Мостот „Беласица“ кој минатиот четврток се запали ќе биде затворен најмалку една година, вели деканот на Градежниот факултет од Скопје, професот Горан Марковски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Марковски утрото по пожарот на, како што вели „колегијално барање на колегите од Град Скопје, а не официјално“ бил на увид и од првичните сознанија постои сериозен ризик за безбедноста на мостот.
„Високите температури штетат на три составни компоненти на мостот, односно на бетонот, обичната арматура и најкритична точка се каблите кои се внатре во бетонот на мостот. Каблите се изработени од високо вреден челик, тие се многу чувствителни на високи температури и ги губат своите карактеристики ако дојдат до контакт со висока температура. Прашањето е, односно треба да се утврди која температура стигнала до нив и дали нивната носивост е нарушена. Тоа не е ни малку лесно, бара сериозна истрага и не е добар ваквиот лежерен однос на институциите“, вели Марковски.
Град Скопје досега уште не ангажирал тим од Градежниот факултет и стручни лица кои ќе извршат испитувања на мостот, ќе направат извештај и ќе дадат насоки што понатаму, односно каква реконструкција е потребна.
„Најмалку една година мостот ќе биде затворен. Мој предлог е да се најде сериозна компанија која по анализата за оштетувањето ќе направи и проект и ќе ја врши реконструкцијата. Ако се тера јавна набавка за проектирања, па јавна набавка за изведувач, две години ќе бидат потребни мостот да се врати во функција. Деликатен е проблемот, треба знаење, опрема и правилни одлуки“, додава Марковски.
Мостот „Беласица“ кој поради пожарот е затворен за возила и пешаци почна да го гради поранешниот градоначалник Ристо Пенов, а беше пуштен во употреба на Денот на независноста, 8 Септември 2005 година, неколку месеци по доаѓањето на функција на поранешниот градоначалник Трифун Костовски. Изградбата на мостот чинеше 3 милиони евра.