Насловна / Хортикултура / Дендропарк – светска градска шума

Дендропарк – светска градска шума

Во дворното место на Шумарскиот факултет и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје веќе 65 години постои најразновидниот дендропарк на Балканскиот Полуостров, специфичен поради богатството од различни видови сместени на мал простор во градска средина. Уште од неговите почетоци, со основањето на еден од првите факултети во нашата земја во 1947 година, Земјоделско-шумарскиот факултет, овој парк на дрвенести растенија засадувани од земјите од целиот свет, полека го добивал своето место во науката и во образовниот процес.

HPIM0510.JPG

Денескa дендропаркот брои околу 230 различни дрвни вида коишто успеваат на површина од околу 4 хектари. Сместена на релативно мал простор, оваа дендрофлора го вбројува дендропаркот како еден од најзначајните балкански и европски дендролошки центри. Во него се наоѓаат претставници на македонската и балканска ендемска дендрофлора, односно дрвенести растенија што ги има единствено во Македонија или во балканските земји.

Што е дендрологија?

Дендрологија (грч. dendron = дрво, logos = наука) е наука за дрвенести растенија, поточно, наука што ги изучува нивните морфолошко­­-еколошки карактеристики и особености. За сите дрвенести растенија е својствен процесот на одрвенување, односно лигнифицирање. Во природата тие можат да се сретнат растејќи и развивајќи се како дрвја, грмушки и ползавици.

Дрвјата достигнуваат височина од најмалку пет метри и имаат јасно видливи делови на стеблото- дебло и крошна.

Кај грмушките разгранувањето започнува веднаш од кореновиот врат. Нивната најголема височина е пет метри.

Ползавците, пак, имаат неопходна потреба од поткрепување. Затоа ползат по површината на почвата, се јазат по карпи или по стеблата на дрвјата.

Што е дендропарк?

Дендропарк претставува збирка од дрвенести растенија. Значи, на определен простор направен од човекот се развиваат и растат дрвја, грмушки и ползавици. Дендропарк најчесто се подигнува со научнообразовна цел, а може да има и културолошко значење (Паркот на толеранцијата во дворот на Воената болница во Скопје, Паркот на франкофонијата во градскиот парк во Скопје).

Во дворното место на Шумарскиот факултет и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1947 година, со основањето на еден од првите факултети во нашата земја, Земјоделско-шумарскиот факултет, започнал да се создава еден од најинтересните паркови на дрвенести растенија на Балканскиот Полуостров. Од 1950 година паркот го добива и денешниот назив- дендропарк. Оттогаш, дел од дрвенестите видови поради абиотски и биотски фактори се исчезнати, а и просторот на којшто се развивале и растеле овие претставници на дендрофлората е намален со изградбата на неколку факултетски објекти.

HPIM0517.JPG

Видовите што по своето географско распространување (ареал) ја опфаќаат Македонија, се нарекуваат автохтони или домашни видови. Исто така, се среќаваат и алохтони, односно странски (егзотични) дрвенести растенија. Нивното распространување во нашата земја е помогнато од човекот. Дендропаркот е жива збирка од дрвенести растенија и е подигнат, пред сѐ, како практично помагало на студентите од Шумарскиот факултет. Значи, дендропаркот е практично училница во природа, каде се учат еколошките влијанија и интеракциските односи на дендрофлората и животната средина.

Во последно време, дендропаркот сѐ повеќе го зголемува своето значење. Едновремено, лоциран во централното градско подрачје, претставува т.н. светска градска шума. Дендропаркот е и облагородено градско зеленило, со посебна намена. Затоа, дендропаркот може да му послужи на секој заинтересиран граѓанин, ако сака да научи нешто повеќе за надворешниот изглед на дрвенестите растенија, нивната екологија, значењето и ползата.

За одржување и унапредување на дендропаркот се грижи шумско-опитната станица при Шумарскиот факултет. Разновидноста на дрвенестите растенија се зголемува со постојано внесување нови видови.

Во дендропаркот успеваат дрвенести растенија од умерено-континенталните и континенталните подрачја на северната хемисфера.

Познавајќи ги карактеристиките на дрвенестите растенија, особено нивните еколошки својства, луѓето може да ги ползуваат дрвенестите растенија за поздрава и поубава животна средина.

Подготовка и фото: м-р Бојан Симовски
Катедра за ботаника и дендрологија
УКИМ Шумарски факултет во Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top