Урбаната атракција која ги пресретнува посетителите на самиот влез во познатиот хамбуршки дистрикт St. Pauli, едноставно не може да остане незабележана. Во исклучително живо опкружување, се лоцирани две кули кои се издвојуваат со нивната впечатлива појава благодарение на висината како и невообичаениот формален израз. Историјата на проектот почнува во 2003 година, кога предлог-решението од фирмата BRT под имињата на архитектите Bothe, Richter и Teherani победило на конкурсот за предвидениот просторен развој. Проектот бил завршен дури во 2012 година од страна на Hadi Teherani.
Лоцирани на најпознатата улица во Хамбург, карактеристичната силуета на пар кој танцува претставува симбол на виталност на самиот дистрикт но и во целиот град. Аналогијата на архитектонски објект со човеково тело е неретка тема на формален исказ во современата архитектура. Она што постојано воодушевува е начинот на претставување на треперливо движење замрзнато во даден миг, кое секогаш одново ги фасцинира оние што го доживуваат. Имено, станува збор за две кули со висина од 75 и 85 метри кои истовремено се спојуваат и оддалечуваат една од друга на различна висина.
Фасадната конструкција е изведена од челик и стакло и таа ги затвора канцелриите со прекршена обвивка низ сите (24) катови. Стаклата се протегаат по целата висина на катот, така што се создава одлично поврзување на внатрешноста со надворешното опкружување, а истовремено се овозможува продир на светлина која е повеќе од доволна. Отвореноста и затвореноста создаваат возбудлива внатрешна структура на просториите и истовремено обезбедуваат мирен амбиент кој е неопходен за време на работното време.
Закосените столбови и ѕидови се оние што го даваат шармот во ентериерот, при што истовремено прикажуваат сосем нов пристап кон внатрешното уредување. Виталниот концепт на стакло и бетон наложува да се обработи добро акустично решение. Како одговор на звучната изолација во внатрешноста се јавуваат CAS теписите, кои го претвораат подот во акустичен спроводник со што се добива извонредна просторна удобност. Теписите 300 (Carptet300) со сива и бледа беж боја, истовремено го нагласуваат ефектот на модерната архитектура и пријатниот внатрешен дизајн.
Светлите нијанси одговараат со носачите што се протегаат низ зградата. Тешко носечките тафтувани подни облоги изгледаат нежно и природно, така што ги хармонизираат просториите. Примарната фасада, која е главен виновник за динамичниот танцувачки изглед на зградата, има повеќе од 7 степени наклон и е со големина од 19.000 метри квадратни. Но, тука не се работи само за задоволување на естетиката кај објектот туку и за спроведување на одлична заштита од временски услови, ветер, сонце и звучна заштита, а како посебно внимание се посветува на оптималниот поглед кон градот.
Стандардните фасадни единици се со димензија од 2,80 на 3,45 метри секоја со тежина од околу 700 килограми. Најголемите елементи се сместени на најгорниот сервисен кат на јужната страна и се со димензија од 2,80 на 5,40 метри и со тежина околу 1.350 килограми. Напредниот геометриски дизајн на двојната фасадна обвивка е многу софистициран, така што поединечните единици се наклонети едни кон други под различен агол од внатрешната фасада, при што се добива впечаток на танцувачки перформанс кој го изведуваат кулите. Двете згради со околу 80 и 90 метри висина, на места се доближени и се потпираат една со друга, за потоа на одредено ниво да се отклонат, со што се добива впечаток на движење.
Токму поради овој формален гест кај конструкцијата на фасадата биле констатирани 16 различни наклони кои се клучни за постигнување на саканиот ефект. Алуминиумските паспартуа и надворешните стаклени панели се фиксни и завртени кон внатрешната фасада. Паспартуата се мали отворени фасадни компоненти кои носат мал стаклен надворешен панел. Овие надворешни панели ги покриваат рамките на прозорците, така што обезбедуваат одредена заштита од дожд во внатрешноста. Без разлика што имаат одередена косина, корисниците сепак можат да ги отворат прозорците. Пристапната опрема за чистење и одржување на зградата е сместена долж страните на паспартуата, кои исто така содржат и системи за заштита од ветер и сонце кои се содржани во алуминиумски ламели сместени во предниот дел на внатрешната фасада.
За разлика од останатите конвенционални методи на градење, фасадата на Dancing Towers е изградена од надворешноста кон внатрешноста. Почетокот на проектот бил со дизајнирање на 3D модел на обвивката на објектот, кој сакал да ги прикаже комплексните геометрии на различните агли на фасадата.