Дигитална изложба од фондовите на Хрватскиот музеј за архитектура ХАЗУ по повод меѓународниот научен собир одржан во 2021 година и во пресрет на издавање на научната монографија во 2023 година.
Со одржување на научен собир и дигитална изложба за архитектот Драго Иблер, творец на низа антологиски дела, меѓу кои и Завод за социјално осигурување на работницитите во Скопје, денес хирушка болница „Св. Наум-Охридски”, попозната како Градска болница, еден од основачите на Загрепскиот архитектонски круг, Хрватскиот музеј на архитектура ХАЗУ ја одбележа стогодишнината од почетокот на делувањето на авторот.
Веќе во студентските денови, почнувајќи од 1920 година, Иблер учествувал на низа архитектонски конкурси во знакот на општествените и уметнички предизвици на периодот. Со својот опус и повеќеслојна активност, со дестелетија истрајно ги промовирал прогресивните принципи на архитектонското обликување во распон на креативниот израз од експресионизмот и новата стварност во 1920-тите, сè до модернизмот на интернационалниот стил во 1930-тите и поетичниот функционализам во 1950-тите. При дигиталната презентација на проекти од фондовите на Хрватскиот музеј за архитектура, ХАЗУ, и во пресрет на претстојното објавување на Зборникот на трудови во музејската едиција Architectonica и понатаму размислувањето на Иблер е водич за архитектурата како идеја за живот, која ја формулирал во рамки на воведниот говор на отворањето на Првиот конгрес на архитектите на Југославија, изразувајќи ја и во синтагмата на програмската декларации на групата Земја во 1929 година – затоа што уметноста и животот се едно.
На научниот собир одржан на 9 декември 2021 година, претставени се нови сознанија од голем број меѓународни истражувачи од Загреб, Будимпешта, Женева, Есен, Љубљана, Белград и Мостар кои ги согледале творечките, педагошките и професионалните позиции на Иблер во проширен, меѓународен контекст. Тоа е придонес и поттик за ревалоризација на творештвото на Иблер, кое со оваа пропратна, дигитална изложба се претставува како одење, движење или ритам на творештвото на Иблер – во знак на своевидни стилски чекори со кои во концизни вертикални низови нацрти и фотографии маркираат поедини периоди од неговиот опус. Претставени со карактеристични проекти од фондот на Музејот, овие кратки скици на креативниот говор на Иблер може да се гледаат и како антологиски меѓаши со кои трајно е обележана панорамата на хрватската архитектура.
Изложбата е достапна на следниот линк: https://ibler.hazu.hr
Архитектот Драго Иблер (1894 – 1964) припаѓа на генерацијата хрватски архитекти кои во средината на 20 век ја довршувале негацијата на класицистичката архитектура од 19 век, започнале истражувања на поставките на современата функционалистичка архитектура и креирале репери за идната архитектура. Благодарение на школувањето во Дрезден и Берлин, работата во ателјето на Hans Poelzig и членството во CIAM, осознавал врвни архитектонски тенденции и ги сугерирал во своите проекти и реализации. Како професор на Академијата за ликовни уметности во Загреб, на Архитектонскиот факултет во Женева и во Државната работилница за архитектура во Загреб, ги едуцирал новите генерации водечки хрватски архитекти.