Големиот македонски сликар, самоукиот надреалист Вангел НАУМОВСКИ со самостојна изложба на слики, цртежи и графики (од колекцијата на ОСТЕН) чие отворање ќе биде денес, 27 јуни во 19:00 часот во галерија ОСТЕН.
ателјето на Наумовски во Охрид
За неговото извонредно творештвото, на Вангел НАУМОВСКИ на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО Скопје 2024 му е доделена Наградата СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО – сосем пригодно да му се оддаде почит по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1924-2006) и 100-годишнината од појавата на надреализмот (1924-2024). По повод 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски пишуваше и Порта 3.
Со оваа изложба, која ќе биде поставена во галерија ОСТЕН до 30 август започнува официјалната програма на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО Скопје 2024.
За изложбата:
Во колекцијата на ОСТЕН се наоѓаат 65 дела од Вангел Наумовски – слики, цртежи и графики.
Направен е избор на дела од различни фази на неговото творештво, кој се протега од неговите почетоци на надреалниот стил (сликата масло на платно „Без наслов“ од 1964 г.), па се до последните фази на неговото творештво (цртежи, креони во боја на хартија, 1994-1995 г.)
Три дена во мај, темпера на хартија каширана на платно, 75х145
За подобро информирање на публиката за значењето на Вангел Наумовски и неговото творештво, во рамките на изложбата ќе се проектира филмот за Вангел Наумовски од серијата „Портрети“ во продукција на Телевизија Скопје (Редакција за култура и уметност – уредник: Влада Урошевиќ | сценарио: Гордана Бошњакоска/Благоја Марковски | режија: Благоја Марковски) 1981 г.
масло на платно, 1964, 55х88
За уметникот:
Вангел НАУМОВСКИ е македонски сликар со светско реноме.
Роден е во охридското село Скребатно 1924 година.
Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран“.
Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Потоа следувале нови изложби, награди и признанија. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделува наградата „Свадбен венец“. Истата година од градот Охрид ја добива наградата за сликарство „Седми ноември“ и тој почнува да се занимава исклучиво со сликарството како слободен уметник.
Во 1970 година, изложува во Галеријата „Мона Лиза“ во Париз, на чие отворање се појавил и големиот Салвадор Дали, кој, меѓудругото ќе истакне: „Ова е сликар од бајките. Тој е сликар – наивец, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните сликари – наивци. Кај Наумовски има елемeнти кои може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“ – извадок од монографијата за Наумовски.
изложува во Галеријата „Мона Лиза“ во Париз, на чие отворање се појавил и големиот Салвадор Дали
Во 1974 година, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори” на ДЛУМ, а во 1979 година станал член на Италијанската академија за ликовни уметности (Academia Italia de belle Arti e del Lavoro), од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со „Награда на Италија“ (Premio d’ Italia) во 1980 година.
На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил Откупна награда, а во истата година и Награда за цртеж од Музејот на современа уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Центар за студии и истражувања на нациите (Centro Studi e Ricerche delle Nazioni) му доделува „Светска награда за култура“ (Premio Mondale della Cultura) и „Статуа на победата 1984“ (Statuata della Vittoria 1984), a Европската академија од Италија наградата „Европско знаме на уметноста” со златен медал.
Наумовски има остварено над 30 самостојни и 100-тина групни изложби низ сите центри на модерната уметност како Париз, Рим, Лондон и Њујорк… а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот.
Починал на 13 јуни 2006 година во Охрид.