Денес, со почеток во 20 часот, во објектот Даут-пашин амам ќе бидат претставени слики, акварели и цртежи од сите творечки фази на академик Васко Ташковски, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот.
Според повеќето современици, придонесот на Васко Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство кое е класично според својата пластична структура, а воедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета. Конкретно, исклучителноста, односно издвоеноста на неговото многуслојно творештво само за себе, но и во конкретното историско опкружување, се согледува во истрајното истражување на овие надреално фантастични визии како константен предизвик, определба која постојано ја надградува со нови теми преку кои е препознатлив како единствен сликарски феномен во современото македонско сликарство.
За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали“ / “Painters of fantasy (from Hieronimus Bosch to Salvador Dali)“, од 1974 година, во издание на Phaidon, а по избор на Вилијам Гаунт. (Вилием Гаунт, Фантастично сликарство од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали, Федон, Лондон, 1974, и Grafički zavod Hrvatske, 1980).
Куратор на проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.