Во Белград се отворени првите Денови на Ермитаж во Србија, меѓународен културен проект на еден од најголемите светски музеи. Програмата вклучува изложби, концерти, предавања, филмски проекции, мастер курсеви и археолошка конференција. Партнери на манифестацијата се Министерството за култура на Република Србија и компанијата Гаспром њефт.
Свеченото отворање на Деновите на Ермитаж се одржа на 24. октомври во Народниот музеј на Србија, кој е партнер на Ермитаж во организирањето на изложбите „Невидлива уметност“ и „Царски порцелан“.
НЕВИДЛИВА УМЕТНОСТ
Проектот „Невидлива уметност“ го прекршува главното правило на музеите : „Забрането допирање на експонатите!“. На оваа изложба е дозволено, дури е и обавезно да се допре уметноста.
Ермитаж, еден од главните музеи во Русија и во светот, со години експериментира со инклузивни формати, создавајќи реплики на уметнички дела: барелјефи, тактилни копии, 3Д портрети. Првично, овој правец бил развиен за посетителите на музејот со оштетен вид и за слепи лица, но се покажало дека тактилниот пристап кон уметноста е близок на најшироката јавност. Секој сака да допре скулптура или на пример, старински тепих.
Во Националниот музеј на Србија Ермитаж носи, не само ретки експонати, туку и посебно доживување во интеракција со нив. На изложбата „Невидлива уметност“, посетителите навистина можат да разберат и почувствуваат што значи кога и самите можат да ги допрат богатствата на музејот.
Првиот дел на инклузивната изложба е посветен на наодите на зороастрискиот локалитет Пеџикент (Таџикистан) и ископувањата на 5. могила Пазирик (Планините Алтај, Русија). Овде посетителите можат да се запознаете со тродимензионалните сцени на ѕидното сликарство на антички Пеџикент (VI-VIII век н.е.) и со нивната анимирана реконструкција — анимирани филмови кои го откриваат значењето на цртежите.
Посетителите на изложбата исто така можат да видат и допрат и репродуцирани фрагменти од најстарите моментално познати теписи и фигурини од IV-III век п.н.е. од гробиштата Пазирик.
Вториот дел од изложбата „Невидливи помошници“ е посветен на пријателите на човекот и главните помошници на слепите лица – кучињата. Ермитаж избрал десет слики на кучиња од уметничките дела од различни жанрови и направил нивни точни тридимензионални копии. Многу раритети земени како основа за реплики, поради нивната длабока старост, практично повеќе не се изложени за јавноста и се наоѓаат во музејските депоа. Така, можноста да се допрат вакви вредни артефакти, дури и во тактилни верзии, е ретка и единствена шанса.
ЦАРСКИ ПОРЦЕЛАН
Како изгледала омилената шолјичка на руската царица Елисавета Петровна? Во какви чинии се служел десерт на Александар I? Зошто Николај I толку многу го сакал Готскиот сервис? Какви садови користеле руските цареви на свадбените банкети и за време на поморските патувања на јахтата „Держава“? Зошто Рафаеловскиот сервис бил правен цели дваесет години? Одговорите на овие и други прашања се наоѓаат на изложбата „Царски порцелан“.
Проектот, кој низ порцелан и слики говори за историјата на царска Русија, нејзините владетели и традицијата на дворскиот живот е резултат на плодната соработка меѓу Ермитаж и Националниот музеј на Србија.
Во центарот на изложбата се прочуените свечени гарнитури кои се користеле за време на ручеци и приеми во Зимскиот дворец и другите царски резиденции. Овие прекрасни објекти прецизно ги реконструирале професионални скулптори и уметници врз основа на историски модели од колекцијата Ермитаж. Ремек-делата на руските мајстори од втората половина на 18. и почетокот на 20. век направени се така што се земени предвид сите нијанси на сложени форми, пластична и сликовна декорација на оригиналот.
Експонатите претставени на изложбата „Царски порцелан“ се поврзани со владеењето на речиси сите руски цареви – од Елисавета Петровна до Николај II.
Сите овие дела на декоративната уметност се создадени во Царската фабрика за порцелан (ИФЗ) во Санкт Петербург. Од почетокот на своето постоење во 1744. година, па сè до револуционерните настани од 1917. година, оваа фабрика била официјален снабдувач на рускиот царски двор и токму тука се создадени исклучителни комплети сервиси со монограми на владејачките монарси. Прекрасните комплети за вечера, десерти, чај и кафе направени во Царската фабрика за порцелан, се карактеризираат со фино полихромно сликање, елегантни релјефни елементи и богата позлата.
Шолјите, чиниите, вазните и украсите за маса не се само луксузни кралски предмети. Порцеланските дела го рефлектираа и личниот вкус на крунисаните нарачатели, популарните уметнички стилови и трендови во светската уметност, нивото на индустриски развој, значајните историски настани и општествените идеи.
Покрај порцеланот, и ликовната уметност е важен учесник во приказната за царска Русија која се раскажува во Народниот музеј на Србија. Репликите и модерните медиумски верзии на слики од колекцијата Ермитаж ја надополнуваат изложбата со портрети на цареви, живописни прикази на кралски резиденции, дворски трпези и празници.
„Домот на Ермитаж е прекрасниот Санкт Петербург, градот на мостовите. Мостовите ги поврзуваат луѓето, им даваат слобода на движење и ги прошируваат можностите. Културните мостови му даваат на човештвото многу повеќе: поврзуваат цели народи, го унапредуваат светското наследство и помагаат да се најдат допирни точки и простор за соработка“, вели директорот на Ермитаж, Михаил Пјотровски.
Изложбата ќе трае до 24. ноември 2023 година.