Насловна / Архитектура / Деловен објект „Прокредит банка“ во Скопје: Отвореноста е новата сигурност што еден објект треба да ја покаже

Деловен објект „Прокредит банка“ во Скопје: Отвореноста е новата сигурност што еден објект треба да ја покаже

Општата слика за архитектонското творештво во Македонија, глобално не може да предизвика некоја позитивна перцепција. Сепак, поединечно, дел од архитектите прават напори во архитектонскиот израз да ја потенцираат современета  димензија на архитектурата и претставата за неа. Ова нè водеше нас, во „Радиус архитекти“, и при конципирањето на деловниот објект на „Прокредит банка“.VX7_7020

Во денешно време, првата слика која ни се појавува кога ќе се спомне деловен објект изграден во Република Македонија, е сликата на едноволуменски објект со „предна“ и „задна“ фасада, конципиран со длабоки канцеларии распоредени по еден долг, слабо осветлен централен ходник. Во последните 20 години, оваа типологија на административни згради е доминантна, и на некој начин ја отсликува македонската транзициска архитектура. Длабоките, мрачни и тесни канцеларии ја нагласуваат монотоноста на осумчасовното канцелариско работење, а долгите ходници без визури ги „гетоизираат“ вработените во сопствените простори – коцки.VX7_7027 copy VX7_7024

ДИНАМИЧНОСТ И ДОСТАПНОСТ

Оваа „затвореност“ е уште повидлива кога станува збор за банка како деловен објект, која традиционално е објект од затворен тип. Со ваква типологија не само што не се обезбедуваат хумани услови за работа на вработените, туку во градското јадро ваквите градби претставуваат здодевни и одбивни места.

Како објекти, банките традиционално имаа една конзервативна амбиција да покажат доминација, сигурност, традиција, недостижност, но со промените што настанаа во банкарското работење во последната декада, тие веќе добиваат современа димензија, според која не се претставуваат како недостапни, туку сакаат клиентите да ги доживуваат како отворени и поблиски до нив.  Сликата на бавна администрација со многу сложени процедури се менува во слика на динамичност, достапност и отвореност. Овие три принципи ги зедовме како главна визија при проектирањето на објектот на „Прокредит банка“.VX7_7191 copy VX7_7190

Целта на ваквата визија е да се добијат хумани услови за работа на корисниците на објектот. Под корисници на објектот ги подразбираме вработените во банката, зашто тие се оние што половина од својот активен ден го поминуваат во тој простор. Меѓутоа, иако клиентите на банката се посетители во објектот и во него се задржуваат кратко време, архитектонското решение мора и ним да им понуди привлечно место за посета, со пријатна атмосфера додека се во него.VX7_7129

Под динамичност не подразбираме простор кој формалистички отсликува динамика, туку ви овозможува динамиката да ја доживеете кога се движите низ него – да ви се отвораат нови погледи во различни насоки и по хоризонтала и по вертикала.VX7_7141

Под достапност не мислиме на физичка достапност за лица со посебни потреби. Тоа се стандарди за кои не треба да се дискутира, и архитектурата не би требало да се цени по тие стандарди. Нив секој објект треба да ги има. Под достапност подразбираме објект кој нема да ве застрашува со својата појава, објект кој ќе биде човекомерен. Овој аспект се испреплетува со отвореноста, што во нашето практикување е водечката идеја на нашиот мисловен процес. Отвореноста на самиот објект кон надворешноста и отвореноста на внатрешниот простор кон другите делови од објектот.VX7_7101 VX7_7097 VX7_7095 copy

Отвореноста е новата сигурност што еден објект треба да ја покаже. Во минатото, сигурноста се покажуваше со физичка затвореност, но во дигиталната ера физичкото е сведено на минимум. Сигурноста веќе не е физичка, туку таа се добива преку довербата. Отвореноста значи постоење на меѓусебна доверба ‒ доверба меѓу вработените и доверба меѓу банката како институција и нејзините клиенти.VX7_7078 VX7_7075

За да се имплементираат овие принципи, од другата страна на процесот на проектирање ви се потребни партнери со кои ќе делите исти или слични визии. За наша среќа, нашиот партнер од другата страна, „Прокредит банка“ ги има истите начела во своето работење, со што овие визии за објектот можеа да се реализираат.

ДИСПОЗИЦИЈА И ОТВОРЕНОСТ НА ОБЈЕКТОТ

Контекстот на локацијата и нејзиниот планиран развој во голема мера ја одредија диспозицијата на објектот и ориентацијата на просториите, како и нивната разместеност во самиот објект. Локацијата е ограничена со улици од северната и од источната страна и со соседни парцели од јужната и западната страна.VX7_7070 VX7_7069

Зададената површина за градење се протега по оската исток-запад, што значи дека објектот би требало да има доминантна ориентација кон југ и север. Но, во непосредна близина (на растојание од 12 м) долж јужната страна на локацијата е планирано да се изгради  шеесетметарски објект. Во тој случај, деловите од објектот, кои би биле ориентирани кон југ, би имале недоволно природно осветлување и лоши визури. Со цел да се пропушти природната светлина низ објектот, како и да се отворат визури кон надворешноста, произлезе концепт на објект составен од три волумени кои се издигнуваат од аголот на двете улици кон внатрешноста на локацијата.

Овие три волумени во голема мера претставуваат и три програмски целини. Во јужниот дел се сместени експозитурата и салите за обуки и тренинг, простории кои не се користат во текот на целиот работен ден. Во североисточниот волумен се сместени влезниот хол и менаџерските канцеларии. Во највисокиот волумен се сместени поголемиот дел од административните простории. VX7_7045

Со издигнувањето на овој волумен се отвори можност за негова ротација, нормално на подолжната оска на површината за градење, со што се избегна јужната ориентација, која е блокирана со високиот соседен објект. Со оваа ротација, овој дел се ориентира кон исток и запад. На овој начин, поголемиот дел од канцелариите добиваат поголема природна осветленост и широки визури.

Водени од идејата за отвореност и динамика на објектот, посебно внимание му посветивме на централниот простор, кој внатрешно ги поврзува овие три волумени. Централниот простор претставува влезен хол кој се протега по три висини, каде што се испреплетуваат хоризонталните и вертикалните комуникации. Дополнителна динамика и осветлување на овој дел му дава и лантерната над холот која, заедно со рамните зазеленети проодни тераси, на централниот простор му даваат повеќе отворен отколку затворен карактер.

ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ФЛЕКСИБИЛНОСТ

Идејата за креирање на отворен објект е надополнета со употребата на транспарентните стаклени ѕидови помеѓу просториите и ходниците ‒ галериите. На овој начин, секој вработен има поглед кон целиот објект. Не се чувствува изолирано, туку како учесник во една целина.VX7_7157 VX7_7218 VX7_7212

Динамиката и флексибилноста на работењето на самата банка и неговото приспособување кон новонастанатите општествено-економски потреби, бара простор кој и самиот ќе биде приспособлив. Во денешно време, промените во моделите на бизнис-работењето се толку чести, што потребата од флексибилност и приспособливост на просторот се покажа уште при самата изградба.

Затоа, при изработка на проектот, за да се обезбеди флексибилност на внатрешните простории, користевме проектантски модул од 115 см, што претставува половина потребен простор за еден вработен. На овој начин е овозможена флексибилност на преградните ѕидови за некој иден развој на објектот. Модулот е потенциран и на надворешните ѕидови кои, всушност, се обвивка која е независна од внатрешниот функционален распоред. VX7_7024

Удобноста на еден објект во денешно време е незамислива без употреба на современи технологии и материјали. Објектот е проектиран со високо ниво на енергетска ефикасност, со употреба на материјали за топлинска и звучна изолација и технолошки системи за заштеда на енергија, кои се управувани со менаџмент-систем. Материјалите што се користени во изградбата на објектот се еколошки, што беше и едно од главните барања на тимот на „Прокредит банка“._DSC1196 _DSC1189 _DSC1141 _DSC1125

„Радиус архитекти“ беа ангажирани и за комплетното ентериерно уредување на објектот. Изборот на употребените материјали и колоритот на ентериерот беше направен во согласност со стандардите што претходно ги поставивме во ентериерната обработка на сите експозитури на „Прокредит банка“ во Македонија.PCB_Situacija-page-001 PCB HQ graficki prilozi-page-001

Истиот израз го користевме и во ентериерот на деловната зграда. Минималистичките линии, со доминација на белата боја и со употреба на материјали со дрвена структура, заедно со зеленилото во објектот, даваат смирен и релаксиран простор за работа.

Деловен објект „Прокредит банка“, Скопје

Проектанти: „Радиус архитекти“, Скопје

Година: 2016

Површина: 6.000 м2

Локација: ул. Манапо / бул. Илинден, Скопје, Р. Македонија

 

Пишува: Мартин Пановски, дипл.инж.арх.

 

Испрати коментар

Scroll To Top