Насловна / Арт и дизајн / Денес во Чифте амам: Димче Коцо – Jублилеј по повод 110 години од раѓање

Денес во Чифте амам: Димче Коцо – Jублилеј по повод 110 години од раѓање

НУ Национална галерија на Република Северна Македонија ја најавува Јубилејната изложба посветена на Димче Коцо, „Димче Коцо (1910-2020), јублилеј по повод 110 години од раѓање“ која ќе биде отворена на 23 јуни 2021 година, во 20 часот, во објектот Чифте амам. Изложбата, која ќе опфати речиси 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на овој реномиран автор, како и негови лични документи, ќе трае до крајот на август 2021 год.

816. Коцо Димче, Рахаела, 1965, волна, 75х110_resize

Димче Коцо е наш најпознат историчар на уметноста кој со својата сестрана активност во текот на низа децении на минатиот 20. век ја раздвижуваше научната мисла во Македонија, во сите области поврзани со историјата на уметноста. Учествувал во оснивањето на Филозофскиот факултет и Институтот за историја на уметност, градењето и образувањето на нови генерации историчари на уметност, создавањето и раководењето со нови музеи, нови научни списанија, вршел обемни научни истражувања и автор е на голем број научни трудови, имал богата општествена активност и оставил зад себе богато и вредно сликарско и скулпторско творештво.

img560_resize

Роден е на 10 октомври 1910 година во Охрид. Извесно време го посетувал Уметничкото резбарско школо во Охрид. Матурирал 1930 г. во Битола. Учел во Уметничкото занаетчиско училиште во Белград и студирал Историја на уметност на Филозофскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1936 година. Бил учесник во НОБ и комесар на Охридската бригада. По завршувањето на војната, се вратил во Скопје каде веќе од декември 1944г. работи на формирање на првиот македонски Народен музеј во Скопје, основан 1945 г. и бил негов прв директор. Истовремено тој е еден од основоположниците на Филозофскиот факултет во Скопје, каде како еден од малубројните професори почнал да предава и бил прв шеф на катедрата на Институтот за историја на уметност. Бил и декан на Филозофскиот факултет во 1950/1951 и 1957/58г. Бил директор и на Археолошки музеј во 1952г., од кога датираат почетоците на големите истражувачки зафати на овој музеј во Стоби, Чепигово, Демир Капија и Радолишта. Неговата научна дејост била призната и во меѓународни рамки, па 1955г. тој е избран за дописен член на Deutsches Archäologisches Institut (Römisch-germanische Komission) во Франкфурт на Мајна, а во 1969г. за doctor honoris causa на Универзитетот во Безансон. Бил член на ДЛУМ од 1945 година. Од 1969 година Коцо бил дописен член на МАНУ. Бил долгогодишен член на одборот на град Скопје, сојузен народен пратеник на град Скопје, председател на Музејското конзерваторско друштво на Македонија, претседател на Републичкиот совет за култура на СРМ, член на Југословенската делгација на УНЕСКО итн. Водејќи се од перспективата на стручните кадри и потребата од афирмација на нивниот труд, Димче Коцо ќе остане запаметен како главен иницијатор и оснивач на периодични публикации, во кои тие во иднина ќе можат да ги обајвуваат своите научни достигнувања. Такви се „Гласникот на Музејското друштво“ и „Годишниот зборник на Археолошкиот музеј“, во кои се објавуваа и се уште се објавуваат трудови од областа на археологијата и историјата на уметноста од особен научен интерес. Димче Коцо раководел и бил дел од низа научни ископувања и истражувања на голем број споменици пред се од средновековната архитектура и сликарство. Ваквиот научен интерес и резултатите од истражувањата ќе бидат публикувани во низа научни трудови кои заземаат значајно место во македонската научна мисла и кои ги има многу. Интензивната научна работа и резултатите од бројните истражувања Димче Коцо ги прикажал преку свои реферати и пред светската научна јавност на бројни меѓународни конгреси.

3. Димче Коцо, Три портрети на пазарџии, 1978, волна, памук, 150х60 (сопственост на МАНУ)_resize

Вонредната плодна професорска, музеалска, научна и општествена активност на Димче Коцо е доволна за да исполни еден човечки живот, но не и во неговиот случај. Како човек со исклучително чувствителна природа и талентиран уметник тој зад себе остави обемно творештво, таписерии, слики, цртежи, акварели и скулптури, низ кои со многу творечка креативност ги долови своите уметнички визии. Во неговите дела, плод на зрел автор со богата имагинција се изразени неговите размислувања за времето и неговото незаприливо одминување, за материјата и нејзината минливост, за човекот и неговото опкружување, обичаите, верувањта, размислувањата. Своите уметнички творби ги презентирал на 13 самостојни изложби и бројни групни преставувања во земјата и странство во Скопје, Охрид, Штип, Велес, Белград, Дижон, Атина, Рим, Дрезден итн. Неговите дела се наоѓаат во повеќе музеии, галерии и приватни колекции во земјата и странство: Национална галерија на Македонија, Музеј на современа уметност, МАНУ, Музејот во Штип, Музејот во Охрид, Музеј за уметност и обрт во Загреб, Уметнички музеј Торонто итн.

коцо_resize

Димче Коцо има огромно значење и одиграл важна улогата во развојот на научната мисла, но и во афирмацијата на ликовната уметност и продорот на новите уметнички влијанија. Оваа јубулејна изложба има за цел токму да потсети на неговиот богат и разновиден, тематски и стилски опус, разоткривајќи го повторно пред стручната јавност, но и пошироката публика неговото обемно ликовно творештво. На овој начин ќе овозможиме еден посеопфатен увид и потсетување на ова импресивно творештво, воедно ќе потсетиме и ќе укажеме на неговото влијание врз повеќе генерации македонски ликовни уметници пред се како како уметник, и педагог.

Испрати коментар

Scroll To Top