Продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У).
Денес АКТО продолжи во Велес, го „отвори“ муралот – СОЛИДАРНОСТ, МОБИЛНОСТ, ИДНИНА на уметникот Давор Кешкец.
На површина од околу 300 м2, , муралот е изработен на 86 метри во должина и 2,5 метри висина, а заради сообраќајните правила и прописи едно метро од коловозот нема да биде покриено со содржината на муралот.
Стручно мислење за визуелниот израз на муралот даде комисија во состав на истакнати уметници од Велес, формирана од градоначалникот со одлука на Советот на Општина Велес. Во рамките на оваа активност, потпишан е и меморандум на соработка помеѓу ФР~У и Општина Велес.
По минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО фестивал со муралот во Битола, муралот на домот на култура во Ченто, фестивалот продолжи и во саботата со муралот во Гевгелија на уметникот Миле Ничевски во соработка со М.Ц. Гевгелискиот мурал повикува на солидарност на комшиите, на заедништво во борбата со пандемијата која во изминативе неколку месеци потполно го редефинира секојдневното живеење. На муралот во еден дел стои и натписот на гевгелиски дијалект „И уф арно и уф м`ка комшијата е тука”, што во „превод”значи „Комшијата и во арно и во лошо”.
Петнаесеттиот Акто фестивал за современи уметности продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.