Новиот Закон за регулирање на статус на бесправно изградени објекти кој сега го подготвува Министерството за транспорт и врски, ќе опфати објекти кои се изградени пред 1 јануари 2021 година, при што објектите кои ќе ги исполнат законските услови ќе се запишат во Катастарот на недвижности, а објектите кои нема да ги исполнат законските услови се предвидува да бидат отстранети.
За овој закон имаше голем притисок од јавноста и откако утврди дека е неуставен, претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот.
Известувањето дека се прави законот веќе е поставено на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), како што потврди и министерот за транспорт Благој Бочварски, но целосниот текст на законот како документ не е прикачен. Рокот за конечната верзија е 31 август годинава, а во неа треба да влезат сите коментари од правници, од невладини организации или од засегнати страни, одговорно лице за контакт во министерството е Мартин Оџаклиевски.
Министерство за транспорт и врски соопштува „ Постапувањето со бесправно изградени објекти во Република Северна Македонија претходно е уредено со Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 23/11, 54/11, 155/12, 72/13, 44/12, 115/14, 199/14, 124/15, 129/15, 217/15, 31/16 и 190/17) а предмет на истиот се бесправните објекти изградени заклучно со 3 март 2011 година. Со овој закон неколку пати е продолжуван рокот за доставување на барање, меѓутоа од причини што голем дел од барателите не ја доставиле потребната документација во законски утврдените рокови, дел од објектите и понатаму се без утврден правен статус. Исто така од страна на Заедницата на единиците на локална самоуправа укажано е дека во поголем дел од единиците на локална самоуправа евидентирани се бесправни градби кои се изградени после 3 март 2011 година“.
Министерот Бочварски вели дека веќе два месеци разговарале со засегнати страни и уверува дека со новото законско решение целосно се отстранети сите слабости на се она што било забелешка и на асоцијациите и на граѓаните.
„Ние ги направивме сите консултации, почнувајќи од 25 мај до денес, веќе два месеци разговараме со сите засегнати страни, потоа законот ќе се дискутира и на седница на Влада, а потоа ќе оди во Собрание по редовна постапка и ќе се дискутира во Собрание, така што сметам дека преуранети се сите дискусии и не би сакал пред да се објави законот да дискутирам за кое било прашање, не заради тоа што нешто криеме туку заради тоа што сметаме дека треба да излезе во процедура, а потоа да можеме член по член да дискутираме за овие законски одредби и постапки“ – рече Бочварски.