Насловна / Вести / Дијаманти – гламур, вечност и крв

Дијаманти – гламур, вечност и крв

Тие се олицетворение на романтика, гламур и статус, а сепак не се ништо друго освен јаглерод. Дојче веле ги истражувал значењата на дијамантите, од културни амајлии и предмети на желба, до метафори за отпорност и двигатели на економиите.

Кога канадската рударска компанија „Лукара дајмонд“ (Lucara Diamond Corp) неодамна објави дека во Боцвана е откриен епохален камен од 2.492 карати, многу геолози ширум светот ги триеа очите во неверување.

Да беше жива денес, реакцијата на оскаровката Елизабет Тејлор на овој камен сигурно би вредела да се цитира. Нејзината изрека „На големите девојки им требаат големи дијаманти“ и љубовта кон накитот беа легендарни, а нејзината приватна колекција е една од најскапите во светот, вклучувајќи го и неверојатниот дијамант Тејлор Бартон од 69 карати. Тоа е 60 пати поголемо од просечниот дијамант на свршенички прстен во САД денес.

Зошто луѓето толку ги привлекуваат дијамантите? Што ги прави посебни? Одговорот е повеќеслоен како брилијантно исечен дијамант – почнувајќи од неговите својства, како најтврд материјал на Земјата, со најголема топлинска спроводливост.

Солзи на боговите

Дијамантите првпат се откриени во Индија, каде што луѓето верувале дека настанале кога гром удрил во камен. Старите Грци мислеле дека тоа се солзи на боговите или паднати делови од ѕвезди. Со векови биле ценети поради нивниот сјај и цврстина, верувале дека имаат лековити, па дури и магични својства. Индиските кралеви носеле необработени дијаманти во накитот или како амајлии во битка.

До почетокот на 14. век, дијамантите од Индија го наоѓале својот пат до големите европски градови, што довело до првите индустрии за обработка на дијаманти во Венеција и Бриж.

Дијамантскиот прстен, кој надвојводата Максимилијан од Австрија и го понудил на Марија од Бургундија во 1477 година, често се смета за прв дијамантски веренички прстен. Но, всушност, Жан Батист Таверние, француски златар и патник од 17. век, ја „заразил“ европската елита со дијаманти.

Познат по своите патувања во Индија и Персија, Таверние носел многу познати камења на дворците низ континентот. Еден од неговите најдобри купци бил францускиот крал Луј XIV, кој не можел да се засити од своите дијаманти.

Опсесија која, според историчарката и авторка Аџи Раден е комбинација од психологија и оптика.

„Полудуваме кога ќе го видиме сјајот, бидејќи буквално сме предодредени да бараме светкаво. Сите живи суштества што можат да гледаат се програмирани да бараат нешто светкаво, бидејќи тоа асоцира на вода, а водата е живот“.

Слоган на векот

„Од друга страна“, додадала, „дијамантите се предмет и објект на неверојатна, век долга, оригинална маркетиншка кампања која се граничи со воена пропаганда“.

Таа мисли на култната рекламна кампања на компанијата „De Beers“, која ги врежала дијаманти во свеста на јавноста. Основана од страна на британскиот империјален тајкун Сесил Родс во 1888 година, „De Beers“ го контролирал производството на повеќето светски дијаманти повеќе од еден век. Со изобилство на дијаманти од новоформираните рудници во Јужна Африка, Родс сфатил дека единствениот начин да се зголеми нивната вредност е да се контролира понудата, т.е. вештачки да се создаде недостиг.

Но, кога глобалната продажба на дијаманти се намалила по Големата депресија во 1930-тите, „De Beers” ја ангажирал рекламната агенција „N.W. Ayer & Son“ од Филаделфија, за да ја зголеми побарувачката. Резултатот од кампањата во 1948. година не бил ништо помалку од преврат.

„Дијамантите се вечни“ не само што ги поврзувало дијамантите со романтика и вечната љубов, туку пионерски го вовело производот во Холивуд, филмовите и песните, на крајот користејќи ја популарната култура за да се создаде потреба за дијаманти.

Продажбата на дијамантски веренички прстени експлодирала, а слоганот „Дијамантите се вечни“ опстојува и денес. Во 1999 година прогласен е за рекламен слоган на векот.

Романтизирање на каменот (дијаманти во популарната култура)

Дијамантите блескаат насекаде во популарната култура, а откако првпат се откриени, имале огромно влијание врз начинот на кој размислуваме.

Најстарата печатена книга во светот е Дијамантна сутра на кинески јазик. Датира од 868 година, а дијамантот се користи како метафора за пробивање на илузијата за да се најде чиста вистина.

Во литературата, дијамантите инспирирале сосема нови жанрови: романот на Вилки Колинс од 1868 година „Месечевиот камен“, за украден индиски дијамант, бил шаблонот за модерниот детективски роман. А синестетичкиот квалитет на дијамантите во популарната музика – Луси во небо со дијаманти од Битлси или хитот на Ријана Дијаманти – не изгуби ништо од својата привлечност.

Уметниците ја искористиле дихотомијата на дијамантите како симбол на консумеристичкото општество и врвен луксуз. Енди Ворхол додал нова нота на неговата серија од 1980. година на свилени отисоци Кондури со дијамантска прашина, користејќи вистинска дијамантска прашина, додека Демијан Хирст ја довел оваа контрадикторност до екстрем со поставување на 8.601 дијаманти на гипс од човечки череп.

Во меѓувреме, дијамантската прашина може да се најде насекаде, од прецизни дупчалки до турпии за нокти, па дури и во луксузните креми за лице, а потенцијалот на дијамантите како следната генерација на полупроводнички материјали активно се истражува.

Темната страна на дијамантите

Но, приказната за дијамантите не е секогаш гламурозна, а и многу познати камења предизвикуваат сложена и спорна историја на колонијализмот. Како легендарниот кохинор, кој и понатаму е еден од врвовите на британскиот кралски накит.

По потекло од Индија, дијамантот кохинор од 105 карати преживеал вековни интриги и освојувања, пред десетгодишниот Махараџа од Пенџаб да биде принуден да и го предаде на кралицата Викторија во 1849. година.

По смртта на кралицата Елизабета Втора во септември 2022 година, повиците за негово враќање станаа се погласни во неколку земји. Одлуката да не се вклучи кохинор во круната на кралицата Камила за крунисувањето на кралот Чарлс е протолкувана како чин на дипломатска чувствителност и обид да се избегнат контроверзи.

Канадско-индиската уметница и дизајнерка Рина Ахлуалиа, која го зема кохинор како тема во нејзините слики, вели дека тој и денес  за многу Индијци е конфликтен симбол. „Тоа е многу повеќе од обичен скапоцен камен“, рече таа. „Бидејќи потекнува од Индија, тој е и извор на гордост и многу болен потсетник на колонијалното минато на земјата“.

Популарната култура исто така имала улога во вкоренувањето на темната страна на дијамантите во колективната свест, за што сведочи трајната дамка на „крвавите дијаманти“. Терминот се појави во 1990-тите за да ги опише дијамантите ископани и продадени за финансирање вооружени конфликти, при што земји како Сиера Леоне и Ангола станаа симболи на проблемот.

Глобалната осуда доведе до воспоставување на шема за сертификација во 2003 година за да се регулира трговијата со необработени дијаманти. Но, кога Холивуд го донесе овој проблем на големото платно со филмот „Крвав дијамант“, неговиот графички приказ на трговијата со дијаманти како двигател на брутално насилство остана длабоко вкоренет во свеста на луѓето.

Фактор што придонесе за неопходна промена во однесувањето на индустријата, бидејќи истакнатите играчи на пазарот на дијаманти почнаа да даваат предност на можноста на следење на потеклото и користа за заедниците во земјите што произведуваат дијаманти.

Дизајнерката Сата Матури, родена во Сиера Леоне, забележува дека потеклото е од големо значење во денешниот свет. „Веќе не е само ‘убаво да се има’ – тоа треба да биде составен дел од она што го правите“.

„Мислам дека денес не постои изговор за дизајнерот или некој во индустријата да каже дека не може одговорно да набавува дијаманти, бидејќи постои технологија што тоа го овозможува“, додава Матури.

Извор: ДОЈЧЕ ВЕЛЕ

Испрати коментар

Scroll To Top