Денес, 19.7.2023 година во 20 часот, во објектот Чифте амам, ќе биде отворена за јавност изложбата под наслов „75 / 75“. Со оваа изложба започнуваат активностите за одбележување на јубилејот 75 години од формирањето на Националната галерија.
Јовановиќ Паја, Портрет на дама, масло на платно, околу 1920, 64х78
Континуираната успешна визија и мисија на институцијата за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично се крунисува со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури. Селекцијата на едни од најрано прибавените експонати за колекцијата, вклучително и исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот.
Мартиноски Никола, Турчин со бела брада, масло на картон, 1934-35
На изложбата „75 / 75“ ќе бидат претставени дела од следните автори: Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ќорќи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски, Катја Ефтимова, Лена Стефанова (сликари); Антун Аугустинчиќ, Воин Бакиќ, Тома Росандиќ, Петар Палавичини, Иван Мештровиќ, Димо Тодоровски, Љубомир Стефановски, Борка Аврамова, Франо Кршинич, Борис Калин, Ристо Стијовиќ и др. (скулптори).
Изложбата ќе трае до 19.8.2023 година. Воедно на 2.8.2023 година, датум кој се совпаѓа со отворањето на Галеријата, влезот во сите објекти ќе биде бесплатен.
Мештровиќ Иван, Глава на жена, 1931-32, бронза, 55х28х20
Личеноски Лазар, Акт, масло на платно, 1927