Насловна / Архитектура / Денешните проекти се само фотографии и 3Д анимации, тие се „empty“

Денешните проекти се само фотографии и 3Д анимации, тие се „empty“

Архитект Миодраг Митровиќ добитник на наградата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2019 година е роден во 1948 година во Вршац, Србија. Во Скопје започнува со основно образование кое го завршува во Сараево, каде продолжува и со гимназиското образование, а матурира во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. Под менторство на проф. Борис Чипан диломирал на Архитектонскиот факултет Скопје во 1973 година.

IMG_20191215_215316_resize

По дипломирањето работи во ГП Пелагонија, а по две години преминува во Пелагонијапроект. Во 1980 година се вработува во проектантското биро Мавровопроект. Во овие големи проектантски организации како дел од голем тим работи на проектирање и реализација на многу објекти во Македонија, Русија и Либија.

Во 1995 година основа сопствено проектантско биро „Метрика“. До денес работи на проектирање, надзор и изградба на различни видови проекти.

IMG_20191215_215518_resize

Добитник сте на повеќе награди и признанија, но наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ е како круна на целиот Ваш професионален ангажман. Што Ви значи наградата?

Со прашањето го определивте одговорот. Оваа награда, награда за животно дело е сублимат на сите мои претходни награди и им даде повисока вредност од онаа што ја имаа. Со наградата „Андреја Дамјанов“ тие се обединети и валоризирани. Но како што се вели „првата љубов нема заборав“, ја истакнувам наградата за Станбено – деловен комплекс во Зајечар, Србија добиена на општ југословенски конкурс во далечната 1972 година. На овој конкурс освоив втора награда, прва не беше доделена, во тој момент бев сè уште студент,  апсолвент на Архитектонскиот факултет! Со парите од наградата си купив магнетофон, стерео грамофон, адидас патики и со Љ. поминавме незаборавно лето на Пелопонез со москвичот на татко ми. Тоа беше тоа време, тој простор и мојот влез во светот на архитектурата.

IMG_20191215_220154_resize

Како ја доживувате Вашата кариера? Би промениле ли нешто или би направиле сè исто?

Мојата кариера е исполнета со љубов кон секој проект и реализација, со признанија и безгранична поддршка од моите родители и сестри, од мојата животна сопатничка Љ. и моите деца.

Не би променил ништо.

Активно, речиси без прекин, се занимавате со проектирање повеќе од 40 години. Како ја оценувате ситуацијата во областа на проектирањето денес?

Ве интересира архитектонското проектирање, задачата на архитектот.

Како одговор ќе го парафразирам познатиот српски режисер Александар Петровиќ, неговиот одговор даден во едно интервју во 1989 година на прашањето како се прави филм? На два начина. Првиот е авторски, тргате од поетското чувство и доживување, го материјализирате во некој карактер, приказна што се развива и расте, зајакнува, а останува на основната замисла. Резултатот е авторско компактно дело.

А вториот е „цакистички“, цака до цака, „копи пејст“, одбирање секвенци, матење, матење, мешање, па истурање, па што биде. Изборот може да биде интересен, доволно се паметни да одберат што е добро и понудат бела, мазна и слатка „пуслица“, а внатре е празно.

Погледнете ги презентациите на проектите и изградените објекти. Ретко кој се осмелува да го претстави планот, а уште поретко да се обрати со пишан збор. Нудат само фотографии и 3Д анимации. Зошто? Затоа што е „empty“.

IMG_resize

Куќи за одмор „Београд биро“, Белград

На доделувањето на наградата изразивте задоволство дека сте во друштво на вашите професори и оние колеги од кои сте учеле. Имаат ли денес младите архитекти од кого да научат?

Имав среќа да се образувам и живеам во релативно средена држава, Југославија и нејзината Република Македонија. Врвно школство, живот надвор од железната завеса, патувања каде ќе посакавме, достигнувања на спортско поле во светски рамки, сè што сакавме. Но кај мојата класна Ксенија Аревска немаше преодна оценка без суштински одговори на прашања од областа на книжевноста. Ако пишувавме и раскази и песни оценката беше плус. Едноставно кажано од прво одделение бевме систематски образовани, потоа вработени, од постарите колеги прифатени и веднаш вклучени во проекти. За плата не размислувавме, платата се подразбираше.

Моите млади колеги се паметни, солидно образовани. Тие се со поширок видокруг од мојот на таа возраст, имаат голем пристап до информации благодарение на интернетот. Но, за жал морам да воочам, препуштени се сами на себе во борбата за егзистенција, во услови на суровите интереси на приватниот капитал и во услови во кои државата нема стратегија и програма за градежниот сектор.

Во најпродуктивните години од животот, родителите сè уште финансиски ги потпираат. Нема од кого да го учат архитектонскиот занает. Проектантските бироа се сведени на три, четири луѓе, што во развиениот свет секако не е случај. Се надевам дека суровата борба за опстанок, конечно ќе донесе квалитативни промени.

Kompleks-Soci-2_resize

Комплекс „Запољарије“, Сочи, Русија

Комората на овластени архитекти и овластени инженери изработи нацрт-тарифник за иженерски услуги кој повеќе од една година седи во некоја фиока во ресорното министерство. Каде погрешивме? Што е тоа што треба да го сториме за да го вратиме достоинството на професијата и да можеме да живееме од проектантската работа?

Тарифник за инженерски услуги не ме засега, размислувам за тарифник за архитектонски услуги. Комората на овластени архитекти и овластени инженери не ме интересира. Сакам комора на овластени архитекти, затоа што ние архитектите сме само во краен сегмент дел од инженерската фела. Почитувајќи ги сите најнови техничко-технолошки решенија и материјали, кои и моите ценети колеги инженери ги применуваат, сепак архитектите се тие кои создаваат во даденото време, во дадениот простор, со длабока анализа на историскиот и социолошкиот контекст на просторот кој се планира да се гради.

За да го вратиме достоинството на професијата архитект не е само прашање на цената на услугата, тоа е прашање на општа култура на еден народ. Мојот ценет инвеститор Џино Гвацини од Фиренца, за кого работевме неколку објекти во Македонија тоа најсуптилно го доловува. При секоја средба со него или кога ме претставува на неговите пријатели од Италија, тој вели: „Miki, mio architetto, amico mio…“.

IMG_20191215_215018_resize

Ни се случи „Скопје 2014“ при отворени очи и здрав разум. Нè обвинуваат дека како професија не направивме доволно. И сега молчиме, се однесуваме како да е завршена работа, бидејќи велат човек и на убавина и на грдотија се навикнува кога му е секојдневие. Може ли нешто сега да направиме?

„Скопје 2014“, таа фамозна флоскула, ден денес актуелна, уште долго ќе ја преџвакуваме. Ни се случи при замижани очи и зашеметен разум. Ниту МАНУ, ниту Архитектонската академија на ААМ не реагираа. Зошто? Прашањето е за подлабока стручна и социо – психолошка анализа. Но семето е посеано со урбанистичкиот план од 90-тите години, кога некритички се пласирани идеите на постмодернизмот.

А ни се случи и повампирување на фашизмот. Во сите сегменти, во сите елементи што го определуваат. Што помал национализам, тоа подобро. По сите, од Умберт Еко брилјантно зададени прашања за препознавање на фашизмот, одговорот е – Да!

Култ на традицијата, ирационализам, страв од различното, економска криза, потеклото од одредено место како привилегија, следствено национализам, антиквизација затоа што ние сме од пред, пред… Повикување на народот, во негова служба сме. Тој, народот ќе каже!? И сè проследено со говор на омраза кон поинакво мислење. Корпоративизам во секој сегмент при трошење на „народните пари“.

Не сум убеден дека може нешто да сториме, младата популација е родена и израсната овде на овие простори, во овој амбиент, нашата меморија, на нас постарите не ги допира. Длабоко се опфатени со глобализацијата и опседнати со потрага за подобар живот. Тоа го разбирам и поддржувам. Но морам да предупредам, фашизмот кај нас сè уште тлее. Нека се чуваат од тоа.

аеродром_resize

Станбени кули „Три Бисери“, Скопје

Има коментари дека и вие сте дел од „Скопје 2014“. Вашето биро го изработи проектот за ентериер на зградата на Уставен суд, Археолошки музј и архив, подземниот паркинг за истата, а сте биле и член на комисии. Архитект сте со големо проектанско реноме и искуство, се чувствувате дека сте дале придонес во „Скопје 2014“?

Во проектот „Скопје 2014“ сум вклучен како и другите мои колеги инженери, статичари, инсталации, мебел и опрема, во техничко – технолошка реализација на градбите. Во комисиите учествував како повикано стручно лице, да оценам спроведување на зададената проектна програма во рамки на зададените урбанистички услови и посебни услови дадени од страна на инвеститорот, што е негово право. Моето мислење е едно, но одлуката на комисијата е заедничка.

Значи се работи за техничко – технолошко учество во проектот.

Моето име и репутација во еден момент им послужи на новинарите „истражувачи“ и благодарен сум што процениле дека спомнувајќи ме ќе обезбедат ексклузивност по која копнеат.

4a_resize

Untitled-1_resize

Клиничка болница, Штип

Покрај многуте награди и признанија, добитник сте и на награда за најдобар проект на БИМАС 2014 за Клиничката болница во Штип. Слободно можам да кажам дека е тоа можеби најкомплексниот и најдобриот проект направен кај нас последниве години. До каде се работите на болницата?

Клиничката болница во Штип несомнено е најзначаен проект во Македонија во последните две децении. Државен проект, финансиран од Европската банка и нивна стручна поддршка. Изготвен е од страна на проектанти од Македонија. Наградата на БИМАС 2014 е незаборавна поддршка од архитектите.

За жал можам да констатирам дека работите не се одвиваат според предвидувањата. Изградбата е во застој, веќе една година, како проектантски надзор одамна не сум бил на објектот, ниту сум известен за причините. Времето минува, со проектот дадените техничко – технолошки решенија застаруваат, не знам како ќе одат работите понатаму. Но знам дека политичарите имаат нова коска за глодање.

Copy-of-n1_resize

Клиничка болница, Штип

Автор сте или дел од проектантски тим на повеќе објекти. Можете ли да издвоите некој објект или проект кои вам најмногу Ви значи?

Без дилема би ја издвоил Клиничката болница во Штип. Најкомплексен проект што го изработивме во нашето биро „Метрика“ со мојата сопруга Љиљана и мојата ќерка Горана. Проект проткаен со неизмерна љубов и енергија кон тоа што го создадовме. А истовремено се боревме со зла болест и верувавме дека ќе останеме заедно.

IMG_20191215_215236_resize

Велат дека често најдобрите проекти на архитектите за жал не доживеале реализација. Ви се чини ли дека ова и вам Ви се случило?

Нормално е дека сите мои проекти не се реализирани. Како архитект кон моите дела сум како родител, сите ги сакам. Но го издвојувам проектот за ресторанот „Кермес“ во градскиот парк во Скопје, нашиот парк Монсури, како што го нарекувавме со Љ., го викавме по Жак Превер. Во 1985 година дадовме решение, стаклена пирамида под стогодишните платани. Добивме награда, но идејата не се реализираше. Во 1986 година И.М. Пеи ја изгради стаклената пирамида во Лувр. И тоа ни се случи.

IMG_0002_resize

Реконструкција на ресторанот „Кермес“, Скопје

IMG_20191215_220502_resize

IMG_20191215_215602_resize

Испрати коментар

Scroll To Top