Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ е ставена во функција современа висококвалитетна опрема за дигитализација на книжниот фонд, која Владата на Рeпублика Македонија ја набави во рамки на проектот дигитална библиотека.
Со новиот сервер ќе продолжи дигитализирањето на печатените книги кои се чуваат во НУБ и кои водигитална форма се ставаат на страницата на дигиталната библиотека (www.dlib.mk), а се планира да бидат достапни и во звучна форма за слепи и слабовидни лица. За новата опрема се обезбедени и обуки за вработените.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска при денешната посета на НУБ ја разгледа новата опрема и изјави дека со овој проект се гарантира сигурност на вредното книжевно богатство и негова заштита од забот на времето.
– Процесот се одвива со одлична динамика и досега се дигитализирани околу еден милион страници од многу значајни книги: 195 стари и ретки книги од археографската збирка, 78 наслови од весници и списанија кои се дел збирката ретка периодика, 13 ретки карти и 130 старословенски ракописи. Со поддршка на институтот „Јунус Емре“ од Анкара, во 2013 година беше дигитализирана и целата ориентална збирка на арапски, персиски и турски јазик. Опремата што тогаш се користеше е оставена за функционирање во НУБ, истакна Канческа-Милевска.
Додаде дигитализацијата ќе продолжи и дека во 2015 година во план е дигитализирање на 46 илјади македонски изданија од 1945 до денес, девет наслови од збирката Ориенталистика, разгледници и плакати со уметничка вредност, како и дел од фондот на збирката за ликовни уметности.
Покрај дигитализирањето на книжниот фонд, со поддршка на Министерството за култура оваа година во НУБ ќе има и други инвестиции, за кои министерката разговарала со директорот на НУБИван Заров.
Планиран е и зафат на покривната конструкција и уредување на санитарните јазли во стариот дел на Библиотеката.