Видеопроекции од македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски неделава ќе бидат прикажани на изложби во Шпанија и во Кина.
Во културниот центар „Матадеро“ во Мадрид, Шпанија, Попоски ќе се претстави на уметничкиот фестивал „Интермедиа“, кој е отворен до 17 септември 2017. Видеото на Попоски е дел дел од меѓународниот уметнички проект „ДВД проект”, во кој учествуваат уметници од 17 земји.
Во Кина видеоарт и дигитални графики на Попоски ќе бидат дел од големата изложба во Уметничкиот музеј во Шијан, насловена „Патување на имагинацијата по патот на свилата”. На изложбата учествуваат триесетина уметници од Кина, Тајланд, Виетнам, Шри Ланка, Индија, Франција, Португалија, Полска, САД, итн. Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври 2017.
Уметничкиот музеј во Шиан е еден од најголемите понови музеи во Кина, посветен е на меѓународната современа уметност и годишно привлекува над 800.000 посетители.
Зоран Попоски (1974, Скопје) магистрирал уметност во нови медиуми во Линц и во Њујорк, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано повеќе од 70 меѓународни изложби и е добитник на неколку меѓународни награди за уметност. Негови јавни уметнички проекти се презентирани во Њујорк, Скопје, Даблин, Хонг Конг, итн. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.