Насловна / Вести / Десет години „Порта 3“ – Книгата остана отворена

Десет години „Порта 3“ – Книгата остана отворена

10 godini porta3

Токму пред девет години кога го одбележувавме првиот роденден на „Порта 3“, на пригодниот уводник по тој повод му дадов наслов „Книгата останува отворена“. Тој наслов го позајмив, пак, од она што го напишав во уводникот на првиот број на „Порта 3“ кој излезе ова време пред десет години или попрецизно, на 29 декември 2004 година.

Тогаш, понесени од идејата дека и на овие простори може да има весник или списание, тематско или еснафско, како сакате, некои луѓе сметаа дека тоа мора да се направи. Идејата беше на сегашниот генерален  директор на „Адинг“, Благоја Дончев. Партнерот во нејзината реализација беше мојата маленкост. Падна договор. „Адинг“ во најголем можен дел ќе го спонзорира, или поедноставно, ќе го поддржува излегувањето на „Порта 3“. А јас со новинарската екипа да се грижиме за новинарскиот дел. Наидовме на сесрдна поддршка и кај Печатницата „Европа 92“. Оттогаш наваму овие две компании се главните „виновници“ што „Порта 3“ сè уште е „отворена книга“. Се разбира, и со големата поддршка на десетина компании кои речиси цело време се со нас, но и десетици други кои повремено ни даваа поддршка, знаејќи дека ваквиот вид списанија, за да опстанат на пазарот мораат, во прв ред, да ја имаат поткрепата од еснафот. А тој разбра дека нему му е место на страниците на „Порта 3“. И така, со големата поддршка на луѓето што ги водат тие компании и кои веруваат во она што го произведува „Порта 3“ и во нејзината работа, стигнавме на прагот на 11. година.

10 godini porta3 (2)

За првата година од списанието добивме многу честитки и посакувања, „Порта 3“ да расне и да стане сè подобра и подобра. Беше речено дека таа „пополнила празнина во пишаниот збор“, дека „успеа да влезе во медиумските води со нови идеи и нови погледи, се доближи до читателот со желба не само да го информира туку и да го едуцира“,  дека „иако не е сосема стручно списание, сосема е надвор од клишеата во новинарството во земјата, кое во голем дел е опседнато со политики и скандали“. Се кажа дека е „видлива тенденцијата на Редакцијата да ги афирмира, пред сè, домашните стручни лица од областа на архитектурата и градежништвото, а истовремено редовно се прикажуваат и надворешни архитекти со светско реноме заедно со нивните дела. Таа е освежување за науката, развојот и технологијата“. Имаше посакувања, „Порта 3“ да почне да излегува на убава хартија и да има квалитет кој прилега на таков вид списанија… Имаше идеи за воведување нови рубрики: хортикултура, внатрешно уредување, заштита на културното наследство…

Низ што сè поминавме во изминатите десет години? Одговорот на сите кои се во „Порта 3“, околу неа и пошироко, им е јасен, затоа што сите сме дел од она што се случува и се случуваше во државава. Го делевме и го делиме и доброто и лошото во водењето на бизнисот во овие тешки времиња. А издавањето медиум не е помалку бизнис од оној што го имаат други компании.

„Порта 3“ почна како списание кое излегуваше двапати месечно, со формат кој одговараше на тогашниот концепт. Списание со мноштво вести од Скопје, државата, Балканот и од светот. Се разбира, полно и со теми од областа на градежништвото, архитектурата и екологијата. Имаше шаренило од текстови кои извираа од секојдневното работење на општините, компаниите, власта. Беа третирани регионални и светски настани… Токму затоа „Порта 3“ сè уште е „отворена книга“. Дотолку повеќе што на нејзините страници се отвори простор за науката, за мислења и ставови на експертите. Имаше и полемики. Доволно е овде да ја споменам серијата текстови, која течеше повеќе од една година, а беше посветена на проектот „Скопје 2014“. Од тие текстови може да се направи цела книга, на чии страници би можело да се прочитаат искажувања на десетици, десетици архитекти, урбанисти, академици, историчари на уметност, за „Бурето барок“, како што носеше наслов едно од мислењата по тој повод.

Денес, ако ја земете „Порта 3“ во раце ќе видите дека многу посакувања од нашите читатели кои беа искажани на првата годишнина, се реализираа. Можеби списанието со текот на времето изгуби во делот на информативноста, но затоа доби на друг план, не губејќи во квалитетот на содржините. И не само тоа. Се воведоа нови рубрики, иако тоа нè чинеше повеќе пари, преминавме да се печатиме на офсет печат, токму како што е тоа случај во светот со ваков вид списанија.

Следејќи ги модерните времиња, „Порта 3“ не можеше да остане имуна на новите тeхнологии. Низ страниците на списанието струеја свежи идеи од млади соработници, кои полека се вклучуваат во него. Токму тие беа носителите на идејата да се направи збогатено електронско издание на списанието за поголема комуникација со читателите. Она што го изгубивме со промена на дизајнот и форматот на списанието и преминувањето на квалитетен печат, големата информативност, сега одново се враќа преку електронското издание. Па така, печатеното и електронското издание меѓусебно се надополнуваат. Секако, ова бараше нова жртва. За да можеме да се справиме со потребата од нови дополнителни трошоци, се одлучи печатеното списание наместо двапати, да излегува еднаш месечно. Носењето на бизнис одлуките се тешка работа, но веруваме дека таа беше исправна. Првите впечатоци се дека ваквиот чекор се покажа успешен. Се зголеми бројот на читателската публика. Имаме речиси десет илјади регистрирани пријатели на електронското издание. Веруваме дека најмногу од нив се младите. Но, исто така успеавме да го стабилизираме тиражот на печатеното издание на ниво кое одговара на потребите на читателите.

За изминативе десет години „Порта 3“ испечати 227 броја. Илјадници страници. Низ нив продефилираа стотици авторски имиња, од новинари, студенти, асистенти, професори, експерти во разни области од државава и од странство. Мора да се искаже голема благодарност до нив, зашто без нив „Порта 3“ ќе беше посиромашна. Нивното учество потврдува дека „Книгата била и останува отворена“. Благодарност и за поддршката од компаниите што сфатија што значи таа за „Порта 3“, за нив, но и за фелата пошироко.

Да се опстои во медиумските води десет години, особено во време кога сите вредности се изопачени, е тешко. Патот по кој одеше и по кој оди „Порта 3“, не е лесен. Но секогаш останува надежта дека и во наредната година одново ќе се собереме и заедно ќе прочитаме уште некоја страница од „отворената книга“.

Испрати коментар

Scroll To Top