Патувачката изложба „Нова религија” на познатиот британски уметник Демијан Хирст отворена е во Музејот на современата уметност на Република Српска во Бања Лука, а ќе биде отворена за сите до 27 мај 2016 година.
Британскиот уметник Демијан Хирст, добитник на престижната Тарнерова наградата и најзначаен претставник на Young British Artist’s (YBA) во Велика Британија, со својот голем уметнички проект се претставува за прв пат во наша близина, односно во Босна и Херцеговина. Изложбата „Нова религија“, по нејзиното првично претставување во Лондон во 2005 година, како и по презентациите во престижните музеи и галерии во Велика Британија, Италија, Грција, Русија, Норвешка и Полска, овој пат фокусот е на Југоисточна Европа.
Четириесет и четири графики изработени во техниката ситопечат и четири скулптури коишто ја сочинуваат изложбата „Нова религија“ функционира како циклус на фрески – почнувајќи од Создавањето на светот, преку Патот на крстот, до Страшниот суд.
Со изложбата „Нова религија” Хирст сака да ги охрабри луѓето на размислување за четирите важни нешта во животот: религија, љубов, уметност и наука, кои, според него, се инструменти кои помагаат човекот да го најде сопствениот начин на живот.
По поставката во Музејот на современа уметност на Република Српска во Бања Лука, изложбата „Демијан Хирст: Нова религија“ во текот на 2016 година ќе биде претставена во Македонија, Србија и Казахстан.