Насловна / Арт и дизајн / Денес, „Дрвјата паметат!”- проект на Филип Јовановски

Денес, „Дрвјата паметат!”- проект на Филип Јовановски

Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата во 2020 година во рамки на програмата Други просториподдржа развој на три современи уметнички дела на домашните уметници Зорица Зафировска, Оливер Мусовиќ и Филип Јовановски.

Користејќи различни медиуми, уметниците преку своите дела се бават со исклучително важни теми поврзани со екологијата, која ја разгледуваат како динамична категорија на меѓусебно поврзани, еколошки, општествени, демократски, како и културни процеси на секојдневното живеење. Делата истражуваат и се бават со јавниот простор, животната средина, урбаното планирање на градот и правото на одлучување на уредување и развивање на средината во која живееме. Делата опфаќаат истражување, документација и уметничка презентација на зелените површини, од планирање на градското зеленило и пошумување како дел од урбаните политики и просторното планирање до граѓански грасрут инцијативи за развој на урбани градини во одредени градски маала и четврти.

* * *

Филип Јовановски своето дело насловено “Дрвјата паметат!” го развива како долгорочен проект, кој во оваа се реализира како  акција во јавен простор во околината на хотелот Бристол на 04.12.2020 година oд 11:00 до 14:00 часот.

“Дрвјата паметат!” е истражувачко дело во процес кое започнува со оваа акција на „сеќавање” на историјата на градот (и на светот), преку паметењето на дрвјата. Со оваа акција започнуваме да градиме архива на сеќавања на дрвјата, архива на сеќавања на насилството и уништувањето на јавните простори во градот. Оваа акција ја започнуваме во паркот кај хотелот Бристол, местото каде што сеуште се слуша крикот на исечените дрвја, звукот на моторните пили, се гледаат сенки од лицата на уапсените мирни граѓани врз оклопните возила на специјалните полициски единици, а сето тоа дрвјата го паметат. Нашето општество заборава, често заборава, а пак наша работа е колективно да се сеќаваме за да одиме напред, без заборав на нашата солидарност и борба за јавниот простор.

1_resize

Сеќавање бр. 1: Паркобрани – парк кај хотел Бристол – Насилство во центарот на Скопје

…“Дрвјата паметат!” приказни на 11 граѓани кои беа уапсени од 400 припадници на единиците за брзо распоредување, една тивка септемвриска скопска ноќ, додека го чуваа паркот спроти хотелот Бристол во центарот на Скопје. По неколкучасовен притвор беа ослободени. Кај паркот пред Бристол беа поставени железни огради. Забележливо беше зголемено полициско присуство. Полицијата не дозволи одблизу да се фотографира делот каде што се планира да се гради административна зграда. Таа ноќ во паркот кај Бристол, 11 граѓани учествувале во одбрана на паркот, а подоцна, 11 граѓани од светот, меѓу нив се наоѓал и францускиот марксистички филозоф Анри Лефевр и филозоф, чилеанскиот поет Виктор Хара со неговите колеги Франсоа Вијон, Булат Окуџава, Васко Попа на кои подоцна им се придружил и Бертолт Брехт заедно со Дејвид Харви поставија табла во паркот кај хотелот Бристол за да им оддадат почит на борбата на овие храбри граѓани…

Што е тоа што го претставува градот? Граѓаните? Архитектурата? Настаните во него?

Што е она што е културно наследство на еден град, а да не се само видливите згради/објекти/архитектура? Дрвјата и начинот како е планиран еден град, особено во пост-земјотресно Скопје е исклучително (политички) важен аспект во планирање и живеењето во градот. Изминативе неколку години со драстичното брутално уништување на јавниот простор во градот Скопје, дрвјата(скоро колку и граѓаните) испаднаа од една страна нај-незаштитените елементи на градот, но пак од друга најсериозните точки на отпор на капиталистичките тенденции во градското планирање. Дрвјата гласно „протестираа” изминатава декада и пол. Дрвјата сакаа да покажат дека се дел од културното наследство на градот, и така треба да се третираат.

Дрвјата се носители на знаење/меморија за градот, на одговорноста кон планирањето на градот но и на општеството во целина. Дрвата се како книги.  Ако ги собереме паметењата на сите дрвја во градот може да се направи една архива од знаења што го носат, паметат со децении, со векови, носат историја на еден град, ја рефлектираат сликата на градот, но кога ги сечат тоа трае само неколку минути. Звукот на нивното сечење како крик на борбата за слобода на јавниот простор одекнува сеуште низ улиците на Скопје.

Lokomotiva_resize

Филип Јовановски (1979, Битола/Скопје) е визуелен уметник и културен работник.

Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство. Често применува кураторски пристап во своите дела и креира општествено ангажирани и интердисциплинарни уметнички проекти, притоа често работејќи со различни заедници како во проектите „Кога зградите зборувале“ и КУЦ (Културно-уметнички центар)„Текстил“. Јовановски имал многу самостојни изложби во земјава и во странство, и учествувал во голем број групни изложби. Неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“, куриран од Ивана Васева, кој ја претставуваше Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година ја доби престижната награда „Златна Трига“. Тој е еден од авторите на македонскиот павилјон насловен „Ослободување на просторот“ кој се претстави на Венециското биенале за архитектура во 2018 година. Има направено околу 20 сценографии за театарски претстави, видео и документарни проекти и е добитник на неколку награди како што се: Наградата за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (2010, коавтор), Посебна награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (2015, коавтор), добитник на наградата Млад ликовен уметник ДЕНЕС (2013), наградата „Ладислав Баришиќ“ од АИКА – Македонија за истражувачки проект (2015, коавтор) итн. Од 2007 година, тој е уметнички директор на АКТО фестивалот за современи уметности во Битола и учествува во раководењето на организацијата за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.

Испрати коментар

Scroll To Top