Денес, во 20 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопје пред 8 милениуми_2: првите керамичари од Церје – Говрлево“. Изложбата ќе биде поставена до крајот на јануари следната година. Во рамките на изложбата низ повеќе илустративни паноа и археолошки предмети ќе биде обработена темата за раните керамички садови во Република Македонија преку керамичкиот материјал од Церје – Говрлево.
Станува збор за поголем број експонати од раниот, средниот и доцниот неолит, односно периодот меѓу 6.000 и 5.300 г. пр.н.е. Меѓу другото, за оваа пригода е изготвено и печатено издание во кое свое место имаат пет труда поврзани со различни прашања од раното керамичко производство низ целиот свет и Балканот, со посебен осврт на материјалната култура од споменатиот локалитет.