Барселона е еден од оние градови со широк спектар на уметности.
Архитектура сочинета од историски објекти, добро познатите дела на Антони Гауди, спектакуларната уметност на Лудвиг Мис ван дер Рое, па сè до модерната архитектура на маестралните творци Сантијаго Калатрава, Френк Гери, Норман Фостер, Тојо Ито… Кога на сето тоа ќе додадете медитеранска клима, улици исполнети со дрвореди и прекрасни плажи, Барселона е одлична дестинација за посета во текот на целата година. Покрај беспрекорната архитектура, градот изобилува со бројни културни настани и изложби.
Имено, со развивањето на новите технологии, сè повеќе сме сведоци на различната интерпретација на уметноста, почнувајќи од светлосната инсталација на Ивана Јелиќ и Павле Петровиќ на делото на Винсент ван Гог – Ѕвездена ноќ – кое беше презентирано преку Лед инсталација над каналите на Амстердам, како дел од Амстердамскиот фестивал на светла, потоа дигитална изложба на познатите дела на Винсент ван Гог во Париз, па сè до дигиталната изложба со 360 ° проекција и виртуелна реалност на изложбата на Клод Моне – Monet, the immersive experience во IDEAL – Центар за дигитална уметност во Барселона.
Изложбата Monet, the immersive experience е отворена од ноември па сè до крајот на февруари 2020 година.
Презентирани се најпознатите дела на Клод Моне, кој е еден од основачите на правецот импресионизам, правец кој го добива името по неговата слика „Импресија, изгрејсонце“. Делата иновативно се презентирани на екрани од илјада метри квадратни со дигитална проекција во целиот простор, при што преминот од една слика кон друга е пропратен со добро селектирана музика, што ѝ дава посебна хармонија на целата изложба и ни овозможува едно сосема поинакво доживување.
Пред самиот крај од изложбата посетителите имаат можност на една невообичаена прошетка низ уметничките дела на Клод Моне преку виртуелна реалност при што поминувате од една слика во друга со 360 ° проекција, така што за момент и вие сте дел од таа приказна.
Создавањето на една ваква врска меѓу новите технологии и безвременските дела е токму тоа што ги прави овие изложби посакувани и широко посетувани. Сè додека се развиваме и напредуваме паралелно со развојот на технологиите и можностите кои ни ги нуди ова време, а притоа сè уште ги славиме и ги запознаваме новите генерации со делата на спектакулрните уметници од едно друго време, на вистинскиот пат сме!
Автор: Елена СИМЈАНОСКА, д. и. а.