Денес, во објектот Даут пашин амам, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на монографијата „980 маслени слики“, а која е во рамките на ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски. Оваа монографија, посветена на творештвото на нашиот водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот, е издание на Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје. Промотори на монографијата ќе бидат д-р Дита Старова Ќерими, Паскал Гилевски и Раде Силјан.
За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали“ / “Painters of fantasy (from Hieronimus Bosch to Salvador Dali)“, од 1974 година, во издание на Phaidon, а по избор на Вилијам Гаунт. (Вилием Гаунт, Фантастично сликарство од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали, Федон, Лондон, 1974, и Grafički zavod Hrvatske, 1980).