Денес, во кафе-книжарница „Буква“ во Скопје, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи промоција на на книгата „СК 2022: тактики на реидентификација“ од Радмила Томовска, Ива Петрунова и Хекуран Мусли.
Промотор: проф. д-р Саша Тасиќ
Модератор: Јулијана Величковска
Одржливите урбани трендови земаат сѐ поголем замав во светот како актуелна урбана практика и насока во развојот на современите активни и одржливи градови, особено во пандемискиот и постпандемискиот период. Главната цел на овие трендови е овозможување долгорочни позитивни ефекти врз општеството и животната средина со цел на граѓаните да им се понуди нов и квалитетен одржлив начин на живеење.
Оваа книга претставува сублимат на теоретски и проектантски размислувања за одредени фрагменти во градот Скопје. Идејата на овој проект е водена од идејата за јакнење на врската помеѓу истражувањето и архитектонско-урбанистичката практика со цел да се зголеми квалитетот во полето на одржливоста и екологијата, како и да се создаде поголема врска со природата.
Општеството и просторот меѓусебно се трансформираат. Сепак, иако оваа трансформација игра клучна улога во тековното живеење и одржување на самиот град, градовите денес стануваат сѐ повеќе „хаотични“ и помалку хумани. Негативните аспекти на моменталната урбана состојба треба да се дијагностицираат и што поскоро да се најде решение што ќе овозможи нов развој на градот, односно на јавните градски простори. Потребно е да се најде решение кое ќе биде олицетворение – нова визија за јавните простори, како и современи – ревидирани инструменти: стратегии и мерки за одржлив урбан развој. Имајќи го предвид горенаведеното, прашањето би било: Дали во денешните градови сè уште е можно да се идентификуваат рефлексиите на основните егзистенцијални елементи врз основа на базичните принципи според кои постои градот? Дали има траги на континуитет и дали сѐ уште можеме да пронајдеме „хуман град“ во денешните разнебитени современи градови?
Ова е важен психолошки момент што бара убедлива сила за промена, како од професионалците во оваа област, така и од властите. Тоа значи дека елементите или факторите што се проблематични на прв поглед треба да се стават во нова рамка за да изгледаат поинаку. Така, навидум хаотичниот современ град, може да претставува можност за позитивна промена и „богатство на урбаниот јазик“; како и можност за повторно читање на градскиот пејзаж; „нарушената урбаната структура“ може да се гледа како можност за ревитализација и реанимација на старите градски јавни простори во нови активни и одржливи јавни простори.