Со почетокот на акцијата за чистење на локалниот пат кој води од селото Долна Бањица до депонијата Русино, закажан за денес, ќе започне решавањето на проблемот со депонирање на отпадот од Полог.
Акцијата, која ќе биде поддржана од сите општини од полошкиот регион, произлезе како обврска од договорот што вчера попладне бил постигнат помеѓу градоначалниците и жителите од населените места во близина на регионалната депонија, информираат од општина Гостивар.
На вчерашниот состанок на општините градоначалнците го прифатија барањето на месните заедници на населените места во близина на депонијата за формирање заедничко координативно тело, кое ќе се состои од по еден претставник од секоја општина, еден претставник од Министерството за животна средина и по еден претставник од месните заедници погодени со проблемот.
Претседателката на Полошкиот плански регион Теута Арфи, по состанокот напомена дека регионот презел обврска да го поправи патот до депонијата.
– Во согласност со постигнатиот договор, договривме, планот за управување со отпад, како прв и основен чекор, да заврши кон крајот на јануари 2017 година. Регионот презеде обврска да го санира и да го направи употреблив патот кој води кон депонијата. Воедно да ја санира и трасата која за жал, на многу места е неисчистена, изјави Арифи
Таа нагласи дека во однос барањето за отпадните води кои настануваат од сметот, Планскиот регион презел обврска да се обрати на Владата и таа да најде средства и начини за спроведување на ова барање.
Градоначалниците се договориле и постигнале согласност да се одреди распоред за превозните средства. Во иднина, во летниот период, превозот на отпад ќе се врши од полноќ до шест часот наутро, а преку зима од 22 до 6 часот.
– Се согласивме сите општини да ја ангажираат механизацијата за интензивно чистење во наредните два дена и од четврток на полноќ да почне превозот на отпад во депонијата, истакна Арифи.