Заматена вода деновиве течела од чешмите на станбените објекти во близина на Средното економско училиште „8 Септември“ во Тетово. Загрижени граѓани, пратија неколку фотографии на кои се гледа дека водата е загадена, објави Мета.
Од Центарот за јавно здравје-Тетово, велат дека водата во главниот цевковод која поминува низ градот е чиста и безбедна за пиење. Заматеноста на водата во овој дел на Тетово, според нив, е парцијален проблем. Најверојатно се работи за некој недостаток во дел од градската водоводна мрежа.
Од Секторот за водовод и канализација при Јавното комунално претпријатие -Тетово, изјавија дека интервенирале во делот од градската водоводна мрежа, каде течела заматената вода. Нивни екипи вчера ја испуштиле водата од цевките се до нејзино прочистување. Сега во тој дел од градот водата е чиста, потврдуваат од ЈКП-Тетово.
Најчести причини за заматувањето на водата се честите дефекти кои се случуваат во градската водоводна мрежа. Од ЈКП-Тетово изјавија дека и по два пати на ден интервенираат на санирање на градските дефекти, се со цел Тетовци да добијат чиста и безбедна вода за пиење
За да не се повторат загадувања на водата советуваат експертите, потребна е итна реконструкција на градската водоводна мрежа која е изградена со несоодветен материјал во 1926 година. Дополнителен проблем е што водоводната мрежа нема доволно капацитет да ги апсорбира количините на вода кои ги користи градот, каде гравитираат дневно околу 150.000 жители, па често пати водоводните цевки пукаат, а водата се случува да се помеша со дотраената канализациона мрежа.
Инаку, водата во Тетово минатиот месец три дена беше заматена и забранета за користење.
Матноста која достигна до 60 единици од дозволените 1,5, беше резултат на градежните работи, кои се изведуваа на туристичкиот центар Попова Шапка.
Се работеше на изградба на нов ски лифт, кој се наоѓа на само 20 тина метри до едно од извориштата, од кои Тетово се снабдува со вода.