Бројни медиуми ја пренесоа заедничката изјава на министрите од десет земји членки на Европската унија, кои заговараат вклучување на нуклеарните електрани меѓу зелените или преодни технологии оваа година, во рамките на таксономијата за одржливо финансирање. Групата која ги промовира нуклеарките ја предводат Франција и Полска, а во неа се и четири држави од југоисточна Европа: Словенија, Хрватска, Романија и Бугарија. Останатите земји се: Чешка, Финска, Унгарија и Словачка. Европската комисија за зелена таксономија објави во април дека на едно место ќе ги има техничките поединости за перформансите на технологиите за енергија од обновливи извори во контекст на климатската криза и за нивната усогласеност со целите на ЕУ во оваа област. Притоа, нуклеарките беа изоставени. Наведената група земји, своето барање за вклучување на нуклеарките го испратила до Европската комисија. Германија, Австрија, Данска, Луксембург и Шпанија силно се спротиставуваат на оваа идеја. Овие држави истакнуваат дека додавањето на нуклеарките во таксономијата “трајно ќе наштети на нејзиниот интегритет, кредибилност и корисност“.
Доколку ЕУ ја поддржи оваа иницијатива, односно ги означи нуклеарките како нискојаглеродна технологија, таквите проекти би добиле пристап до државна помош. Исто така ќе можат да привлечат банки и инвестициски фондови кои се обврзале да ги почитуваат климатските цели. Земјите од ЕУ кои побарале означување на нуклеарките за „зелени“, ја признаваат улогата на обновливите извори во енергетската транзиција, но истовремено тврдат дека тие немаат потенцијал за производство на доволно чиста енергија на константно ниво. Еколошките активисти, како на пример Greenpeace, укажуваат на ризиците од радиоактивниот отпад и инциденти. Истакнуват и дека изградбата на нуклеарни електрани е скапа и долго трае.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон неодамна го претстави инвестицискиот план од 30 милијарди евра, вклучувајќи 8 милијарди евра за енергија од обновливи извори, зелен водород и нуклеарни електрани, како и 4 милијарди евра за сообраќај и мобилност. Владата ќе издвои и една милијарда евра за новата технологија на мали модуларни реактори (SMR). Франција произведува 2/3 од електричната енергија во нуклеарки, а Германија планира следната година да ги затвори преостанатите свои реактори. Хрватска и Словенија преговараат за втор блок во нуклеарката „Кршко“. Дополнително, Хрватска ја испитува и можноста за склучување на десетгодишен договор со Унгарија за купување на електрична енергија од унгарската нуклеарка „Пакс“. Австрија е против нов блок во соседството, односно во нуклеарката „Кршко“. Унгарија работи на проектот „Пакс 2“ со Русија. Минатата година Унгарија и предложи на Србија продажба на вишоци од својата нуклеарка, а за возврат да добива електрична енергија од хидроелектраните. Романија планира обнова и проширување на својата нуклеарка Cernavodă во соработка со Канада. И Бугарија не се откажува од проширување на „Козлодуј“, ниту пак од можноста за изградба на други такви постројки.