На Градежниот факултет во Скопје денеска беше одбележан десетгодишниот јубилеј на докторската школа СЕЕФОРМ.
– Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има соработка со неколку водечки универзитети во Европа. Резултат на таа соработка е и денешната прослава на десетгодишниот јубилеј во соработка со универзитетот Бохум во Германија. УКИМ е можеби единствен универзитет во Македонија со седум заеднички дипломи. Една од нив е заедничката докторска диплома на студиите по градежништво која мошне успешно функционира 10 години. Заедничките дипломи се иднина на високото образование, бидејќи со нив сите универзитети од Европа стануваат значаен сегмент и дел од заедничкиот образовен простор, – истакна на одбележувањето на јубилејот ректорот на УКИМ Велимир Стојковски.
Тој додаде дека во изминатите 10 години СЕЕФОРМ продуцира квалитетни кадри кои, како што рече, со завршување на докторски студии на оваа програма ќе можат да бидат прифатени рамноправно, како да завршиле докторска школа на кој било од парнерските институции од ЕУ.
Министерот за образование и наука Абдилаким Адеми се согласува со ставот на ректорот за квалитетот на кадри кои се профилираат преку оваа школа, додавајќи дека тие се иднината на секоја земја, во полето на високото образование, но и во полето на научно-истажувачката дејност.
– Република Македонија континуирано работи на усогласување на високо образование, но и на научно истражувачка дејност со практиките на земјите од Европската Унија, со цел да обезбеди соодветно место на македонските институции во европскиот простор на високо образование, – рече Адеми.
Тој додаде дека во измените на Законот за високо образование од 2008 година била воведена практиката титулата доктор на науки да се стекнува само во рамките на докторски студии. Оттука, потенцира тој, искуството на Меѓународната докторска школа СЕЕФОРМ претставува вредно искуство кое датира и пред воведувањето на законските измени за третиот циклус студии.
– Мобилноста на студентите и академскиот кадар е нашата придобивка од Болоњскиот процес. Во таа насока особено заслужува да се одбележи пристапот во обезбедувањето на потребните кадровски ресурси заради достигнување на што е можно повисок квалитет на докторските студии. Во овој заеднички потфат во кој учествуваат академски кадар и подмладок од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија, и кој успешно опстојува веќе 10 години, несомнено зборува за добро одбраната формула. Морам да напоменам дека е значајна улогата на докторската школа и во креирањето на мрежа на млади истражувачи кои во иднина ќе знаат да го искористат регионалниот пристап при надминување на различни предизвци со кои се соочува регионот, – истакна министерот Адеми.
Тој смета дека се покажало дека СЕЕФОРМ е расадник на млад академски кадар во универзитетите во регионот, кој благодарение на соработката со германските универзитети има поширок академски профил.
Поддршката од универзитетите во Сојузна Република Германија и Германската агенција за меѓународна размена ДААД, според Адеми, даваат специфичен печат на целокупниот проект.