Во виенската галерија Белведере презентирана е изложба на сликарот Салвадор Дали. Поставката се занимава со влијанијата на теоријата на соништата на Фројд врз уметноста на Дали на надреални пејзажи во кои владее атмосфера на страв, копнеж и опсесија.
Moi-même à 10 ans quand j’étais l’enfant-sauterelle (1933)
Церемонијата на отворање беше поместена од викендот во понеделник, бидејќи се најави шпанската кралска двојка, па јавните влогови се зголемија. Но, и без кралски гости, ова е кралски настан.
Изложбата ги следи 30-тите години на минатиот век, кога тогаш младиот шпански сликар Салвадор Дали ги открил делата на Фројд и решил да ги претвори во основа на својата уметност. Платната од тој надреалистички период покажуваат како Дали, под влијание на теоријата на соништата на Фројд, ја отворил вратата на своите внатрешни демони и ги пуштил во медиумот сликарството – каде што живеат и денес.
Портрет Сигмунд Фројд (1938)
„Организацијата беше голем предизвик – од една страна уметник од светска класа чии слики тешко се позајмуваат, од друга тесна тема. Горди сме на резултатот, бидејќи целта не беше да видиме што можеме да добиеме, туку што се вклопува во концептот. Фројдовата фаза на Дали е секако клучот за разбирање на неговата подоцнежна популарна фаза“, вели Стела Ролинг, директорка на Галерија Белведере.
Le jeu lugubre (1929)
Дали неколку пати минувал низ Виена обидувајќи се да дојде до својот идол, но неврофизиологот и психолог Фројд постојано одбивал да го прими, како гостин во секој случај. Дури во јули 1938 година, во лондонскиот егзил на Фројд, дошло до средба. На сликарот му било важно лично да му објасни на таткото на психоанализата како под негово влијание дошол до таканаречениот параноично-критички метод во сликарството, кој станал знак за препознавање на надреализмот на Дали.
Remorse, Sphinx Embedded in the Sand (1931)
„Параноично-критичкиот метод на Дали се препознава во техниката на двојни слики, игри со перспективата и паралелни реалности, што создава чувство на параноја. Кога две години подоцна се преселил во Америка, Дали забележал дека постојат теми кои му носат поголем публицитет и станал шоумен. Во она што следува, тој ги користел фројдовските теории само анегдотски. Но, делата што ги создавал до 1939 година се апсолутен врв. И потоа сликал извонредно, но од гледна точка на историјата на уметноста никогаш не ги повтори своите претходни достигнувања“, изјави Хаиме Брихуега, кустосот на изложбата.
Paranoia (1935)
По еднократното дружење со Дали, Фројд му рекол на посредникот на средбата, Стефан Цвајг: „Досега за надреалистите мислев дека се апсолутни будали, или како алкохолот, 95 отсто. Поради младиот Шпанец со невино-фанатични очи и неговата маестрална сликарска техника, ќе морам да се корегирам“. Не кажал колкав процент.