Во целост ви го пренесуваме интервјуто дадено за „Јурањи лист“ на Мароје Мрдуљаш, теоретичар и критичар на архитектурата, објавено на13.08.2018.
Автор на интервјуто: Мирјана Дуганџија
Името на изложбата е двосмислено, но не злонамерно, имено, значи и „конкретна“ и „бетонска“ утопија, тие два привлечни поима веројатно ја прават изложбата „Toward a Concrete Utopia – Architecture in Yugoslavia 1948-1980” таков хит. Прво: какви биле општествените околности во кои настанала таква примамлива архитектура (и дизајн, и уметност, но, архитектурата е во прв план)? Второ: луѓе, па тоа е бетон, прекрасен, божествен бетон, брутализам at it’s best!
Од симболичниот павилјон на Рихтер за Expo 1958, до „Камениот цвет“ на Богдановиќ во Јасеновац, од црвениот киоск од плексиглас до библиотеката на Мутњаковиќ со бели „капчиња“ во Приштина – тоа е содржаен, идеолошки, естетски распон на изложбата отворена минатиот месец во њујоршкиот Museum of Modern Art, MoMA. Ќе трае до 13 јануари 2019. New York Times, Financial Times, Forbes, New Yorker, CNN, Vulture… најсериозните американски медиуми за изложбата пишуваат попосветено од хрватските, а ретко кој од тие медиуме не е воодушевен. И сега, иако еден ден изложбата веројатно ќе има митски димензии, како на пример споменатиот Expo, таа е и повеќе од изложба, но не е тоа фудбал па да и се признае моменталната трансценденција на стварноста. Поради тоа за изложбата разговаравме со еден од нејзините автори, Мароје Мрдуљаш, теоретичар и критичар на архитектурата, автор на изложби и книги, исто така и куратор на документарната серија за модернизмот во поранешна Југославија „Бетонски спавачи“. На оваа изложба се занимавал со неколку целини, вклучувајќи ја и хрватската клучна тема за туристичката архитектура во поменатиот период.
Како беше на отварањето?
Отварање е секогаш и општествен настан, луѓето минглаат. (жаргон, одат од еден до друг). Беше Peter Eisenman, еден од најславните светски архитекти, Elisabeth Diller и Ricardo Scofidio, проектанти на новиот, проширен MoMA.
Отварањето за „обичните“ граѓани беше на 15 јули, но цела недела предходно имаше низа случувања и тури со водич низ изложбата, а клучно беше VIP preview отварање и голема забава во прекрасниот двор на MoMA, „јапонска градина“, зелена оаза во преизградениот Менхетен. Свиреше музика од нашите простори, од Хаустор до Едо Маајка, DJ-еите со таа намера и беа нарачани, за да се рекреира и поп културата, единствено винската карта можеби не беше баш најавтентична…Ќе бев посреќен да се пиеа некои хрватски или словенечки фини вина.
Ги убедивте ли донаторите дека добро ги вложиле парите?
Мислам дека ги убедивме. Тие луѓе на музејот му даваат финансиска подршка, милиони долари. Кај нас, каде што е културата бедно државно субвенционирана и постои понекој корпорациски спонзор, тоа е важно искуство, но не постои тој модел на мецени. Иако, овие денови има тивок штрајк во MoMA, вработените делат летоци на кои предупредуваат на незадоволителните работни услови, но, се функционира…И, секогаш е тука свечениот ручек на кој ги поврзуваат кустосите, донаторите, партнерите…Тие општествени ситуации ужасно се важни, вие морате да се огласувате и да се продавате себе, своето знаење и своите теми, особено во Њујорк. Чувството на екстремна компетитивност на отварањата постојано е присутно. Не се ништо попаметни од нас, не, но обучени се, ние тоа допрва мораме да го научиме.
А зошто? Новиот главен кустос за архитектура во MoMA, швајцарецот Мартино Стиерли, одлучил да го почне мандатот токму со оваа изложба. Да ја погледнеме пошироката слика, независно од поединечни јаки имиња или прекрасни експонати – зошто?
Меѓудругото се работи и за глобален тренд, фасцинација од „бетонските монструми“. Брутализмот истовремено е тренд и хипстерски и акдемски. Југославија, како простор помеѓу Истокот и Западот досега беше прилично непозната. Друго, во акдемските истражувања силно расте интересот за високиот модернизам на 60-тите и раните 70-ти. Тоа до сега беше прерипнат период, празнина која требаше да се пополни. И Мартино Стиерли, итрец, многу добро ги извагал сите тие работи – имам нешто непознато, па нешто прогресивно, бидејќи во политички контекст југословенскиот самоуправен социјализам се ревалоризира како нешто што имало многу потенцијал.
Што зборувавте за изложбата водејќи ја споменатата група донатори?
Мојот посебно истакнат дел на изложбата беше туристичката архитектура на нашиот брег, единствена, различна од се во масовниот туризам во светот тогаш. Масовниот туризам не е поле во кое се експериментира, а кај нас тоа бил случајот. Имаше феноменални хотели, денес реконструирани до непрепознатливост. На пример хотелот „Либертас“ во Дубровник ги антиципирал глобалните тенденции кои ќе дојдат за 30 години, интеграција на архитектурата и природата. Хотелот „Адриатик 2“ во Опатија е одличен пример на брутализам, кој ме импресионираше уште додека бев дете. Како роден ријечанин често одев во Опатија, го гледав тој бетонски монструм, беше многу футуристички и потикнувачки за размислување за архитектура.
Зборувавте за Вјенцеслав Рихтер, кој доби цела изложбена сала. ВИП третман, зошто?
Со Рихтер се занимавав интензивно, исто така и во каталогот кој е изработен по повод излложбата за него во загребскиот МСУ. Тој е еден од ретките наши архитекти кој учествувал во глобалните движења. Соработувал на изложби во Америка, на култната изложба „ Plus by Minus“ 1968 година во Buffalо, која на американската публика и ја покажала целата историја на прогресивната уметност и од Исток и од Запад, како историските авангарди од почеток на векот, така и новите прогресивни тенденции во тој момент. Рихтер бил еден од експонираните уметници на изложбата. Тогаш New York Times пишувал дека Рихтер е „show stopper“- место каде застанувате да видите нешто навистина ново. Што значи, Америка го познавала Рихтер и тогаш мошне добро. Ми се чини дека неговиот углед, иако голем и во локален контекст, бил уште поголем во глобален, каде добил бројни награди, имал галеристи кои го застапувале. Одличниот павилјон во Брисел на изложбата Expo 1958, но исто така во Торино, Милано…Поголем дел од архитектонскиот опус го остварил во тие, условно кажано, ефемерни, минливи форми, павилјони, воглавном надвор од Хрватска. Едно време бил директор на Биро 51 во Загреб, доста работи градел, но прашањето е колку тоа му било важно. Да рече ме неговите „Ракети“, трите облакодери во денешен Врбик и други. Во прилог на наведеното со неверојатна леснотија преминува од медиум во медиум, од сликарство или скулптура, „објекти“, како што ги нарекувал, кон архитектурата и назад. Тоа е интернационално единство. И кога ќе се погледне како целина, тој е можеби и уметнички најуверливиот дел на изложбата.
Се имплицира ли со насловот на изложбата постоење на „југословенска“ архитектура?
Не, не постои „југословенска“ архитектура. За нас, еден период, изложбата имаше работен наслов „архитектурата во Социјалистичка Југославија“, потоа тоа „социјалистичка“ отпадна, не знам зошто, можеби е тоа прејака политичка конотација за Њујорк. Иако општетствено – политичкиот контекст е нагласен на изложбата; врската на општествениот контекст и архитектурата е нераскинлива. Значи, никогаш немало ни интенција за „југословенска“ архитектура. Секоја од поранешните републики имала свој архитектонски факултете, архитектонска сцена и школа, средините култивирале различни пристапи на архитектурата. Економските и политички услови се нужни и во Југославија мошне специфични, а културолошки е токму хетерогеноста која тој простор го прави толку богат. Југославија е приказна на регионот кој бил политичка заедница, но и се состои од низа партикуларни културни кругови.
Но, недоразбирањата во дефинирањето настануваат кога ќе кажеме „хрватска“, „српска“, „босанска“ модерна архитектура…
Своевремено, модерната архитектура токму во МоМА е промовирана низ концептот интернационален стил. Но, секогаш постојат локални специфичности на кои архитектурата мора да одговори. Клима, топграфија, начин на живот, градителско наследство, што значи модернизмот секогаш е инфициран со локалните карактеристики. На пример во Босна, архитектот Неидхард и други инфицирани се со отоманската архитектура, во Хрватска сигурно постои врска со нашата богата урбанистичка традиција, особено медитеранската.
Вашата оценка на туристичката архитектура на тоа време е многу позитивна?
Апсолутно. Излегоа рецензии во New York Times, Financial Times, New Yorker, длабоко се фасцинирани од овдешната архитектура. Често е случај дека некој друг треба да ни каже дека сме многу добри; прво мораше да стигнеме до МоМА. Ние во 2012 година направивме изложба, помалку или повеќе, но со ист опсег во Марибор, но не бевме доволно секси бидејќи не сме во МоМА.
Никој не е пророк…итн.
Модерната архитектура релативно добро е валоризирана во Хрватска, но има доста примери изложени на девастација, пропаѓање.
Халудово е добар пример.
Да. Или хотел „Пелегрин” покрај Дубровник, мошне интересна архитектура. Но, Давид Финци, сараевски архитекта, веднаш по проектирањето како 30-годишник заминал во Канада, објектот не е заштитен, пред рушење е, и што сега со него? Или случајот со детското лечилиште во Крвавица на архитект Рикардо Марасовиќ. Кружен објект кој лебди во борова шума, сите велат „вау“! Денес е во надлежност на Министерството за општетвен имот, а единствен интерес им е да го продадат и не беа заинтересирани да ги советуваме. Објектот е заштитен како културно наследство, допуштени се минимални интервенции. Пат-позиција. Началникот на општината најмногу би сакал да го сруши. А хотелот „Плат“ во Жупа Дубровачка, една од ѕвездите на МоМА, пред година дена е срушен. Тодориќ ни сруши ремек – дело.
Многу лоши работи се случуваат денес во туристичката архитектура во Хрватска, но која е најлоша? Можеби неповратното уништување?
Апартманизацијата. Брегот станува континуиран апартман. Тоа трае од 70-тите. Потоа сведочиме на преобликување на модернистичките хотели, некогаш прекрасни ентериери, не личат веќе на изворните концепти со дела на најдобри уметници на тие години. Тука работеле Муртиќ, Срнец, таписериите ги изработила Јагода Булиќ, многу дизајн на Бернард Бернарди.
Што е денес хит во уредувањето на хотелите?
Сеопшта досада и псеудоминимализам, без никаква идеја, и на Бали и на нашиот брег и во Турција. Глобалната сахаринска естетика прегази се. Го имате и проклетството на енергетската обнова, каде се бара друга физика на зградата. Нафрлаат термоизолација и пет сантиметри малтер, па целата зграда изгледа здепасто. Модернизмот го карактеризирале елеганција, внимателни пропорции, фрагилни детали, а денес се е буцмасто, стаклата се рефлектирачки со гадни плавкасти и кафејавкасти тонови, десет кила повеќе и лоша шминка. Има уште неколку одлични примери кои се во добра состојба. Да речеме, хотелот „Маестрал“ во Брела успеавме превентивно да го заштитиме и тој е веројатно најубав од сите. Во МоМА е една од ѕвездите. Во подрумот постои последниот сочуван ентериер на Бернарди, ноќен клуб кој подолго време не работи, тоа е причината зошто е сочуван, барем се надевам.
Да, веќе подолго време не е cool да се оди во хотелски барови, во овој случај за среќа.
Бегање од хотел навечер е тренд, но некогаш било обратно и мештаните оделе во хотели и во Дубровник и во Опатија. И локалците и странците биле изложени на космополитска естетика, нешто што личело на иднина, повеќе од онаа во филмовите за Џемс Бонд. Се пиел Мартини, но подеднакво биле важни врвната архитектура, врвниот дизајн, како мали музеи на современа визуелна уметност. Тие хотели би требало да се штитат интегрално, не само надворешната обвивка која е дел од приказната, значајна е и нивната социјална улога. Сите можеле да отидат тамо, никој не ве сопирал на врата.
Вие сте теоретичар на архитектурата. Во една реченица, тоа е…
Овие денови уредувам интервју со Deyan Sudjic, теоретичар на архитектура и директор на Design Museum во Лондон,кој вели дека критичар и теоретичар на архитектура е една од најчудните професии која е невозможно да се опише и прашање е за што служи.
За што и да е…Се прави важен.
Хм…ете, ние се обидуваме да ја опишеме вредноста на архитектурата, нејзиното значење, што архитектурата прави за луѓето, како функционираат нашите градови…
Дали како професија сте во добри односи со архитектите од праксата?
Со многу од нив сум добар, некои не ме поднесуваат. Да не е така, тоа би значело дека не ја работам својата работа.
Разговараме во Равна Гора…Но вие сте од Ријека.
Мојата баба е Равногорка која во Ријека се омажила за мојот дедо. Таа доживеа 104 години. Секое лето ја носевме во Равна Гора…По вакво време, ова место е идеално за боравок. Како да застанало времето. Прекрасна природа и место визуелно незагадено, за разлика од брегот, Загреб, каде што е хаос. Овде куќите се со едноставен габарит и материјали, нема екстраваганција и ексцеси.
Лично не сте за екстраваганција во архитектурата?
Понаклонет сум на смирена архитектура, но и на експресивната, доколку позади нејзе стои идеја, причина, сериозно истражување. Едно е кога Заха Хадит, особено во раната фаза, создава слободни форми темелени на фасцинација од руската авангарда и неверојатна интуиција, макотрпни истражувања, прво на цртежи, па на макети, па изградба, а друго е кога некој архитекта ќе ишкрта нешто на салвета и одма гради.
Во Хрватска во архитектурата моментално преовладуваат експресивни форми или смирени, што е добро, што се гради…?
Во Хрватска никогаш не сме имале особено ексцесна архитектура, нашата традиција тежи кон рационалноста. Во поновата хрватска архитектура врвот е некаде во првата половина на 2000-те години, пред економската криза. Во тоа време сеуште изгледаше дека Хрватска ја чека подобра иднина. Но во последните десетина години, економската криза ја замени друг вид криза, духовна и интелектуална. Архитектурата тоа го рефлектира, веќе десетина години ништо значајно не се случи, а имаме ексцеси како што е Музичката акдемија во Загреб и поплава на просечност. Да се потсетиме дека гимназијата во Копривница на Студио УП во 2008 година доби Mies van der Rohe, награда на ЕУ за најдобри млади архитекти, светските списанија пишуваа за феноменот хрватска архитектура. Но, после тоа не се создаде помлада генерација архитекти која би можела да биде носител на новите тенденции.
Помалди, тоа е до…?
Во архитектурата до 40 години си млад архитекта или архитектка.