Во рамки на десетото издание на Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“ и во соработка со италијанската амбасада во Скопје ќе се одржи „Comics Day / Ден на италијанскиот стрип“ во Младинскиот културен центар, на 6-ти октомври, почнувајќи од 16 часот.
Соработката помеѓу италијанската амбасада во Скопје и Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“ (https://linktr.ee/giffoni.macedonia), посветен на младата публика – која е исто така во својство на жири, а годинава го слави своето 10-то издание, овој пат ќе биде збогатена со нова иницијатива.
Во оваа нова иницијатива посветена на стрипот, со особено внимание на најпопуларните ликови креирани во Италија и нивното значење во Северна Македонија ќе бидат вклучени двајца познати уметници: дизајнерот Серџо Џерази и сценаристот Алесандро Билота, автори, меѓу другото, на Дилан Дог, познатата серија стрипови на Серџо Бонели Едиторе. Покрај средбата со двајцата уметници и други македонски карикатуристи, ќе бидат изложени и цртежи направени од Билота и Џерази и ќе бидат објавени победниците на конкурсот за постер посветен на ликовите на италијанскиот стрип. Иницијативата ќе биде дел и од 22-то издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот што ќе се одржи од 17 до 27 октомври, а оваа година ќе биде посветена на италијанскиот јазик што го зборуваат младите.