Насловна / Вести / Ден на реката Дрим

Ден на реката Дрим

den na drim

Одбележувањето на Денот на Дрим, манифестацијата што денеска за првпат се одржува во Струга и во уште четири града од поширокиот Басен на реката Дрим, претставува потврда дека сите институции во земјата, од министерствата, општините, преку невладиниот сектор се до граѓаните, ја препознаa важноста на ресурсот, но и среќната околност што тој е дел од нашата животна средина. Тоа од Струга го порача заменик министерот за животна средина Стево Темелковски.
Тој додаде дека ние ја имаме среќата да бидеме дел од Дримскиот Басен, дел, како што вели, од овој спој на природа и човекови активности, а на кои Министерството за животна средина и просторно планирање посветува внимание и во легислативниот и во инфраструктурниот и во кампањскиот дел.
Укажа на вниманието што е посветено во воспоставувањето на комуникацијата и координацијата помеѓу петте земји што го делат Басенот на Дрим.
„Преговаравме за заедничката визија, за заедничките потреби и интереси, за заедничкиот развој. Во еден чувствителен регион од низа аспекти не е воопшто лесно да најдете обединувачки момент и енергија. Ние тој момент и енергија го најдовме токму во реката Дрим и заклучивме дека заштитата на животната средина мора да ја искористиме за да го промовираме заедништвото и да го осигураме развојот на нашите држави“, истакна Темелковски, изразувајќи уверување дека Денот на Дрим ќе стане традиција, основа за напредок и симбол на заедништвото.
Интенција на манифестацијата е праку вакви активности да се зголеми сензибилизацијата на јавноста за вредностите и значењето на Дримскиот Басен и за управувањето со екосистемот на Дрим во прекуграничен аспект. Денот на Дрим се очекува да ја интензивира прекуграничната соработка во басенот и да отвори нови можности за проток на луѓе, добра, информации и заеднички активности.
Дејан Пановски, македонскиот претставник во т.н. „Дрим-кор“ групата што го спроведува проектот Дримски Басен, од своја страна истакна дека Дримскиот дијалог поставил цврста основа и доверба меѓу петте држави вклучени во процесот, поддржан од Обединетите нации.
„Изградената доверба доведе до она што ни беше вистински Дрим, вистински сон… Никој не вели дека управувањето ќе биде лесно. Ќе има многу предизвици. Нивото на водите, енергетските потреби, еколошките баланси, земјоделството, туризмот. Но, фактот што денес во пет градови, Улцињ, Пеќ, Скадар, Поградец и тука во Струга, граѓаните прославуваат за себе и за својата одржлива иднина. Фактот што институциите во Басенот, ‘Дрим-кор’ групата и работните тела се формирани е, исто така, круцијална појдовна точка. Фактот што меѓународните фактори се тука со нас низ проектите е голема шанса, а фактот што зад нас стои силно изразена политичка волја на државите од Басенот е момент кој треба и мора да се искористи“, истакна Пановски.
Денешниот настан се спроведува во рамки на Дримскиот проект CORDA, а во организација на Билатералниот секретаријат за Охридско Езеро преставен во „Дрим-кор“ групата и Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид.

Испрати коментар

Scroll To Top