЕКТОТ „ДИЈАМАНТОТ НА СКОПЈЕ“

Низ центарот на Скопје има сè помалку слободни површини, плоштади, кои оформуваат јавни површини. Проектот „Дијамантот на Скопје“ има за цел да го ревитализира центарот на Скопје со нагласување на јавниот простор, особено околу постојниот Музеј на град Скопје.

Проектот има неколку јавни простори кои се интегрирани со резиденцијалната зона, а на југ со бизнис-зоната и хотелот. Други активности се лоцирани на северниот дел од проектот.

Limak_Uskup_Vaz_Aci_041_Gece_Email_B

Трговски центар, поглед од ул. „Кирил и Методиј“

Комплексот „Дијамантот на Скопје“ е  планиран како место каде ќе се одвива целокупниот живот, за луѓето во него и околу него и пошироко, ова ќе биде космополитско соседство со висококвалитетен и современ дизајн, и со современи квалитетни градежни материјали.

За овој комплекс, како што вели инвеститорот, најзначајни се локацијата и современиот дизајн. Во главниот град на Македонија локацијата на комплексот е уникатна и повторно нема да има толку голема локација за мешовита градба во централното градско подрачје. За луѓето коишто ќе живеат овде, ова е можност да уживаат во сите објекти во комплексот и пошироко во централното градско подрачје, додека живеат во нов и модерен стан. Дајмонд трговскиот центар е во центарот на комплексот и до него брзо се доаѓа и пешки. Авенијата на вкусовите е на неколку чекори од становите.

Современите принципи на дизајн се аплицирани во сите аспекти на проектот, вклучувајќи ги градежните материјали, термичката и звучна изолација на сите објекти, конструктивниот систем, заштитата од пожари, изборот на лифтовите, прозорците и застаклените фасадни површини и друго, а се во согласност со принципите за одржливост.

Мал град во центарот на градот Скопје, со придружни објекти за удобен живот и престој во комплексот.

Компанијата LIMAK CONSTRUCTIONS основана е во 1976 година во Истанбул и е специјализирана фирма за изградба на сите типови објекти од високо и нискоградба како инфраструктура, вклучувајќи и аеродроми, пристаништа, автопати, системи за наводнување, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти за прехрана, комплекси за мешана употреба, хотели. Денес компанијата е во (ЕNR)-Engineering New Record-50 најголеми генерални изведувачи – во кои влегуваат 250 најдобри светски интернационални градежни компании.

Компанијата LIMAK CONSTRUCTIONS е дел од Групацијата ЛИМАК (Турција).

Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top